Европа
Нехамер го поддржува предлогот на Макрон за политичка заедница на ЕУ
Австрискиот канцелар Карл Нехамер ја поддржува идејата на претседателот на Франција за нова политичка унија на ЕУ со можни идни членки како Украина.
Нехамер посочува дека Западен Балкан е исто толку важен геостратешки и додаде дека идејата на Макрон сè уште не е конкретна.
„Потребен ни е меѓучекор, кој е нешто повеќе од кандидатски статус и кој во суштина не менува ништо, туку обезбедува пристапна перспектива“, објасни австрискиот канцелар.
Нехамер ја поддржа таа идеја на конгресот на Европската народна партија (ЕПП), каде француската иницијатива беше остро критикувана, како што неодамна направи и претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Нехамер потсети дека Австрија е членка на Европската економска област и дека станала членка на ЕУ во 1994 година. Поддршката за францускиот предлог тој ја образложи со блокадите во пристапниот процес со кои се соочуваат кандидатите. Тој рече дека во моментов нема хомоген став на шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ во однос на кандидатскиот статус за Украина.
Нехамер, кој внимателно ја слушаше дискусијата за Украина, подвлече дека не смееме да го заборавиме Западен Балкан.
„Ако на кандидатскиот статус на Украина му се даде перспектива за надеж, а се двоумиме за Западен Балкан, тогаш регионот нема да го разбере тоа“, им рече тој на новинарите. Австрискиот канцелар посочи дека земјите од Западен Балкан веќе исполниле многу услови за приближување кон ЕУ.
„Има многу ангажман во регионот и треба да го сфатиме сериозно“, рече тој, истовремено критикувајќи ја незаинтересираноста на другите членки на ЕУ за Западен Балкан.
Тој рече дека, со исклучок на неговите хрватски колеги, тој е првиот премиер на ЕУ кој по долго време го посетил Балканот.
„Тоа мора да се промени, бидејќи Западен Балкан е геополитички важен како Украина. Мора да се каже така, иако такво нешто не сака да се слушне“, рече Нехамер.
Секако, додава тој, нема потреба да се создава ситуација на конкуренција меѓу Украина и Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Зеленски: Важно е дека коалицијата денес има конкретни документи, тоа не се само зборови
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е усвоена „суштинска“ декларација за безбедносни гаранции за Украина.
Во изјавата тој рече: „Важно е дека коалицијата денес има конкретни документи. Ова не се само зборови. Постои јасна содржина: заедничка декларација од сите земји од коалицијата и трилатерална декларација од Франција, Обединетото Кралство и Украина“.
Европа
Велика Британија ќе распореди војници во Украина во случај на мир
Канцеларијата на британскиот премиер Кир Стармер соопшти дека потпишувањето на „декларацијата за намера“ е јасен сигнал дека Обединетото Кралство ќе распореди војници во Украина во случај на мировен договор.
Во соопштението од Даунинг стрит се вели дека ова е „клучен дел од силната и долгорочна посветеност на Велика Британија“ за поддршка на Украина.
Најавено е дека Мултинационалните сили за Украина ќе дејствуваат како безбедносна сила за зајакнување на безбедносните гаранции и ќе ѝ помогнат на Украина да се врати во мир и стабилност, истовремено поддржувајќи ја обновата на сопствените вооружени сили.
Додадено е дека потпишувањето на декларацијата го отвора патот за воспоставување правна рамка за дејствување на британските и француските сили на украинска територија, вклучително и заштитата на украинското небо и море. Канцеларијата на премиерот, исто така, изјави дека денешните разговори ги детализирале механизмите за распоредување на силите на терен и дека Обединетото Кралство и Франција ќе воспостават воени центри низ цела Украина по прекинот на огнот, како и заштитени објекти за оружје и воена опрема.
Европа
Макрон: Продолжуваме да ја поддржуваме Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Париз ќе продолжи да ги поддржува украинските сили на фронтот и ќе обезбеди 800.000 украински војници за да може украинската армија да ги одврати заканите и да ги постави темелите за безбедноста по прекинот на огнот.
Тој во изјава рече дека Франција, заедно со Соединетите Американски Држави, ќе се фокусира на идниот просперитет на Украина и ќе ја забрза работата на постојните иницијативи.
„Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина во сите предизвици со кои се соочува во моментов, како и цивилите кои остануваат цел на руските напади“, рече Макрон.

