Свет
Обилни дождови во Кина: 15 загинати, илјадници евакуирани
Петнаесет лица загинаа во Кина, четири се водат како исчезнати по бурните дождови во југозападниот дел на земјата, а илјадници луѓе се евакуирани од своите домови, објави во средата официјалната новинска агенција „Ксинхуа“.
Како резултат на обилните дождови, „15 лица загинаа, а четворица се водат како исчезнати во Чонгкинг во југозападна Кина“, се вели во извештајот во средата рано наутро, пренесе агенцијата, повикувајќи се на локалните власти.
Потврдата за жртвите доаѓа еден ден откако метеоролошките служби предупредија за можни непогоди предизвикани од дождовите што зафатија голем дел од центарот и југозападот на земјата во исто време кога беа соборени температурните рекорди. Претседателот Шји Џјинпинг нареди „властите на сите нивоа да дадат приоритет на обезбедувањето на безбедноста на луѓето и имотот“, додаде „Чајна њуз“ во средата.
„Шји истакна дека високите функционери на сите нивоа треба да преземат водство во борбата против поплавите, да ја стават безбедноста на луѓето и имотот на прво место и да се стремат да ги минимизираат загубите“, според Чајна њуз“. Колкава е штетата говори податокот дека во вторникот поради дожд се урна железнички мост во Чонгкинг, провинција со 31 милион жители, јави „Ксинхуа“.
Во соседната провинција Сечуан повеќе од 460.000 луѓе се погодени во различен степен од поројните дождови оваа недела, додаде агенцијата во вторникот. Властите соопштија дека околу 85.000 луѓе се евакуирани од своите домови поради дождот и дека оваа недела се очекуваат „големи поплави во планинските области“ и „можни свлечишта на места“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Фицо: Нема да поддржам ништо, што би довело до поддршка за воените трошоци на Украина, дури и ако треба да седиме во Брисел до Нова Година
Словачкиот премиер Роберт Фицо одби каква било поддршка за дополнително финансирање на украинските воени средства, „дури и ако седат во Брисел до Нова Година“. Тој исто така рече дека „не сака да биде дел од Западна Европа каде што животот на Русите и Украинците е безвреден“.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Фицо изјави дека денес имал телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Длабоко го почитувам, но додека зборуваше за пари за војната во Украина, повторив дека секојдневното убивање на стотици до илјадници Руси и Украинци е сосема бесмислено. Ако животот на еден Русин или Украинец е безвреден за Западна Европа, јас не сакам да бидам дел од таква Западна Европа. Му реков дека нема да поддржам ништо – дури и ако треба да седиме во Брисел до Нова Година – што би довело до поддршка за воените трошоци на Украина“, напиша Фицо.
Тој додаде дека како премиер на Словачка, е „подготвен да ја поддржи Украина во нејзината реконструкција, врз основа на билатерални преговори меѓу словачката и украинската влада, но одбива бесмислено убивање“.
Тој исто така изјави дека испратил писмо до претседателот на Европскиот совет и до сите премиери на земјите-членки на ЕУ, кое го објави на Икс.
Фото: депозитфотос
Свет
ЕУ: Од следната година, привремен данок од три евра за мали пакети од Кина
Министрите за финансии на Европската Унија денес се согласија да воведат привремена такса од три евра по пратка од јули 2026 година за сите мали пакети што пристигнуваат од Кина и други земји надвор од Европската Унија.
Овој режим ќе биде привремено решение до 2028 година, кога ќе стапи на сила нов царински систем со трајни царински давачки за пакети во вредност помала од 150 евра, за кои досега не се платени давачки, објавува Блумберг.
Привремената такса беше воведена под притисок од Франција, а министерот за финансии на таа земја, Ролан Лескир, рече дека малите пратки што се ослободени од царински давачки претставуваат „нелојална конкуренција за традиционалната трговија“ и дека е време да се воведе фиксна такса.
Целта на новата мерка, како што истакнуваат европските министри, е да се обезбеди порамноправна конкуренција на европските компании, кои со години страдаат поради огромниот прилив на евтини пратки од кинески онлајн продавници како што се Шејн, Тему и АлиЕкспрес.
Според податоците на Европската Унија, бројот на пакети од Кина во вредност помала од 150 евра се зголемил од 1,9 милијарди во 2023 година на 4,2 милијарди во 2024 година, што претставува 91 процент од ваквите пратки.
Европските претставници, исто така, предупредуваат дека голем дел од стоките од Кина не ги исполнуваат стандардите за квалитет, заштита на потрошувачите и заштита на животната средина.
Новите правила формално важат за сите пакети од трети земји надвор од ЕУ со вредност до 150 евра, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Турција и други земји, пренесува Танјуг.
Фото: депозитфотос
Свет
Уапсена добитничката на Нобелова награда за мир
Иранските власти денес ја уапсија добитничката на Нобелова награда за мир, Наргес Мохамади (53), соопшти Фондацијата Наргес, која работи во нејзино име.
Во соопштението се наведува дека Мохамади е приведена во Мешад, околу 680 километри североисточно од главниот град Техеран, каде што присуствувала на комеморација за адвокатот за човекови права Хосров Аликорди, кој неодамна беше пронајден мртов под сомнителни околности, пренесува АП.
Нејзините поддржувачи објавија дека Мохамади е „присилно приведена“ од „безбедносните и полициските сили“.
Во соопштението се наведува дека се уапсени и други активисти кои присуствувале на церемонијата во чест на иранскиот адвокат и борец за човекови права Хосров Аликорди (46), кој работел во Мешед.
„Фондацијата Наргес повикува на итно и безусловно ослободување на сите притворени лица кои присуствувале на комеморативната церемонија со цел да искажат почит и да покажат солидарност. Нивното апсење претставува сериозно кршење на основните слободи“, се наведува во соопштението.
Аликорди беше пронајден мртов претходно овој месец во неговата канцеларија, а официјалната причина за смртта беше наведена како срцев удар, но повеќе од 80 адвокати потпишаа изјава во која бараат повеќе информации.
Мохамади е на принуден одмор од декември 2024 година, кога беше ослободена од медицински причини од озлогласениот затвор Евин во Техеран, каде што отслужуваше 13-годишна и деветмесечна казна по обвинение за дослух против државната безбедност и пропаганда против иранската влада.
Официјален Иран не коментираше за притворањето на Мохамади, а не е познато дали властите веднаш ја вратија во затвор за да го отслужи остатокот од казната.
Мохамади ја доби Нобеловата награда за мир во 2023 година.
„Гардијан“ наведува дека Мохамади, инженер по професија, била затворена 13 пати и осудувана пет пати, а вкупно била осудена на повеќе од 30 години затвор.
Фото: депозитфотос

