Свет
Орбан: Полјаците се до врат во војна
Унгарскиот премиер Виктор Орбан го нарече присуството на руски беспилотни летала во полскиот воздушен простор неприфатливо иако додаде дека таков развој на настаните е очекуван. Во своето редовно радиообраќање Орбан нагласи дека фактот што инцидентот се случил во Полска не треба да се игнорира.
Орбан ја нагласи силната врска меѓу двете земји, без оглед на моментната политичка клима. Тој нагласи дека Полјаците се историски сојузници и пријатели на Унгарија и дека Унгарија треба да биде меѓу првите што јасно реагираат на какво било кршење на полскиот суверенитет.
„Од првиот момент го опишавме упадот на руски беспилотни летала на полска територија како неприфатлив и сме со Полјаците бидејќи стоиме 100 % во солидарност со нив“, рече тој.
Зборувајќи за инцидентот во кој руски беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на НАТО, Орбан рече дека тој ги прикажува опасните околности во кои живееме секојдневно. Според него, такво нешто може да се случи секој ден, и во Полска и во Унгарија, поради што заканата од војна е неизбежна.
Унгарскиот премиер исто така направи разлика помеѓу позициите на двете земји додавајќи дека Унгарците „не се вклучени во војната и се држат настрана, а Полјаците се до вратот во неа“.
Американскиот претседател Доналд Трамп посочи дека беспилотните летала можеби влегле на полска територија по грешка, а полскиот премиер Доналд Туск ги отфрли тврдењата дека Украина стои зад упадот нарекувајќи ги манипулација и дезинформација.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Со фантомка и оружје македонски државјанин ограбил пет кладилници и пошта во Србија, полицијата го уапси
Полицијата во Краљево уапсила 44-годишен маж од Македонија, под сомнение дека ограбил пет кладилници и пошта соопшти денеска локалната полициска управа, пренесе „Н1“.
Во соопштението се наведува дека В.Г. е осомничен дека на територијата на Краљево влегувал во објекти на кладилници и пошти со фантомка на главата и, со закана со пиштол, одзел повеќе од 700.000 динари.
Во станот на осомничениот, полицијата пронашла дел од парите, фантомка и реплика на пиштол која, како што се сомнева, ја користел при извршувањето на кривичните дела.
Тој се товари за пет кривични дела разбојништво, одредено му е задржување до 48 часа и ќе биде приведен во Обвинителството, соопшти Полициската управа во Краљево.
Свет
САД сепак се вклучуваат во преговорите меѓу Украина и Русија во Абу Даби
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, по посетата на Израел треба да учествува на следниот круг преговори меѓу Украина и Русија, кои ќе се одржат на 4 и 5 февруари во Абу Даби. Ова го објави Барак Равид, дописник за глобални прашања на порталот „Аксиос“, пренесе „Европејска правда“.
Според наводите на новинарот, Виткоф на 3 февруари ќе допатува во Израел, а потоа ќе замине во Обединетите Арапски Емирати за да присуствува на преговорите.
Американскиот државен секретар Марко Рубио претходно изјави дека Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, нема да учествуваат на следниот круг преговори со Русија и Украина, додавајќи дека американското присуство е „можно“.
Трамп на 30 јануари повторно изјави дека гледа можност за успешни преговори за завршување на руско-украинската војна. Еден ден подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека не знае дали мировните преговори се во завршна фаза или сè уште е потребен ангажман на повеќе земји.
Првиот круг тристранни преговори меѓу Украина, Соединетите Американски Држави и Русија се одржа во Абу Даби на 23 и 24 јануари, кога се разговараше за параметрите за завршување на војната.
Свет
Премиерот на Гренланд: Намерите на САД создаваат страв и неизвесност
Премиерот на Гренланд, Јенс Фредерик-Нилсен, изјави дека ставот на САД кон Гренланд не е променет и дека Вашингтон и натаму има намера да го припои и да управува со тaa територијa. Во писмена изјава објавена на страницата на гренландскиот парламент, тој нагласи дека ваквите намери создале голема несигурност кај населението.
Фредерик-Нилсен посочи дека дел од граѓаните имаат сериозни проблеми со спиењето, дека децата ја чувствуваат загриженоста на возрасните и дека целото општество живее во постојана неизвесност за иднината. Владата на Гренланд, нагласи тој, јасно порачува дека ваквиот пристап е „целосно неприфатлив“.
Тој предупреди дека прашањето не се однесува само на Гренланд, туку и на иднината на НАТО, заштитата на западниот свет и глобалната демократија. Според него, непочитувањето на меѓународното право, националните граници и суверенитетот може да доведе до поделба на светот во кој слободата и самоопределувањето нема да постојат.
Фредерик-Нилсен ја нагласи и потребата од тесна соработка со Данска, како и со земјите од Европската Унија и НАТО.

