Свет
Невремето во Италија ги зема првите жртви: три лица загинаа, десетици луѓе се евакуирани
Телата на две лица кои беа пријавени како исчезнати за време на бурата на северот од Италија беа пронајдени денес, соопштија пожарникарите, со што бројот на жртви во таа област се искачи на три.
Телата на 64-годишен маж и неговиот 33-годишен син, чиј автомобил бил однесен од порој, биле пронајдени во близина на Виченца во североисточната покраина Венето. Претседателот на покраината Венето, Лука Заија, изрази сочувство до жената која ги загуби сопругот и синот и рече дека станува збор за „незамислива трагедија“.
Двајцата се пријавиле како волонтери и биле на пат да помогнат во спасувачките операции кога се случила несреќата.
Во четврток, деведесетгодишен маж беше пронајден во неговата поплавена куќа во Пиемонт, на северозападниот дел од земјата.
Северот на Италија, како и француските и швајцарските Алпи, беа погодени од обилни дождови во четврток, кои на поголемите надморски височини се претворија во снег, што доведе до бројни блокади на патиштата поради лизгање на земјиштето и поплави.
Десетици луѓе мораа да бидат евакуирани од поплавените подрачја, понекогаш со своите домашни животни. Во долината Аоста, околу 5.000 семејства останаа без електрична енергија во четвртокот вечерта, објави локалната компанија за дистрибуција на електрична енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кој е Али Ларијани, човекот што ја презема лидерската функција во Иран?
Иранскиот политички ветеран Али Ларијани во неделата соопшти дека ќе се воспостави привремено раководство откако во воздушен напад беше убиен врховниот водач ајатолах Али Хамнеи, пренесе Ројтерс. Ларијани минатата година повторно се издигна како една од највлијателните фигури во безбедносната структура на Иран.
Тој раководел со широк спектар прашања – од нуклеарните преговори и регионалните односи, до одговорот на властите на внатрешните немири. Во август беше именуван за секретар на Врховниот совет за национална безбедност, функција што ја извршувал и претходно.
Како близок соработник на Хамнеи, Ларијани учествувал во подготовките за индиректни нуклеарни разговори со САД во Оман, а во изминатите месеци повеќепати патувал и во Москва на средби со руското раководство. Тој зазема прагматичен тон за нуклеарното прашање, наведувајќи дека загриженоста на САД може да се реши, но истовремено истакнал дека иранската нуклеарна технологија „не може да се уништи“.
САД во јануари му воведоа санкции, обвинувајќи го дека имал водечка улога во задушувањето на антивладините протести. Американското Министерство за финансии соопшти дека Ларијани повикал на насилен одговор против демонстрантите, додека организациите за човекови права наведуваат дека во пресметките биле убиени илјадници лица.
Ларијани бил претседател на парламентот од 2008 до 2020 година и важи за влијателна фигура која одржува односи со различни фракции во системот. Роден е во 1958 година во Наџаф, во угледно клерикално семејство, а докторирал филозофија во Иран.
Фото: ЕПА
Свет
(Видео) Нереди во Багдад, демонтранти на улиците бесни поради смртта на Хамнеи
Демонстранти во Багдад се обиделе да упаднат во строго чуваната Зелена зона, каде што се наоѓа и американската амбасада, како реакција на убиството на иранскиот врховен водач, пренесува Си-Ен-Ен.
Судири избиле на Мостот 14 Јули, кој води кон Зелената зона. Според снимка до која дошол медиумот, се гледаат блесоци и чад, по што демонстрантите се повлекле.
🇮🇶🇺🇸🇮🇷 – IRAK / ETATS-UNIS / IRAN
🔸Affrontements violents dans la Green Zone à Bagdad en Irak avec des manifestants anti-US. https://t.co/xJwR8wkYMQ pic.twitter.com/qgDiLal9ml
— NEXUS (@nexus_osint) March 1, 2026
Истовремено, протести се одржале и во јужните покраини Ди Кар и Басра, каде што граѓаните марширале и скандирале.
Ирачката влада прогласи тридневна жалост и изрази сочувство до Иран. Владата соопшти дека заедничкиот американско-израелски напад врз Иран бил „очигледен чин на агресија и дело вредно за осуда што ги крши сите хуманитарни и морални норми“.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.

