Свет
Огромен комплекс од Јудејското Царство од 7 век пр. н.е. откриен во Ерусалим
Како биле собирани даноците и во каква форма на „храна“ биле чувани во периодот на кралевите во Ерусалим? Ново водушевувачко откритие во населбата Арнона, богата со артефакти, ги одведе археолозите чекор поблиску до одговори на овие необични загатки, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Огромен антички комплекс е ископан во близина на новата Амбасада на САД во Ерусалим откривајќи голема колекција отпечатоци од кралски печат, веројатно една од најголемите колекции од античкото Јудејско Царство, според истражувачите од Израелскиот оддел за антиквитети.
Структурата датира од времето на владеењето на јудејските цареви Езекија и Менаше, кои владееле приближно од 8 до средината на 7 век пр. н.е. и се верува дека е административна зграда која била одговорна за собирање и складирање на даноците.
Ова е индицирано со повеќе од 120 печатирани рачки од садови пронајдени на локацијата бидејќи во тоа време земјоделските производи се користеле како пари за плаќање данок, вклучително и стоките, како вино и маслиново масло. Повеќето од печатираните записи, за кои се верува дека биле направени пред речиси 2.700 години, се на античко хебрејско писмо и го содржат изразот LMLK или LamMeLeKh, што може да се дешифрира како „припаѓа на царот“.
Според археолозите, откривањето на овие отпечатоци од печат претставува неверојатен додаток на неколку илјади слични печати што биле пронајдени претходно за време на ископувањата.
Но, откритието на целиот комплекс, кој се наоѓа на три километри надвор од Стариот град, со неговата главна, исклучителна структура од железната доба, се верува дека подлабоко ќе објасни како биле собрани даноците и како функционирал административниот систем во периодот кога Ерусалим го воделе царевите.
„Ова е едно од најзначајните откритија од периодот на царевите во Ерусалим во последните години. На местото што го ископавме има знаци дека владината активност управувала и дистрибуирала резерви на храна не само кога имало недостиг туку управувала и со земјоделскиот вишок складирајќи добра и богатства“, велат археолозоте Нери Сапир и Натан Бен-Ари, кои го водат ископувањето.
Меѓу другите необични откритија се и збирката глинени идоли во форма на животни, жени, па дури и јавачи на коњи. Според археолозите, овие идолопоклонички предмети би можеле да се толкуваат како симболи на паганското обожавање, кое било распространето во периодот на Јудејското Царство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“
Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен стимулатор. Пред еден месец новата технологија ја примил загрепчанец кој поради Паркинсоновата болест речиси станал неподвижен.
„Поентата на таа електрода е што стимулира дел од мозокот и на тој начин ја подобруваме клиничката слика, а батеријата освен што стимулира, купува и информации од тој дел од мозокот што го стимулираме и на тој начин можеме да ги подобриме симптомите“, изјави неврохирургот Фади Алмахарик за RTL.
Во КБ Дубрава изминативе 24 години се врши длабока мозочна стимулација, но првиот пациент беше опериран со оваа најнова технологија на крајот на март. Станува збор за 67-годишен загрепчанец со Паркинсонова болест, кој сега е пуштен на домашно закрепнување.
„Во договор со неврологот, стимулацијата се вклучува, терапијата се намалува, пациентот веднаш по вклучувањето на стимулацијата покажува знаци на моторно подобрување. Беше отпуштен дома на физикална терапија и дополнително прилагодување на стимулацијата“, изјави неврохирургот Марина Рагуж.
Веднаш штом ги отстранивме шевовите по 10 дена, почнавме со стимулација и денес пациентот може да вози велосипед, да плива, да се врати на своето секојдневие“, вели хирургот.
Свет
Русите уапсија двајца нивни војници за грозоморни злосторства
Двајца руски војници се приведени под сомнение дека убиле пет лица во окупираниот дел од областа Херсон. Александар Осипов и Александар Кајгородцев веќе ги признале злосторствата што ги направиле во селата Подо-Калиновка и Абрикосовка, пишува рускиот медиум Ура.ру.
Меѓу жртвите се двајца полицајци и началникот на селото Љубов Тимчак, кој е назначен од Русија. Телото на началникот било пронајдено во средата, а на него биле видливи рани од огнено оружје, оган и експлозивни направи.
Полицијата набрзо добила дојава од заменик началникот на округот Алешински за откривање на уште две изгорени и осакатени тела на маж и жена. Безбедносните сили ги уапсиле осомничените истиот ден, а набрзо се испоставило дека станува збор за руските војници Александар Осипов и Александар Кајгородцев.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.