Свет
Османи – Билстром: Македонија и Шведска заеднички ќе се помагаат за членство во ЕУ и НАТО
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес престојуваше во прва официјална посета на Кралството Шведска, актуелен претседавач со Советот на Европската Унија. Во делегацијата на министерот Османи беше и претседателот на парламентарната Комисија за европски прашања, Арбер Адеми.
На средбата со министерот за надворешни работи Тобијас Билстром беше реафирмирана поддршката на Шведска за нашата евроинтеграција, воедно потенцирајќи ја неопходноста од донесувањето на уставните промени, со цел непречен тек на преговарачкиот процес и трасирање на патот кон членство во ЕУ до 2030.
Министерот Османи потенцира дека Северна Македонија останува силен поддржувач на членството на Шведска во НАТО, што ќе придонесе за зајакнување на безбедноста на евро-атлантскиот простор.
„Забрзаната интеграција на нашата држава во ЕУ и што побрзото членство на Шведска во НАТО ќе ги одврати злонамерните влијанија на трети фактори, кои се обидуваат да ги поткопаат безбедноста и стабилноста на европскиот континент. Затоа, денес, уште еднаш се заложивме дека заеднички ќе се помагаме за членство во ЕУ и НАТО“, истакна Османи.
Министерот Османи се заблагодари за континуираната посветеност на Шведска на процесот на пристапување на нашата земја во ЕУ, особено во областа на развојната соработка, во рамките на која Северна Македонија е повторно меѓу приоритетните држави партнери на шведската развојна помош во области кои се најкорисни за нашите реформи од пристапниот процес.
Во својство на претседавач со ОБСЕ, Османи го запозна соговорникот со актуелностите во однос на претседавањето со ОБСЕ преку призмата на утврдените приоритети, во кои Украина останува наш главен приоритет и клучно безбедносно прашање во рамките на ОБСЕ 2023.
На средбата стана збор и за регионалната динамика за која двајцата министри оценија дека е од клучно значење за безбедноста и стабилноста на регионот, но и на Европа. Беше нотирано актуелното претседавање на нашата земја и со процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), како и со САД – Јадранската повелба (А5), при што позитивно беше оценета улогата на Северна Македонија на активен фактор во генерирањето на стабилноста и мирот во поширок регионален контекст.
Во рамките на посетата министерот Османи оствари средба и со претседателот на шведскиот парламент, Андреас Норлен, на која беше дискутирана одличната парламентарна соработка меѓу двете земји и со генералната директорка на Шведската развојна агенција (SIDA), Карин Јемтин, осврнувајќи се на непосредните бенефити од шведската развојна соработка за нашата ЕУ-перспектива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

