Свет
Нова драма над Црното Море: руски „су-27“ се обиде да собори украински дрон
Турските медиуми објавија снимка за која тврдат дека покажуваат како „су-27“ на руските воздухопловни сили се обидува да собори украинско беспилотно летало „бајракатар ТБ2“.
Видеото е објавено пет дена откога два авиона „су-27“ го соборија американскиот воздухоплов MQ-9 Reaper во водите на Црното Море.
Турските медиуми тврдат дека овој инцидент се случил и над водите на Црното Море.
SavunmaSanaiiST.com објави видео во кое тврди дека дронот е украински, а дека се верува оти ловецот „су-27“ се обидел да го собори.
На видеото се гледаат два обида за соборување на „бајрактар ТБ2“. Не е јасно дали двата обида биле направени од ист ловец или, како што беше случајот со американскиот дрон, беа вклучени два ловци.
Во двата обида дронот силно се тресе, но успева да си ја врати позицијата и не се урна во водите на Црното Море. Се гледа дека дронот дури успева да одржи висина на летот над 5 километри.
Турските експерти сугерираат дека дронот не се урнал бидејќи за разлика од нападот на американскиот MQ-9, во овој инцидент рускиот ловец не успеал да го оштети задниот пропелер на дронот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Најмалку две лица загинаа, а голем број се повредени во торнадото во Тексас и Оклахома
Најмалку две лица загинаа, а голем број се повредени во торнадото што ги погоди американските сојузни држави Тексас и Оклахома.
Торнадото предизвика штети на автопатот што ги поврзува двете држави, како и на домови и далноводи во бројни градови во Тексас, Оклахома и Арканзас, оставајќи 250.000 домаќинства без струја.
„Торнадо го погоди округот Дентон во саботата вечерта, а нема извештаи за повредени“, соопштија локалните власти.
Регион
Непознат маж се обидел насилно да влезе во пилотската кабина на авионот на аеродромот Гардермоен во Осло
Непознат маж се обидел насилно да влезе во пилотската кабина на авионот на „Норвешка Ер“ на аеродромот Гардермоен во Осло, кој требало да полета на летот DI1990 за Сплит во 6.50 часот, а кога не успеал, се заклучил во тоалетот во задниот дел од авионот, објави хрватски Дневник.
Норвешката полиција подоцна го идентификуваше лицето како 23-годишен хрватски државјанин.
Мотивите за овој чин засега не се познати.
Авионот бил полн со патници кои главно патувале во централна Далмација на одмор. Повеќето од нив не забележале дека се случува нешто необично, дури ни оние што седеле напред.
„Авионот веќе полета и додека се движеше кон делот од пистата, наеднаш застана. Првото известување до пилотот било дека има технички проблеми и дека мора да застанат. Полицајците влегле во предниот дел и по краток разговор се упатиле назад каде што се заклучил. Во авионот имало тепачка, сите сакале да видат што се случува, па не било јасно дали полициските сили влегле во тоалетот или патникот сам се предал. Секако, тројца полицајци му ставиле лисици и преку пистата го одвеле до аеродромската зграда“, изјави еден од патниците кој со сопругата патувал за Водице, Хрватска.
Како што подоцна соопшти полицијата, патникот не бил во алкохолизирана состојба или под дејство на други опијати. Засега не е познато кои биле неговите крајни намери.
По завршувањето на сите формалности, новиот лет за Сплит пристигна околу 9 часот.
Компанијата им се извини на сите патници за доцнењето од два часа.
Свет
Седум бебиња загинаа во голем пожар во болница во источниот дел на Њу Делхи
Седум бебиња загинаа во голем пожар во болница во источниот дел на Њу Делхи, а пет се спасени и префрлени во друга болница, соопштија денеска локалните власти.
Сопственикот на болницата за бебиња во која избувна пожарот во саботата е во бегство, соопшти полицијата.
Како што пренесе Тајмс оф Индија, пожарот е ставен под контрола, а истрагата за причините за несреќата е во тек.