Свет
Новинар од Ерусалим: Израел подготвува голема копнена операција во Газа, можна е хуманитарна катастрофа
Израелците се подготвуваат за голема копнена операција во Појасот Газа, која не ја направиле најмалку 10 години и која е многу опасна и за нивните војници и за палестинските цивили во таа област, каде што е можна хуманитарна катастрофа, изјави денес за „Танјуг“ новинарот на АП, Џон Гамбрел, кој се наоѓа во Ерусалим.
На прашањето каква е моментната ситуација во зоната на дејствување и во Ерусалим, Гамбрел рече дека во моментот над градот патролираат хеликоптери и дека Израел собира трупи по должината на границата, каде што, според неговите информации, сега има околу 3.000 војници и дека се чини дека ќе следува понатамошна ескалација.
Гамбрел рече дека Израел досега извршил неколку воздушни напади, дека Хамас се заканувал дека ќе ги убие заложниците во случај на нови напади на израелските сили на позициите на палестинските милитанти, што, според него, дополнително ја усложнува ситуацијата.
Според извештаите на АП, во нападите на Хамас досега загинале 1.500 луѓе – 900 жртви во Израел и 690 во Појасот Газа, каде што, според Гамбрел, се очекува да се зголеми бројот на жртви.
Во Израел сè уште се сумираат последиците од нападот на Хамас, материјалните штети во пограничните градови, а луѓето во полициските станици прават ДНК анализи за да се олесни идентификацијата на жртвите, изјави новинарот на АП.
Израел најави дека ќе спроведе целосна опсада на Газа прекинувајќи го снабдувањето со витални потреби, вклучително и вода и храна, а во моментот израелските напади влијаеја на прекинот на телефонските линии и другите телекомуникациски врски, рече Гамбрел.
Во овој момент, како што наведе, израелските власти побарале населението во близина на границата со Газа да остане дома со залихи 72 часа и видливи се подготовките за почнување на воени операции.
Евентуален копнен напад би ги ставил на дополнителен ризик и израелските војници и населението, како и оние во Појасот Газа и заложниците што ги држи Хамас, изјави новинарот на АП.
Гамбрел рече дека американското Министерство за одбрана и Пентагон рекле дека американските трупи нема да бидат дел од активна борба, но дека американската војска преместува носачи на авиони и други средства како поддршка и дека сè уште не е познато дали имало барања за помош од Израел.
Тој изјави дека овој ненадеен напад на Хамас врз Израел може да се спореди со слични од минатото, како нападот на Ал каеда врз Њујорк во 2001 година или нападот на Јапонија на Перл Харбор кога САД влегоа во Втората светска војна.
Гамбрел потсети дека Израел е земја која практично е подготвена за евентуален конфликт во секој момент и дека сите жители служат воена служба и наведе дека вистинското прашање за владата на Бенјамин Нетанјаху е кои пропусти на разузнавањето се случиле на израелската страна при инфилтрацијата на Хамас.
Гамбрел смета дека е големо изненадување што во овој напад Хамас користел, покрај војската, и разни други средства, како мотоцикли, градежни машини и параглајдери, и што очигледно имал помош однадвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
ЗА 20 години Хрватска ќе биде празна, младите си заминуваат: мрачни прогнози на германските медиуми
Во извештајот на онлајн порталот на уредувачката мрежа на Германија (РНД) за животот во „најмладата членка на Европската унија“, авторот Дорстен Фуш забележува дека бројките го покажуваат несомнениот економски напредок на Хрватска по 11 години членство во ЕУ.
„Домашниот бруто-производ порасна од речиси 60 на добри 71 милијарда американски долари во 2022 година, невработеноста падна од 17 на шест до седум отсто, а годишните плати се речиси високи како во Полска и Унгарија. Покрај тоа, земјата добива голема финансиска помош на ЕУ, 30 милијарди евра само од 2021 до 2027 година“, се наведува во текстот.
Но, во исто време како голем проблем се посочува и корупцијата. Премиерот Андреј Пленковиќ во изминатите осум години мораше да разреши 30 министри, од кои повеќето поради обвинувања за корупција. Земјата е само на 56-то место во глобалниот индекс на корупција на Транспаренси Интернешнл. Според новото истражување, 74 отсто од населението е незадоволно од насоката во која се развива земјата“, пишува RND.
Авторот ја цитира и Соња Шримбек. „Владата однадвор се претставува како проевропска и посветена на владеењето на правото, но внатрешно гледаме голема демократска регресија. Затоа, колку и да е мрачна сликата што ја имаат граѓаните за нивните политичари, многумина се задоволни од тоа што тие се дел од Европа. Особено имајќи ја предвид сопствената историја“, наведува авторот.
Така е и со сопственичката на фризерскиот салон Ксенија Јукчиќ. Нејзиниот 30-годишен син работи како поморски инженер во Ротердам. „Европа? Тоа е најдоброто нешто што можеше да ни се случи“, вели тaa Затоа што му овозможила на синот подобар живот.
Ентузијазам за Европа покажува и Хана Зоричиќ, заменик главен државен благајник во Министерството за финансии. Нејзината последна голема задача беше да ја подготви земјата за воведување на еврото. „Добро е да се биде дел од ова големо семејство наречено Европа. Возбудливо е да се седне на маса и да се види како другите земји и Европската комисија не гледаат како рамноправни членови“, вели таа и додава дека имала различни понуди да работи како консултант за големи компании, со многу поголема плата, но, вели таа, „Никогаш не сакав да работам ништо друго освен овие големи стратешки проекти“.
Родољуб и Вишња Џакула се сопственици на мал бизнис во Банија, кој произведува органски производи, главно месо. „Овде живееме подобро благодарение на Европската унија“, нагласува Вишња, таа порака и е важна, но потоа додава: „Проблемот што го имаме е хрватската политика. Тие не го разбираат моделот што ни треба за нашиот регион. Локални, регионални, еколошки – ова е нејзината визија. Во ЕУ, особено во Австрија, сопружниците гледаат модели и сојузници, во Загреб, пред се, ги дочекува рамнодушноста.
И покрај зголемениот стандард и ниската стапка на невработеност, економската состојба на младите е сè уште лоша – цените и на становите и на општите трошоци за живот постојано растат, пишува германскиот новинар. Тој го дава примерот со Емануел, 21-годишник кој работи како келнер и заработува 1.000 евра месечно.
Тоа на прв поглед не звучи лошо, но на крајот не му останува уште многу кога само за станот ќе плати 550 евра. „Затоа, се повеќе млади Хрвати размислуваат да ја напуштат земјата. Според репрезентативна студија на „Фридрих Еберт“, која ќе биде објавена наесен, денес 40 отсто повеќе млади луѓе размислуваат за емигрирање отколку пред шест години, наведуваат германските портали.
Свет
Кандидат за градоначалник во Мексико е убиен во пукање на предизборен митинг
Кандидатот за градоначалник Лусеро Лопез Маза и уште пет лица, од кои едно младо девојче, беа убиени во пукање на предизборен митинг во градот Ла Конкордија во јужната мексиканска држава Чиапас, пренесе АП.
Покрај тоа, две лица се ранети.
„Конфликтот избувна меѓу вооружени цивили за време на политички митинг“, соопшти обвинителството.
Свет
Лидерот на опозициската Напредна Словачка и неговото семејство добија смртни закани
Лидерот на опозициската Прогресивна Словачка (ПС) Михал Симецка поднел кривична пријава поради смртните закани што ги добиле неговата партнерка, ќерката и тој самиот, соопштија за словачката новинска агенција ТАСР во прес-службата на ПС.
Симецка објави дека добил неколку „конкретни и драстични“ смртни закани од „одредени луѓе“, посочувајќи дека слични закани со години биле упатени до словачката претседателка во заминување Зузана Чапутова.
Тој изрази уверување дека повеќето политичари, новинари и јавни функционери кои го изразуваат своето мислење се соочуваат со смртни закани.