Свет
Нови крвави закани: Во украинската амбасада и конзулатите во Шпанија пристигнаа три писма со животински очи

Шпанската полиција заплени три коверти со животински очи адресирани до Амбасадата на Украина во Мадрид, Генералниот конзулат во Барселона и Конзулатот во Малага, напиша на Фејсбук Олег Николенко, портпарол на украинското Министерство за надворешни работи.
Тој додаде дека е покрената истрага.
„Веќе имаме 21 случај на закани кон украинските амбасади и конзулати во 12 земји. Како што веќе забележа Дмитро Кулеба (министерот за надворешни работи на Украина), украинските дипломати не треба да бидат заплашени и скршени од ова. Ќе продолжиме да работиме ефикасно за да ја заштитиме Украина од непријателите и до нашата победа“, напиша Николенко.
Во петокот до бројни украински странски амбасади беа испратени „крвави пакети“ со животински очи.
Пакети натопени во „карактеристично обоена“ течност беа испратени до украинските амбасади во Унгарија, Холандија, Полска, Хрватска и Италија. Тие беа примени и од генералните конзулати во Неапол и Краков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Италија прогласи петдневна жалост за смртта на папата Францискo

Советот на министрите на италијанската влада денес прогласи петдневна национална жалост за смртта на папата Францискo.
Периодот на жалост почнува денес, потврдија владини извори, пренесува „Анса“.
Советот на министрите денес свика вонредна седница за да разгледа неколку прашања, вклучително и прогласување ден на жалост.
Папата Францискo почина во понеделникот во ватиканската резиденција „Санта Марта“ во 7.35 часот наутро од мозочен удар, проследен со кома и неповратен кардиоваскуларен колапс.
Погребот на папата Францискo ќе се одржи в сабота, 26 април, во 10 часот наутро на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“, објави „Анса“ повикувајќи се на соопштението од Ватикан.
Телото на папата Францискo моментно е изложено во капелата на резиденцијата „Санта Марта“, каде што тој живееше во текот на 12-те години додека беше на чело на Римокатоличката црква, објави „Ројтерс“.
На плоштадот Свети Петар во Рим, денес, во 19.30 часот, ќе се одржи молитва предводена од деканот на Колеџот на кардиналите, кардиналот Џовани Батиста Ре.
Свет
Гор: „Администрацијата на Трамп е како нацистичка Германија“

Поранешниот потпретседател на Соединетите Американски Држави, Ал Гор, ја спореди администрацијата на Доналд Трамп со нацистичка Германија.
Зборувајќи на митингот по повод почетокот на Неделата на климата во Сан Франциско, тој рече дека администрацијата на Трамп се обидува да создаде своја преферирана верзија на реалноста со цел да ги постигне своите сеопфатни цели слични на нацистичката партија на Адолф Хитлер во 30-тите и 40-тите, објавува „Политико“.
„Многу добро разбирам зошто е погрешно да се споредува Третиот Рајх на Адолф Хитлер со кое било друго движење. Тоа беше уникатно зло, точка. Сфаќам. Но, постојат важни лекции од историјата на тоа зло што се појави“, рече Гор, кој беше потпретседател под Бил Клинтон.
Претставниците на Белата куќа не ги коментираа изјавите на Гор.
Свет
Путин нема да присуствува на погребот на папата

Руската државна агенција ТАСС објави дека претседателот Владимир Путин не планира да присуствува на погребот на папата Франциско повикувајќи се на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Претседателот нема такви планови“, изјави Песков пред новинарите, според агенцијата, додавајќи дека сè уште не е донесена одлука за тоа кој ќе ја претставува Русија на испраќањето во Ватикан.
Путин последен пат го посети папата Франциско во Ватикан во јули 2019 година.
Телото на папата Франциско ќе биде префрлено во базиликата „Свети Петар“ в среда наутро во 9 часот, објави Ватикан.
Неговото тело моментно е положено во ковчег во капелата на Каса Санта Марта, каде што живеел за време на своето 12-годишно папство.
Ватикан денес објави дека погребот на папата Франциско ќе се одржи в сабота во 10 часот на плоштадот Свети Петар. Тој ќе биде погребан во базиликата „Света Марија Голема“ во Рим.
На последното збогување ќе присуствуваат стотици илјади верници, како и странски лидери, како што се американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски.