Свет
Пандемијата ќе има негативно влијание на фертилитетот во Европа, предупредуваат експертите
„Време е да станете мајка“, гласи пораката што стотици Португалки ја добија на своите мобилни телефони минатиот месец. Пораката испратена од приватна болница во Лисабон за привлекување женски клиенти предизвика бран критики на социјалните мрежи, а некои жени велат дека сега е најлошото време за мајчинство, со оглед на тоа што сме среде пандемија и рецесија.
Докази сугерираат дека коронавирусот ги обесхрабрува потенцијалните родители да забременат во поголемиот дел од Европа, а особено во јужните држави, од Италија до Грција, каде и така стапката на наталитет веќе драстично опаѓа.
Во 2000 година родени се 120.000 деца во Португалија. Минатата година се родени 86.600, што е за 39 проценти помалку. Падот е најсилен по длабоките рецесии како што е моменталната предизвикана од пандемијата на Ковид-19.
Како што предупредуваат експертите, покрај емотивните предизвици што ги носи за паровите кои сакаат деца, долгорочно ќе има и економски предизвици за земјите на кои може да им требаат години за да излезат од кризата.
Помалку раѓања значи помалку нови работници и повеќе постари луѓе. Ова на крајот ќе има негативно влијание врз БДП и ќе ги оптоварува јавните пензиски шеми и социјалната држава, зголемувајќи го јазот помеѓу европскиот богат север и сиромашниот јужен дел на Европа.
„Гледате приказни во медиумите и на други места за луѓе кои се обидуваат да го искористат ‘локдаунот’ за да создаваат деца, но тоа не е рационално однесување“, вели Ванеса Куња, експерт за плодност, род и семејни работи на Институтот за социјални науки на Универзитетот во Лисабон.
Марија Викарио, претседател на италијанското Национално здружение на акушерки, вели дека очекува кризата да се одрази на бројот на родени следната година. „Регионот Лацио околу Рим забележа три пати поголем број на мртвородени деца оваа година, бидејќи бремените жени се плашат да одат во болници на прегледи“, истакна таа.
На другиот крај на континентот во Шведска, кој има дарежлива и ефикасна социјална држава, Ева Нордлунд, претседател на Шведската асоцијација за акушерки, рече дека се чини дека со нив се случува спротивното. „Постојат центри за бремени жени кои имаат проблеми со запишување поради големиот број нови бремени жени“, рече таа.
Во Германија, стапката на плодност пред пандемијата се движеше околу европскиот просек од 1,5 деца по жена.
Франција, Шведска и Данска се лидери во Унијата со стапки на плодност повисоки од 1,7. На другиот крај на скалата се Италија и Шпанија со стапка помала од 1,3.
Истражувањето спроведено во петте најголеми европски земји за време на првиот бран на пандемијата во март и април покажа дека над две третини од луѓето на возраст под 34 години планираат да се откажат или да го одложат родителството поради пандемијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.