Свет
Нетанјаху: Израел ќе употребува сила против Хезболах додека не се вратат жителите на север

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека неговата земја ќе употребува сила против Хезболах во Либан додека жителите на северен Израел не се вратат дома.
„На Хезболах му нанесуваме удари кои не можеше да ги замисли, тоа го правиме со сила и со трикови. Можам да ви ветам едно: нема да застанеме додека не се вратат дома“, рече Нетанјаху во видео пораката што ја објави неговиот кабинет, пренесе Франс прес.
Неименуван израелски функционер во меѓувреме изјави за Си-Ен-Ен дека Нетанјаху и дал дозвола на неговата влада да се приклучи на напорите на САД да посредува за прекин на огнот во Либан.
Нетанјаху даде одобрение под услов каков било договор да им дозволи на израелските цивили да се вратат во своите домови во северен Израел и подоцна додаде дека нема да мирува додека тоа не се случи.
Советникот на Белата куќа Амос Хохштајн е вклучен во преговорите за прекин на огнот, но Американците не разговараат директно со Хезболах.
Си-Ен-Ен денеска објави дека САД итно работат на план за намалување на тензиите меѓу Хезболах и Израел поради зголемената загриженост дека конфликтот може да ескалира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Америка и Израел ги повлекуваат преговарачите од Доха

Американскиот претставник Стив Виткоф објави дека владата на претседателот Доналд Трамп одлучила да го повлече својот преговарачки тим за мир во Газа од Доха на консултации, откако слична одлука беше објавена од канцеларијата на израелскиот премиер.
„Одлучивме да го донесеме нашиот тим дома од Доха на консултации, по последниот одговор од Хамас кој јасно не покажува волја за постигнување прекин на огнот во Газа“, напиша Виткоф на платформата X.
„Сега разгледуваме алтернативни опции за враќање на заложниците дома“, додаде тој.
Откако неговата канцеларија го објави повлекувањето на преговарачите, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Хамас не треба да ја толкува подготвеноста на Израел да преговара за примирје како „слабост“.
„Работиме на постигнување нов договор за ослободување на нашите заложници. Но, ако Хамас ја гледа нашата намера да го сториме тоа како слабост и можност да ни наметне услови за предавање што би ја загрозиле државата Израел, тоа е сериозно погрешно“, рече тој од Ерусалим.
Хамас денес објави дека одговорил на предлогот што предвидува ограничен 60-дневен прекин на огнот во Газа.
Одговорот на Хамас вклучува олеснување на влезот на хуманитарна помош во Газа, мапи на областите од кои треба да се повлече израелската армија и гаранции за траен прекин на непријателствата, изјави палестински извор за АФП.
Израел потврди дека го добил одговорот на Хамас, а кратко потоа објави дека ги повикал своите преговарачи од Доха за да се консултираат за одговорот на Хамас.
Фото: принтскрин
Свет
Кукаст крст откриен за време на тајно гласање во германскиот парламент

За време на тајно гласање во парламентот на германската сојузна покраина Баден-Виртемберг, на едно гласачко ливче бил откриен нацистички симбол, таканаречениот „Хакенкројц“, односно нацистичкиот крст. Инцидентот предизвика шок и негодување кај пратениците и го покрена прашањето за безбедноста и етиката на парламентарните процедури, пишува списанието „Феникс“.
Претседателката на Ландтагот, Мухтерем Арас од Зелената партија, остро го осуди инцидентот. „Тоа е под секое ниво. Срамота е за овој парламент“, рече Арас, додавајќи дека тоа е кривично дело бидејќи ваквите симболи се забранети со уставот во Германија.
Таа исто така спомена дека не било можно да се открие сторителот бидејќи гласањето било тајно. Десничарската партија АфД, која ги имаше своите кандидати на гласачкото ливче, веднаш се огласи и се дистанцира од настанот. „Остро отфрламе каква било поврзаност со овој чин“, рече Мигел Клаус, пратеник од АфД. Тој, исто така, ја критикуваше претседателката Арас, наведувајќи дека таа „сугестивно имплицирала“ поврзаност на неговата партија со инцидентот.
Од друга страна, СПД реагираше уште поостро. Парламентарниот секретар Саша Биндер побара одговорност. „Кој и да го сторил ова не е достоен за ова место и треба веднаш да го врати мандатот. Тоа е апсолутно одвратно“, рече Биндер.
Фото: принтскрин
Свет
Аракчи: Иран ќе го брани своето право да збогатува ураниум

Иран ќе ги брани своите права врз нуклеарната програма, вклучително и збогатувањето ураниум, на разговорите закажани за петок со Франција, Велика Британија и Германија (Е3), изјави денес министерот за надворешни работи на земјата, Абас Аракчи.
Министерот во видео објавено денес од државните медиуми во Иран изјави дека земјата секогаш е подготвена да ја унапреди својата нуклеарна програма на логичен начин, со цел да ги увери земјите кои можеби имаат загриженост, пренесува Ројтерс.
Договорот за одржување состанок на претставници на Иран, Велика Британија, Франција и Германија во Истанбул беше постигнат по предупредувањето на овие три европски земји дека неуспехот да се продолжат преговорите ќе доведе до повторно воведување на меѓународни санкции врз Иран, пренесува Танјуг.
Како што претходно беше најавено, состанокот на претставници на Иран и Е3 ќе се одржи на ниво на заменик-министри за надворешни работи.
Фото: принтскрин