Свет
Пакистан ја предупреди Индија да не презема воена акција

Премиерот на Пакистан, Имран Кан, порача дека неговата земја ќе возврати ако Индија преземе воена акција против неа, по минатонеделниот самоубиствен напад врз индиските сили во Кашмир, пренесе Би-би-си.
Тој ја повика Индија да обезбеди докази за да ги потврди своите тврдења со кои го обвинува Пакистан за вмешаност во нападот, во кој загинаа повеќе од 40 припадници на индиските безбедносни сили.
Одговорност за нападот презеде пакистанската милитантна група Џаиш-е-Мохамед.
Нападот ги зголеми тензиите меѓу нуклеарно вооружените Индија и Пакистан.
Според Кан, само дијалогот може да помогне во решавањето на проблемите во Кашмир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русиja: Бројот на загинати во украинскиот напад се искачи на пет лица

Бројот на загинати во украинскиот напад во руската област Курск се искачи на пет, изјави денеска локалниот гувернер.
Александар Хинштајн претходно објави дека три лица се убиени, а девет се ранети по удар во трговски центар во селото Белаја.
Претходно, руското Министерство за одбрана објави дека нејзината противвоздушна одбрана соборила 337 украински беспилотни летала, што се смета за најголем напад со украински беспилотни летала врз Русија во последните три години.
Најмногу беспилотни летала, 126, биле соборени над областа Курск, додека 91 биле соборени во регионот на Москва.
Свет
Украински функционер: Можеме да ја погодиме Москва во секое време, ова беше порака до Путин

Синоќешниот напад со беспилотни летала врз Москва, најголем во последните три години војна, беше обид да се охрабри Владимир Путин да се согласи на прекин на огнот, изјави украински официјален претставник.
Според Андриј Коваленко, шеф на украинскиот владин Центар за борба против дезинформации, нападот бил дизајниран како „уште една порака до Путин дека треба да биде заинтересиран за прекин на огнот во воздухот“.
„Не се работи само за рафинериите за нафта, беспилотните летала можат да ја погодат Москва во секој момент“, рече Коваленко.
Во пресрет на разговорите во Џеда, украинските власти предложија прекин на огнот во воздух и море, но не и на копно.
Свет
Меркел: Европа може да биде уништена

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ја истакна важноста на единството во Европа предупредувајќи дека во спротивно Европа може да биде скршена, пренесува Rheinische Post.
„Сѐ она што се случува деновиве, всушност, се однесува на Германија и на Европа“, рече Меркел додавајќи дека два процента од БДП за вооружување нема да бидат доволни.
Таа се осврна и на темата миграција. Смета дека проблемот со илегалната миграција не може да се реши исклучиво на национално ниво. „Ова останува европска задача, која бара соработка со соседните земји“, нагласи таа додавајќи дека клучниот предизвик е во матичните земји на мигрантите.
Меркел се осврна и на американскиот претседател Доналд Трамп. „Важно е тој точно да знае што му е важно“, рече таа опишувајќи го како типичен претприемач. „Ако сакам одредено парче земја, можам да го добијам само јас и никој друг нема да може да го добие. Но, политиката не секогаш функционира така“, рече таа.
Таа се присети и на ситуацијата кога Трамп не се ракуваше со неа истакнувајќи дека тој знае да привлече внимание подобро од кој било друг. Според неа, само уште еден светски лидер на сличен начин ја поларизира меѓународната политика – Владимир Путин.
„Тој нападна суверена земја, Украина, со што не само што го прекрши меѓународното право, туку го прекрши и европскиот повоен поредок“, предупреди Меркел нагласувајќи дека решението на конфликтот мора да биде дипломатско.
„Нема да бидат доволни само воените средства. Можеби сега сме поблиску до договор отколку пред неколку недели. Политиката мора да ги поврзува спротивставените позиции, а не само да поставува црвени линии“, посочи таа и додаде: „Украина мора да остане суверена“.
Меркел, долгогодишната канцеларка на Германија (2005 – 2021) и лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), беше една од највлијателните политичари во Европа во 21 век. За време на нејзиниот мандат, таа се истакна како лидер на Европската Унија, особено за време на финансиската криза и брегзитот.
Една од најконтроверзните одлуки во нејзината кариера беше политиката на отворени врати за време на мигрантската криза во 2015 година кога дозволи повеќе од милион бегалци да влезат во Германија.
Оваа одлука ѝ донесе пофалби како хуманитарен лидер, но и остри критики, особено во нејзината партија и од десничарските политички опции. Меркел инсистира на европско решение за мигрантското прашање нагласувајќи ја потребата од солидарност и соработка со матичните земји на мигрантите.
Иако нејзината политика предизвика политички пресврт, Меркел остана на својот став дека Германија може и мора да ги интегрира новодојдените мигранти. Со текот на годините таа постепено ја заоструваше својата мигрантска политика поддржувајќи ги договорите со Турција и зголемените контроли на надворешните граници на ЕУ, анализираат медиумите.