Свет
Осум лица побегнаа од притворниот центар во Ница
Осум лица побегнале од притворниот центар во францускиот град Ница, а деветтиот бегалец е уапсен, соопштија денеска полициски и судски извори.
Притворниот центар во Ница може да прими 40 луѓе, а се наоѓа во поранешна касарна, која е претворена во полициска станица.
Како што соопштија од полицијата, во центарот се сместени голем број мигранти, кои по излегувањето од затвор треба да бидат вратени на граница.
За безбедносните мерки во центарот и околу центарот задолжени се 70 припадници на граничната полиција, кои се менуваат, јавува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Литванија протера кинески дипломати; Кина се заканува дека ќе преземе контрамерки
Литванија во петокот соопшти дека го информирала Пекинг дека прогласила тројца неакредитирани вработени во кинеската амбасада за персона нон грата и дека тие мора да ја напуштат земјата во рок од една недела. Кина денеска го осуди протерувањето тројца кинески дипломати од Литванија.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи ја обвини Литванија дека без никаква причина протерува дипломати и ги прогласува за персона нон грата, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Министерството.
„Кина силно ја осудува и решително ја отфрла оваа непромислена и провокативна акција“, рече портпаролот на Министерството.
Министерството за надворешни работи на Литванија не прецизира кои се овие лица и што конкретно правеле, но ги цитира одредбите од Виенската конвенција за дипломатски односи и други меѓународни закони, пренесуваат медиумите во регионот.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи ја обвини Литванија дека „повторно презема штетни мерки, кои дополнително ги влошуваат односите“.
„Кина ја повикува Литванија веднаш да престане да го поткопува кинескиот суверенитет и територијален интегритет и да престане да создава тешкотии за билатералните односи“, рече портпаролот на Министерството додавајќи дека Пекинг го задржува правото да преземе контрамерки.
Свет
Загадениот воздух во Холандија го чини здравствениот систем приближно 18 милијарди евра годишно
Во Холандија загадениот воздух предизвикува трошоци за лекување на здравствените проблеми во износ од приближно 18 милијарди евра годишно, а најголемо загадување предизвикува земјоделството, покажуваат резултатите од истражувањето за емисијата на 15 штетни материи. Истражувањето е спроведено врз основа на методот на Европската агенција за животна средина (ЕЕА), објави NL Times.
Земјоделскиот сектор, особено сточарството, најмногу го загадува воздухот во Холандија. Сточарството во Холандија го загадува воздухот главно поради големата емисија на амонијак до тој степен што лекувањето на последиците од ова загадување чини три милијарди евра годишно.
Сообраќајот и транспортниот сектор предизвикуваат штета на здравствениот систем на Холандија од речиси 5,3 милијарди евра со емисија на загадувачки материи, а индустријата, енергетиката и рафинериите заедно предизвикуваат штета од 3,1 милијарди евра, пренесува „Танјуг“.
Институтот за јавно здравје РИВМ наведува дека загадениот воздух го зголемува ризикот од астма, срцеви проблеми, висок крвен притисок и предвремено породување. РИВМ истакнува дека речиси 11.000 Холанѓани умираат во просек осум месеци порано секоја година поради последиците од дишењето загаден воздух.
Свет
Маск за помилувањетo на Хантер Бајден: Законот очигледно не е ист за сите и постојат и такви што се над него
Американскиот милијардер и сопственик на социјалната мрежа Х, но и идниот шеф на Одделот за владина ефикасност во новата администрација на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, Илон Маск, реагира на веста дека актуелниот претседател Џо Бајден сепак одлучил да го помилува својот син Хантер во случаите што против него беа поднесени пред американското правосудство.
Имено, додека сè уште беше во трка за втор мандат, претседателот Бајден на социјалната мрежа на Маск, во времето кога се водеа постапки против син му, тврдеше дека никој не е над законот јасно алудирајќи дека законот исто важи и за син му, како и за претседателот Трамп.
Сепак, нешто повеќе од еден месец пред официјално да му ја предаде функцијата на новоизбраниот претседател Трамп, Бајден одлучи да го помилува својот син во постапката за затајување данок и нелегално поседување оружје, анализираат медиумите.
Маск објави „скриншот“ од твитот на Бајден од мај оваа година, со коментар дека „белешките на заедницата кинат“ повикувајќи се на белешка од членовите на мрежата Х, кои го поврзаа твитот на претседателот Бајден со веста на AP News за помилувањето на Хантер Бајден, со опис:
„Простувајќи му на својот син Хантер не само за едно злосторство туку и за сите реални и потенцијални злосторства што можеби или не ги направил во изминатите 11 години, Џо Бајден јасно стави до знаење дека некои луѓе се, всушност, над законот“.
Твитот на Маск досега собра повеќе од 5,7 милиони прегледи на интернет.