Свет
Нетанјаху: Запирањето на војната во Газа сега ќе го задржи Хамас на власт
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху силно ги отфрли барањата на Хамас за прекин на војната во Газа во замена за ослободување на заложниците, велејќи дека тоа ќе ја задржи палестинската исламистичка група на власт и ќе претставува закана за Израел.
Нетанјаху рече дека Израел е подготвен да ги прекине борбите во Газа за да обезбеди ослободување на заложниците кои сè уште ги држи Хамас, за кои се верува дека ги има повеќе од 130.
„Но, кога Израел покажа подготвеност, Хамас остана вкоренет во своите екстремни позиции, чие прво барање е да ги повлече сите наши сили од Појасот Газа, да стави крај на војната и да го остави Хамас на власт“, рече Нетанјаху. „Израел не може да го прифати тоа“.
„Хамас може да го исполни своето ветување дека ќе ги извршува своите масакри, силувања и киднапирања повторно и повторно“, додаде тој.
Преговорите за прекин на огнот со египетските и катарските посредници продолжија во неделата во Каиро, без очигледен напредок бидејќи исламистичката група остана на своето барање дека каков било договор мора да стави крај на војната во Газа, изјавија палестинските власти.
Палестински претставник близок до разговорите рече дека делегацијата на Хамас пристигнала во Каиро решена да постигне договор „но не по секоја цена“. „Договорот мора да стави крај на војната и да обезбеди повлекување на израелските сили од Газа, а Израел сè уште не се обврзал на тоа“, изјави претставникот за Ројтерс, барајќи да остане анонимен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Вирусот на птичји грип е пронајден во говедско месо во САД
Вирусот на птичји грип е пронајден во говедско месо во САД, но официјални лица изјавија дека месото потекнува од една болна млечна крава и дека не било дозволено да се најде во продавниците во земјата, соопшти американското Министерство за земјоделство.
Надлежните прецизираат дека говедското месо останува погодно за консумирање.
Министерството соопшти дека вирусот бил откриен за време на тестирањето на 96 млечни крави кои биле извадени од производната линија бидејќи федералните инспектори забележале знаци на болеста при рутински прегледи на трупови во погоните за преработка на месо. Птичји грип е пронајден само кај една од овие крави.
Птичјиот грип е пронајден во стадата млечни говеда во девет држави, откриен е во млеко и предизвика уништување на милиони кокошки и мисирки. Сепак, неговото откритие во говедско месо е новост за епидемијата што започна во 2022 година.
Регион
Состојбата на словачкиот премиер Фицо се подобрува
Лекарскиот тим, што се грижи за словачкиот премиер Роберт Фицо, по минатонеделниот атентат денеска потврди дека неговата состојба е субјективно подобрена, соопшти прес-службата на словачката Влада.
Фицо се лекува во болницата „Рузвелт“ во Банска Бистрица.
Тој беше застрелан минатата среда од 71-годишниот писател Јурај Цинтула, кој веднаш беше приведен од полицијата.
Регион
Лоцирани се остатоците од авионот што се урна во близина на Загреб
Лоцирани се остатоците од авионот што се урна попладнево во близина на Загреб. Неофицијално се дознава дека три лица преживеале, додека едно лице починало, јавува 24сата.
„Денеска во 15 часот и 51 минути е добиена дојава за пад на мал спортски авион во шумата јужно од Керестинац. Полициски службеници излегоа на терен, се укажува помош на повредените, местото на настанот е обезбедено“, соопштија од полицијата.
Авион од типот „Цесна“ кој се користел за скокови со падобран, се урна попладнево во близина на Загреб. Според неофицијални информации, во него имало четворица членови на екипажот.
Најверојатно се работи за спортски, тренинг или туристички авион кој се урнал во недалеку од пистата во загрепската населба Јеждовец.