Свет
Нови правила за влез во ЕУ: крај на печатите, објавен е датумот кога ќе започне примената
Европската комисија денес објави дека од 12 октомври ќе започне постепената имплементација на новиот Систем за влез и излез (EES) во земјите од Шенген зоната, кој ќе го следи движењето на граѓаните на трети земји за време на кратки престои во 29 европски земји.
Како што е наведено, EES дигитално ќе го евидентира влезот и излезот на патниците, заменувајќи го претходното рачно печатирање на пасошите и собира биометриски податоци, како што се отпечатоци од прсти и фотографии на лицето.
Новиот EES систем ќе овозможи поефикасно управување со надворешните граници на ЕУ, откривање на пречекорување на дозволениот престој, како и случаи на злоупотреба на идентитетот и документите. Како што наведоа, постепената имплементација на системот ќе трае шест месеци, во текот на кои граничните служби ќе почнат да ги евидентираат податоците на патниците од трети земји, пренесуваат медиумите во регионот.
Од октомври 2025 година, ЕУ го воведува Системот за влез и излез (EES), кој дигитално ќе ги евидентира пристигнувањата и заминувањата на граѓаните на трети земји, заменувајќи го печатирањето на пасошите. Системот ќе собира биометриски податоци, вклучувајќи отпечатоци од прсти и фотографии од лице, што ќе овозможи поефикасна идентификација и откривање на злоупотреба на идентитетот, според написите.
Во текот на шестмесечната фаза на воведување, граничните контроли постепено ќе почнат да снимаат податоци во 29-те земји од Шенген зоната. Системот е дел од пакетот „Паметни граници“, со кој ЕУ ги модернизира безбедносните протоколи на надворешните граници.
Што е ETIAS и кој мора да го има?
EES е дел од пакетот на ЕУ за паметни граници, кој го вклучува и ETIAS (Европски систем за информации и авторизација за патување).
Иако сè уште не е ни започнат, европската електронска дозвола за патување ETIAS веќе го доживува своето прво зголемување на цената. Наместо претходно најавените 7 евра, сите патници од земји на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ – вклучувајќи ги и граѓаните на САД – ќе мора да платат 20 евра за авторизација од крајот на 2026 година.
ETIAS е електронски систем за претходно одобрување за влез во земјите од Шенген зоната и се однесува на 59 земји кои имаат безвизен режим со ЕУ, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија, Обединетото Кралство и Србија.
Системот не е класична виза: нема посета на конзулатот, не е потребна дополнителна документација или биометриски податоци. Апликацијата се поднесува онлајн, а одобрението обично се добива во рок од неколку минути до неколку дена.
„ETIAS не е виза и не воведува визни обврски. Нема физичка посета на амбасадата или земање отпечатоци од прсти“, изјави портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер.
Дозволата важи три години или до истекот на пасошот, а за патници помлади од 18 години или постари од 70 години – авторизацијата е бесплатна.
Според соопштението на Европската комисија, одлуката за зголемување на цената доаѓа во светлината на растечките трошоци за дигитална инфраструктура и сајбер безбедност. Иако системот сè уште не стапил во сила, ова е веќе втора промена на условите, со оглед на тоа што првичното лансирање беше најавено уште во 2016 година, а првиот рок за почеток на имплементацијата беше 2022 година.
„Целта на ETIAS е да се подобри безбедноста на ЕУ, а во исто време да им се олесни на патниците влегувањето во Шенген“, се наведува во официјалното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

