Свет
Палестински извори: Пронајдени тела на стотици убиени цивили во болницата Ал Шифа

По целосното повлекување на израелските сили од внатрешноста на болничкиот комплекс Ал Шифа и неговата околина, западно од градот Газа, пронајдени се безживотните тела на стотици убиени цивили, соопштија медицински извори во палестинската енклава.
Локалните извори потврдија дека претходно денеска израелските окупаторски сили целосно се повлекле од болницата Ал-Шифа и околните станбени области и се движеле кон областите јужно од населбата Тал Ал-Хава, југозападно од градот Газа, пренесува палестинската новинска агенција Вафа.
Според очевидци, израелските сили ги запалиле сите згради на болницата Ал-Шифа и ја направиле целосно неупотреблива.
Медицински извори објаснија дека израелската армија целосно уништила неколку ката во зградата на специјализираните болнички одделенија, а го запалила и остатокот од комплексот, вклучително и одделот за итни случаи, уништувајќи ја целата медицинска опрема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Бомбаш самоубиец уби три деца во напад врз воен училишен автобус во Пакистан

Пет лица загинаа, меѓу кои најмалку три деца, во самоубиствен напад врз воен училишен автобус во немирната пакистанска покраина Белуџистан, соопшти војската, а Пакистан ги обвини групите за кои тврди дека се поддржани од Индија.
Околу 40 ученици биле во автобусот што се упатувал кон военото училиште, а неколку од нив се повредени, изјави Јасир Икбал, администратор на округот Хуздар, каде што се случил инцидентот.
Во соопштението, пакистанската војска и премиерот Шебаз Шариф го осудија насилството и ги обвинија „терористичките посредници од Индија“ за вмешаност во нападот. Тие не понудија докази што го поврзуваат нападот со Њу Делхи.
Индиската влада не одговори веднаш на барањето за коментар.
Во нападот загинаа најмалку три деца и двајца возрасни, соопшти војската. Тензиите меѓу двата нуклеарно вооружени соседи остануваат високи откако се согласија на прекин на огнот на 10 мај, за кој дипломатите предупредија дека е кревок. Прекинот на огнот беше договорен по најинтензивната воена акција во последниве децении во конфликт за кој аналитичарите и официјалните лица стравуваа дека би можел да излезе од контрола.
Двете земји се обвинуваат меѓусебно за поддршка на милитантни групи на територијата на соседната земја, што двете земји го негираат.
Најновата воена ескалација, за време на која двете земји разменија ракетен оган, се случи откако Индија го обвини Пакистан за поддршка на милитантите кои нападнаа десетици туристи во индискиот дел од спорниот регион Кашмир.
Исламабад негира вмешаност.
Свет
(Видео) Путин и волонтери со чај и слатки: рускиот претседател го посети Курскиот регион на границата со Украина

Рускиот претседател Владимир Путин ја посети Курската област, на границата со Украина, соопшти Кремљ.
„Владимир Путин беше во работна посета на Курската област претходниот ден“, се наведува во соопштението.
Путин се сретна со привремениот гувернер Александар Хинштајн и претставници на волонтерски организации.
Државната телевизија „Русија 24“ емитуваше видео од средбата меѓу Путин и волонтерите околу голема маса со чај и слатки.
Рускиот претседател имаше средба и со претставници на регионалните општини во Курчатов, каде што се наоѓа нуклеарната централа, а го посети и градилиштето на електраната Курск-2.
На крајот на април, Русија тврдеше дека, со помош на севернокорејските војници, целосно го вратила Курскиот регион, во кој украинските сили влегоа во август 2024 година.
Руските власти претходно денес објавија дека армијата соборила 159 украински беспилотни летала во неколку региони на Русија, вклучувајќи ги Брјанск и Курск, за 12 часа.
Свет
Кабинетот на Бајден демантира дека ракот му бил дијагностициран претходно

На поранешниот американски претседател Џо Бајден му беше дијагностициран рак на простата дури минатата недела, а неговиот „последен познат“ тест на крвта за болеста беше пред повеќе од една деценија, соопшти неговиот кабинет.
Соопштението од канцеларијата на Бајден доаѓа во време кога критичарите, вклучувајќи го и актуелниот американски претседател Доналд Трамп, изразија скептицизам во врска со времето на дијагнозата, што повторно покрена прашања за тоа дали поранешниот претседател ја довел јавноста во заблуда за своето здравје додека бил на функцијата, пренесува Ал Џезира.
„Последниот познат тест за PSA на претседателот Бајден беше во 2014 година“, се вели во краткото соопштение од кабинетот на Бајден, осврнувајќи се на тестот за специфичен антиген на простата што се користи за откривање на рак на простата.
„Пред петокот, на претседателот Бајден никогаш не му беше дијагностициран рак на простата“, истакнуваат тие.
Во понеделникот, Трамп рече дека е „изненаден“ што јавноста не била информирана за дијагнозата на Бајден „одамна“.
„Зошто траеше толку долго? Ова трае долго време. Може да потрае една година за да се достигне ова ниво на опасност“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа, осврнувајќи се на напреднатиот рак на Бајден.
„Некој не ги кажува фактите, а тоа е голем проблем“, рече Трамп.
Кабинетот на Бајден во неделата објави дека на поранешниот претседател му е дијагностициран рак на простата, кој се проширил на неговите коски два дена претходно.
Кабинетот на Бајден истакна дека ракот има оценка од девет според системот за класификација на Глисон, кој го рангира ракот на простата од шест до десет, што укажува дека е меѓу најагресивните типови.