Европа
Нови мерки во Британија: Контактите на заразените ќе се тестираат еднаш дневно
Британскиот премиер Борис Џонсон во средата рече дека Обединетото Кралство ги заострува ограничувањата за да го спречи ширењето на омикрон, така што работата од дома и пропусниците за коронавирус за некои поголеми собири ќе бидат повторно воведени во понеделник.
„Станува појасно дека омикрон се шири многу побрзо од делтата порано“, бидејќи досега се пријавени 568 случаи на коронавирус во Обединетото Кралство, а реалната бројка е „сигурно многу поголема“, рече Џонсон на прес-конференција.
„Бројот на заразени со омикрон се удвојува на секои 2 до 3 дена“
Истакнувајќи дека бројот на заразени со омикрон во земјата се чини дека се удвојува на секои два до три дена и не сакајќи да шпекулира за сериозноста на симптомите предизвикани од овој сој, конзервативниот лидер истакна дека „таков експоненцијален раст може да поттикне големо зголемување на хоспитализации„.
„Затоа, преминот кон план Б“ што се однесува до ограничувањата во Англија „е пропорционален и разумен одговор“ додека не се забрза кампањата за ревакцинација, додаде тој.
Владата затоа бара од вработените да работат од дома уште во понеделник „ако е можно“.
Секојдневното тестирање ќе биде задолжително за секој што ќе дојде во контакт со заразено лице.
Ќе се воведат дневни тестови наместо самоизолација за да се намалат нарушувањата во секојдневниот живот, рече Џонсон.
„Но, најважното нешто што секој од нас може да го направи е да се вакцинира. Клучот е да се добие таа засилена доза веднаш штом ќе дојде редот“, рече Џонсон, додавајќи дека вакцинацијата треба да се случи побрзо, пренесува Би-Би-Си.
Велика Британија, меѓу најтешко погодените европски земји со скоро 146.000 смртни случаи од почетокот на пандемијата на Ковид-19, се врати на рестриктивните мерки за да го спречи ширењето на омикрон, како што се ограничувањата за патување, носењето маски во продавниците и јавниот превоз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.