Свет
Норвешка спроведува експерименти на китовите
Норвешка ќе спроведе „сурови“ тестирања на китовите, иако научниците во таа земја, како и низ целиот свет, се спротивставуваат на идејата бидејќи овие експерименти можат сериозно да им наштетат на животните.
Плановите за снимање и изведување шестчасовни тестови за звук на млади китови треба да се одржат во Норвешка, и покрај противењето на дури 50 меѓународни научници и експерти за диви животни, кои сметаат дека идејата е „тотално неприфатлива“ и може да предизвика огромен стрес кај животните.
На северот на Норвешка во близина на островот Вествагои китовите мигрираат секоја година во потрага по храна на пат кон крајниот север, и таму се поставуваат мрежи долги една милја каде што во текот на една или две сезони, околу десетина млади китови ќе бидат фатени и чувани за експериментирање, потврдено е од норвешката администрација.
Петицијата против овој суров план собра дури 59.000 потписи.
Сузан Милвард, директорка на морската програма на Институтот за заштита на животни, смета дека овој потфат не вреди да се ризикува, имајќи предвид дека веќе е познато од претходните експерименти како китовите реагираат на различни звуци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пилотите и кабинскиот персонал на „Луфтханза“ најавија целодневен штрајк
Пилотите и кабинскиот персонал на германскиот авиопревозник „Луфтханза“ во четврток ќе почнат целодневен штрајк поради спор околу платите и условите за работа.
Синдикатот „Vereinigung Cockpit“ бара повисоки пензии за пилотите, додека синдикатот на кабинскиот персонал „UFO“ сака да го принуди работодавачот на преговори за различни колективни договори.
На патниците им е порачано да се подготват за откажувања и доцнења на летовите, а се очекува штрајкот да ги погоди сите поаѓања од Германија. Ќе бидат засегнати и товарните летови.
Засега не е познато колку летови ќе бидат откажани. Портпаролот на компанијата изјави дека очекуваат подетални информации од синдикатите.
Пилотите минатата година со мнозинство гласови одлучиле да преземат индустриска акција поради барањата за повисоки придонеси од страна на работодавачот за пензии.
Синдикатот „UFO“ со штрајкот, кој е свикан без гласање, сака да го натера работодавачот на преговори за колективните договори во матичната компанија Луфтханза и во регионалната подружница „CityLine“. Само во „CityLine“, наводно, околу 800 работни места се загрозени поради овој потег.
Според билтенот на синдикатот, управата одбива преговори. Во матичната компанија досега безуспешно се чекало отворање на разговори за колективен договор.
Свет
ЕУ воведува апликација за пријавување сајбер-насилство кај младите
Младите во Европската Унија наскоро ќе можат преку посебна апликација да пријавуваат сајбер-насилство, најави еврокомесарката за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, во Стразбур.
Апликацијата е дел од Акцискиот план за борба против кибернетичкото злоставување, претставен на Меѓународниот ден за побезбеден интернет. Виркунен изјави дека „сите жртви и сведоци на злоставување мора да знаат каде можат да се обратат за помош“, поради што ќе се воведе алатка на ниво на ЕУ.
Таа повика земјите-членки да изработат национални планови и да воспостават заедничка дефиниција за сајбер-насилство, со цел подобра споредба на податоци и поефикасна заштита на младите.
Европската комисија потсети дека со Актот за дигитални услуги од платформите се бара повисоко ниво на приватност и заштита на малолетниците, додека со Актот за вештачка интелигенција се забранува манипулација и измама на корисниците.
Европратениците повикаа на поголема одговорност на социјалните мрежи.
Свет
Витакер: Трамп и Зеленски ќе го потпишат мировниот договор кога ќе дојде време
Американскиот амбасадор при НАТО, Метју Витакер, изјави дека мирот во Украина е поблиску од кога било досега, иако сè уште не е утврдено кога украинскиот и американскиот претседател ќе го потпишат мировниот договор за ставање крај на руската агресија.
Витакер рече дека договорот ќе биде потпишан „кога ќе дојде време“ и дека верува оти завојуваните страни се блиску до постигнување мир.
„Постојано го повторувам тоа, не само затоа што верувам во тоа, туку и затоа што внимателно ги следам преговорите. Мислам дека сме поблиску до мир во Украина од кога било“, изјави тој.
Додаде дека документите за мировниот договор ќе ги потпишат Доналд Трамп и Володимир Зеленски „кога тоа ќе биде соодветно и кога ќе дојде време“.
„Сметам дека треба да продолжиме да се молиме за мир, но истовремено да обезбедиме Украина и натаму да има, преку програмата ПУРЛ (програма преку која европските членки на НАТО од САД купуваат оружје за Украина) и други иницијативи, сè што ѝ е потребно за да се брани“, рече Витакер.
САД очекуваат земјите-членки на НАТО во наредните два дена да објават нови обврски за купување американско оружје за Украина.
Витакер посочи дека трите земји кои досега купиле најмногу американско оружје за Украина преку програмата ПУРЛ се Германија, Холандија и Норвешка.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за време на посетата на Украина вети дека ќе обезбеди повеќе од 15 милијарди долари за купување вооружување за украинските вооружени сили во рамки на истиот програм.

