Свет
Објавено писмото што Меланија му го испрати на Путин, Трамп лично му го врачи
„Фокс њуз“ го објави писмото од првата дама на САД, Меланија Трамп, кое лично му го достави американскиот претседател Доналд Трамп на Владимир Путин за време на самитот во Алјаска.
Ја пренесуваме содржината на писмото во целост:
„Почитуван претседателе Путин,
Секое дете носи исти тивки соништа во своето срце, без разлика дали е родено во скромен рурален пејзаж или во прекрасен градски центар. Тие сонуваат за љубов, можности и заштита од опасност.
Како родители, наша должност е да ја негуваме надежта на следната генерација. Како лидери, нашата одговорност за иднината на децата оди подалеку од удобноста на малкумина. Нема сомнение дека мора да се стремиме да обликуваме свет исполнет со достоинство за сите – за секоја душа да може да се разбуди во мир и за самата иднина да биде совршено заштитена.
Едноставна, но длабока мисла, господине Путин, со која сум сигурна дека се согласувате, е дека потомците на секоја генерација го започнуваат својот живот со чистота – невиност што стои над географијата, владата и идеологијата.
И сепак, во денешниот свет, некои деца се принудени да носат тивки насмевки, недопрени од темнината околу нив – тивок гест на пркос против силите што можат да им ја одземат иднината. Господине Путин, вие самите можете да им го вратите мелодичниот смев.
Со заштита на невиноста од тие деца, ќе правите повеќе отколку само да ѝ служите на Русија – ќе му служите на самото човештво. Таквата смела идеја ги надминува сите човечки поделби, а вие, господине Путин, сте човекот способен да ја реализирате таа визија со еден потег на пенкалото денес.
„Време е“, се вели во писмото на Меланија Трамп до рускиот претседател.
Како што објави Ројтерс вчера, за време на состанокот, Трамп лично му го предаде на Путин писмото од неговата сопруга.
Меланија Трамп, родена во Словенија, не патуваше со американскиот претседател во Алјаска.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Принцезата Кејт за нејзината борба со ракот: Постојат моменти на страв и исцрпеност
Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, по повод Светскиот ден на ракот, објави емотивна порака во која се осврна на сопственото искуство со болеста. Во јануари минатата година, таа објави дека е во ремисија, откако во март 2024 година ѝ беше дијагностициран рак.
Светскиот ден на ракот се одбележува секоја година на 4 февруари, а 44-годишната принцеза сподели видео на социјалните мрежи по повод овој настан. Краткиот клип прикажува снимки од нејзината посета на Кралската болница Марсден во Челзи во јануари 2025 година, каде што самата се лекуваше. Истиот ден кога ја посети болницата, таа објави дека е во ремисија.
Во видеото принцезата Кејт вели: „На Светскиот ден на ракот, моите мисли се со сите што се соочуваат со дијагноза, се на третман или се на пат кон закрепнување. Ракот допира до толку многу животи – не само на пациентите, туку и на нивните семејства, пријатели и лица кои се грижат за нив.“
„Секој што го поминал тоа знае дека патувањето не е права линија. Има моменти на страв и исцрпеност, но и моменти на сила, љубезност и длабока поврзаност“, продолжи таа.
„Деншниот ден е потсетник за важноста на грижата, разбирањето и надежта. Знајте дека не сте сами“, заклучи таа.
Во март 2024 година, принцезата од Велс објави дека и бил дијагностивиран рак и дека се повлекува од јавноста за да се фокусира на своето здравје. Во септември истата година, таа потврди дека завршила со хемотерапија, а во јануари 2025 година, по ненајавена посета на Кралската болница Марсден, објави дека е во ремисија.
Исто така, беше објавено дека таа и принцот Вилијам станале заеднички покровители на Фондацијата на Кралскиот Марсден NHS, преземајќи кралска улога во светски познатата болница за рак.
Принцезата Кејт отворено зборуваше за предизвиците со кои се соочи во периодот по третманот, опишувајќи го како „навистина, навистина тежок“ за време на посетата на болница во Колчестер минатиот јули.
„Се држите цврсто, го издржувате третманот стоицистички. И кога третманот ќе заврши, мислите: „Можам да продолжам понатаму, да се вратам во нормала“. Но, всушност, фазата што следи е навистина, навистина тешка“, рече таа во тоа време.
„Веќе не сте нужно под грижа на медицински тим, но не сте во можност нормално да функционирате дома на начинот на кој можеби сте можеле порано“, продолжи принцезата. „И затоа е навистина вредно да имате некој да ви помогне да разговарате за тоа и да ве води низ таа фаза по третманот.“
„Мора да ја пронајдеш својата нова нормалност, а тоа одзема време… Како ролеркостер е, не е толку мазно како што би очекувале. Реалноста е дека поминуваш низ тешки времиња“, заклучи Кејт.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Наскоро размена на затвореници со Русија
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека наскоро се очекува размена на воени затвореници, што е резултат на првата рунда преговори со Русија и САД во Абу Даби, пишува „Украинска правда“.
„Доаѓа важен чекор: наскоро очекуваме размена на воени затвореници. Мора да ги вратиме нашите луѓе дома“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање.
Зеленски, исто така, рече дека добил извештај од украинската делегација по состанокот во Абу Даби, на кој присуствувале и делегации од Русија и САД.
„Контактот е одржуван и со американската страна. Рустем Умјеров, Кирил Буданов и Давид Арахамија известија за ова. Тие останаа во контакт. Денес ги разгледавме привремените резултати од разговорите, а тие ќе продолжат утре“, рече тој.
Објавата доаѓа откако Зеленски на 30 јануари изјави дека Русија ги прекинала размените на затвореници бидејќи верува дека се бескорисни.
фото/Depositphotos
Свет
Иран им дозволи на жените да возат мотоцикли
Жените во Иран сега официјално можат да добијат возачка дозвола за мотоцикл, објавија локалните медиуми, со што се стави крај на долгогодишната правна несигурност околу возењето мотоцикл.
Претходниот закон не им забрануваше експлицитно на жените да возат мотоцикли и скутери, но во пракса властите одбиваа да издаваат возачки дозволи. Поради овој правен вакуум, жените честопати беа одговорни во сообраќајни несреќи, дури и кога тие беа жртви.
Првиот потпретседател на Иран, Мохамед Реза Ареф, вчера потпиша декрет со кој се разјаснуваат одредбите од законот за сообраќај, кој иранската влада го одобри кон крајот на јануари, објави новинската агенција Илна.
Одлуката бара од сообраќајната полиција да „обезбеди практична обука за кандидатки, да организира испит под директен полициски надзор и да им издава возачки дозволи за мотоцикли на жените“, објави Илна.
Одлуката дојде по бранот протести низ Иран, кои првично избувнаа поради економски проблеми и ескалираа во масовни антивладини демонстрации минатиот месец.
Од Исламската револуција во 1979 година, жените во Иран се соочуваат со низа социјални ограничувања, при што кодовите за облекување претставуваат посебен проблем за оние што возат мотоцикли. Од жените се бара да носат шамии и широка облека на јавно место, но во последниве години тие сè повеќе ги прекршуваат овие правила.
Трендот на кршење на правилата дополнително се забрза по смртта во 2022 година на Махса Амини, млада Иранка која почина во полициски притвор откако беше уапсена за наводно кршење на кодексот за облекување. Нејзината смрт предизвика масовни протести низ Иран, предводени од жени кои бараа поголеми слободи.
фото/ЕПА

