Свет
Орбан: Дипломатите мора да ја преземат контролата од генералите, оваа војна не може да се добие
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека на Украина ѝ е потребно примирје, преговори и мир, како и дека „дипломатите треба да ја преземат контролата од генералите“. На состанокот на парламентарната група „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент, рече дека политичарите кои се залагаат за војна сакаат луѓето да веруваат дека војната мора да продолжи, објави унгарската агенција МТИ.
„Ве уверувам дека оваа војна не може да се добие, нема решение на бојното поле, само мртви, страдање и уништување“, истакна тој. Унгарскиот премиер, исто така, рече дека неговата земја е „црна овца“ на Европската Унија и кошмар за Брисел, додека претставува надеж за европските патриоти.
„Не сакаме Брисел да воведе воена економија под изговор на војна, не сакаме да зема огромни кредити, да ги федерализира парите на земјите-членки и да ги вовлекува нашите земји во трка во вооружување. Ве молам да ги запрете“, им рече Орбан на учесниците на состанокот.
Според него, Брисел ѝ се заканува и ја уценува Унгарија со финансиски санкции затоа што не ги пушта мигрантите во земјата, но Будимпешта попрво ќе им плати отколку да им дозволи на мигрантите да ја уништат безбедноста на унгарските градови и улици. „Се бориме за нашите семејства и татковина, дури и ако треба да се соочиме со целата бирократија на Брисел“, заклучи унгарскиот премиер, пренесува Танјуг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Министерот на Трамп: Повеќе од подготвени сме да дејствуваме против Иран
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека американските сили се „повеќе од подготвени“ да дејствуваат против Иран доколку Техеран не се вклучи во преговори за својата нуклеарна програма.
Тој нагласи дека претседателот Доналд Трамп од самиот почеток бил јасен дека Иран не смее да има нуклеарни капацитети, потсетувајќи на операцијата „Midnight Hammer“, во која САД во јуни 2025 година извршија напади врз ирански нуклеарни постројки.
Хегсет изјави дека Иран „има избор“ – или да преговара, или да се соочи со други опции, додавајќи дека претседателот не сака воена ескалација, но дека Пентагон мора да биде подготвен. На прашањето за можна промена на режимот во Иран, тој не даде директен одговор.
Во меѓувреме, САД ја зајакнуваат воената присутност на Блискиот Исток, додека иранскиот министер за надворешни работи изјави дека договор е можен, но дека Техеран го изгубил довербата во Вашингтон како преговарачки партнер.
Свет
Унгарија ја тужи ЕУ поради забраната за увоз на руски гас
Унгарија покрена постапка пред Европскиот суд на правдата против одлуката на Европската Унија за забрана на увоз на природен гас од Русија, објави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Сијарто тоа го соопшти на платформата „Икс“, откако во правната база на податоци на ЕУ беше објавена регулативата за постепено напуштање на рускиот гас. Намера да ја тужи ЕУ пред судот со седиште во Луксембург најави и Словачка.
Унгарскиот министер тврди дека Унгарија и Словачка не смееле да бидат прегласани при донесувањето на одлуката кон крајот на јануари. Според него, станува збор за одлука која има карактеристики на санкции и како таква требало да биде донесена едногласно, пренесе „ДПА“. Останатите 27 земји-членки на ЕУ мерката за забрана на увоз на руски гас ја третираат како прашање од трговската политика, за што е доволно квалификувано мнозинство, наведува агенцијата.
Сијарто во својата објава истакна дека европските договори јасно укажуваат дека секоја земја-членка самостојно одлучува за своите извори на енергија и добавувачи.
Тој се повика и на принципот на енергетска солидарност, кој, според неговите зборови, подразбира сигурност во снабдувањето со енергија за сите земји-членки. Тврди дека овој принцип се крши во случајот на Унгарија, која без увоз на руски гас, како што наведува, располага само со поскапи и понесигурни алтернативи.
Сијарто слични критики упати и кон Хрватска минатата година, обвинувајќи ја дека неприродно ги зголемила цените за транзит на нафта и дека нејзиниот нафтовод е недоверлив. Хрватската влада и компанијата ЈАНАФ тогаш ги отфрлија тие обвинувања, а унгарскиот министер Хрватска ја нарече и „воен профитер“, потсетува „Индекс.хр“.
Европската Унија донесе одлука според која увозот на руски гас мора да запре до крајот на 2027 година.
Унгарија е силно зависна од овој енергент и, од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина, не презела конкретни чекори за намалување на зависноста од Русија, наведува „ДПА“, додавајќи дека унгарскиот премиер Виктор Орбан се смета за еден од најблиските сојузници на Кремљ во рамките на ЕУ.
Свет
Ново Мексико ја тужи Мета: „Профитот пред безбедноста на децата“
Во Санта Фе денеска започнува големо судење против компанијата Мета, второ вакво оваа година, по обвиненија дека свесно им овозможила на предатори да ги користат „Фејсбук“ и „Инстаграм“ за сексуална експлоатација на деца, ставајќи го профитот пред безбедноста. Тужбата ја поднесе државата Ново Мексико, по истрага која утврдила сериозни пропусти во заштитата на малолетниците, пишува Гардијан.
Главниот државен обвинител Раул Торез тврди дека платформите на Мета создале опасна средина за деца, изложувајќи ги на злоупотреби, уцени и трговија со луѓе. Според тужбата, дизајнот и деловните модели на компанијата го фаворизирале ангажманот на корисници, а не безбедноста. Торез претходно изјави дека Мета е „најголемото глобално пазариште за предатори и педофили“.
Мета ги отфрла обвинувањата, наведувајќи дека со години соработува со експерти и вовела мерки за заштита на младите, како тинејџерски профили и родителски контроли.
На судењето се очекува изнесување докази од тајна полициска операција, интерни документи според кои околу 100.000 деца дневно доживуваат сексуално вознемирување на платформите, како и наводи дека компанијата профитирала од реклами поврзани со проблематична содржина. Случајот доаѓа во време кога сè повеќе судови ја преиспитуваат правната заштита на технолошките компании според таканаречениот Оддел 230.

