Свет
Папата ги повика жителите на римско предградие, кое е под влијание на мафијата, да бидат храбри

Папата Франциско ги повика жителите на римско предградие, каде што мафијата има силно влијание, да бидат храбри и да се придржуваат до законот.
Франциско ова го изјавил на отворената вечерна миса во неделата во Остија, крајбрежен град во Италија. Во својата беседа тој ги охрабри луѓето да ги срушат ѕидовите на социјалните кодови – во Италија познати како омерта – што ги обесхрабруваат луѓето да ги осудат членовите на мафијата.
Во 2015 година општинската администрација на Остија била ставена под италијанска владина контрола поради инфилтрација на локалните криминални кланови. Властите ги обвинија за убиства, изнудување, трговија со дрога и лихварство во Остија.
Папата исто така ја осуди злоупотребата на моќ и ароганција велејќи дека луѓето мора да ги прифатат правдата, пристојноста и законитоста.
Новинарите што известуваат за мафијата на Остија добиваат константни физички закани.
Франциско ги повика луѓето да се ослободат од стравот и угнетувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Газа: 169 луѓе починаа од глад, над 320.000 деца се соочуваат со акутна неухранетост

Министерството за здравство во Газа денес објави дека уште седум Палестинци, меѓу кои и едно дете, починале од глад и неухранетост.
Новите смртни случаи, регистрирани во последните 24 часа, го зголемија вкупниот број на смртни случаи поврзани со глад од октомври 2023 година на 169, вклучувајќи 93 деца, се вели во соопштението.
Министерството предупреди дека хуманитарната криза во Газа се влошува и повторно апелираше до меѓународната заедница и хуманитарните организации веднаш да интервенираат за да се стави крај на страдањето и да се достави итна помош, пренесува Анадолија.
Заменик-извршниот директор на УНИЦЕФ, Тед Чајбан, денесka изјави дека Газа се соочува со сериозен ризик од глад и дека она што може да се види на терен е „шокантно“.
„Повеќе од 320.000 мали деца се изложени на ризик од акутна неухранетост. Во стабилизацискиот центар во градот Газа , сретнав акутно неухранети бебиња чии тела беа само кожа и коски. Нивните мајки седеа во близина, очајни и исцрпени. Една мајка ми кажа дека нејзиното тело повеќе не произведува млеко затоа што самата е премногу гладна. УНИЦЕФ прави сè што може за да ја реши ситуацијата – поддржува доење, обезбедува формула за бебиња и лекува деца со тешка акутна неухранетост. Но, потребите се огромни по 22 месеци војна и два месеци блокада, која сега е олеснета, но сè уште има влијание, а помошта сè уште не пристигнува доволно брзо или во потребниот обем“ рече Чајбан.
Тој нагласи и дека повеќе од 18.000 деца се убиени во Газа од почетокот на војната, што е во просек по 28 деца дневно.
Свет
Нов земјотрес на Камчатка, регистриран афтершок со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала

Земјотрес со интензитет од 6,1 степен според Рихтеровата скала е регистриран денес на Камчатка, на растојание од 196 километри од регионалниот главен град Петропавловск-Камчатски, соопшти огранокот на Геофизичката служба на Руската академија на науките (РАН) на Камчатка.
Како што е наведено, земјотресот е регистриран на длабочина од 59,8 километри, пренесува РИА Новости.
Директорката на подружницата на оваа служба во Камчатка, Данила Чебров, претходно за агенцијата РИА Новости изјави дека се очекуваат силни, но не и разорни потреси по силниот земјотрес што го погоди регионот на 30 јули.
Според регионалните служби за вонредни состојби, во последните 24 часа се регистрирани околу 146 последователни потреси со јачина помеѓу 3,2 и 6,2 степени, од кои многу се почувствувани, со јачина од 2 до 5 степени според Меркалиевата скала.
Во среда, на 30 јули, Камчатка беше погодена од најсилниот земјотрес од 1952 година, со јачина од 8,8 степени.
По земјотресот, во делови од Русија и низ Тихиот Океан беше прогласена закана од цунами, а населението беше повикано да се држи подалеку од брегот во ризичните области.
Вечерта, предупредувањето беше укинато.
Европа
Финска, Норвешка и Шведска под жештина невидена од 1961 година

Земјите од Северна Европа, познати по својата студена клима, се соочуваат со интензивни топлотни бранови, со температури над 30 степени Целзиусови во подолг временски период.
Во норвешкиот дел од Арктичкиот круг, метеоролошките станици регистрирале температури над 30 степени Целзиусови дури 13 дена во јули, додека Финска имала три последователни недели со температури од 30 степени, пишува денес британскиот „Гардијан“.
Според научниците, тоа е најдолгиот период според историските податоци од 1961 година, а трае 50 проценти подолго од претходниот рекорд.
„Топлотниот бран е сè уште во полн ек, со максимални температури денес околу 32-33 степени. Дури и арктичките региони забележаа три недели со температури над 25 степени и може да ги соборат своите августовски температурни рекорди утре“, изјави Мика Рантанен, климатолог во Финскиот метеоролошки институт, во објава на социјалните мрежи.
Норвешкиот метеоролошки институт соопшти дека температури над 30 степени се регистрирани 12 дена во јули во најмалку една станица во трите најсеверни покраини на Норвешка.
Во Шведска, метеоролозите, исто така, регистрираа продолжени топлотни бранови во неколку северни градови, при што метеоролошката станица во Хапаранда регистрираше температури од 25 степени или повеќе 14 дена по ред.
Овие топлотни бранови, кои ја погодија северна Европа кон средината на јули, беа предизвикани од топлите води покрај северниот брег на Норвешка, кои ги покачија температурите во нордиските земји за осум до 10 степени над сезонските норми.
Поради интензивен топлотен бран, лизгалиште на мраз во северна Финска ги отвори вратите за луѓе кои бараат засолниште од жештината, откако локалните болници беа преполни, а сточарите предупредија дека нивните ирваси се на работ на смртта од жештината.