РЕ-Ново
Пекинг е во потрага по туристи, овозможува безвизна шема по проблематичната економија по пандемијата
Кина склучи договор со Тајланд за трајно откажување од визните барања за меѓусебните граѓани од март, што е последен во низата обиди на Пекинг да ги привлече странските туристи во услови на проблематична економија по години на самонаметната изолација на Ковид.
Реципрочната безвизна шема, објавена од тајландскиот премиер Сретта Тависин во вторникот, доаѓа откако Тајланд во септември ги укина визите за кинеските туристи до овој февруари.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека меѓусебните визни ослободувања меѓу Кина и Тајланд „служат за основните интереси на двата народи“.
Кина е втора по големина економија во светот, глобална производствена моќ и огромна нација со вртоглава географија, богата култура и историја што ја прави исклучителна за истражување на туристите.
Кина ја олабавува забраната од ерата на пандемијата за граѓаните да се приклучуваат на групни патувања во странство
Периодите на самонаметната изолација, лавиринтските визни правила, ограничувањата на интернетот кои ги забрануваат сеприсутните онлајн алатки како Google Maps и – од неодамна –кинески апликации за е-плаќање, долго време се покажаа како бариери за патување.
За време на пандемијата Ковид-19, границите на Кина беа целосно затворени три години. Но, се чини дека Пекинг сега сака туристи да се вратат.
Договорот со Тајланд следи по постоечката безвизна шема што Кина ја понуди на шест земји во обид да го поттикне странскиот туризам додека нејзината економија се бори да закрепне.
Во ноември, Кина објави пробна програма која ќе им овозможи на посетителите од Франција, Германија, Италија, Холандија, Шпанија и Малезија да влезат без визи 15 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Софија Стојанова – автор на најдобрата беседа на конкурсот во чест на Прличев
Годинашен добитник на наградата за најдобра беседа за 2026 од конкурсот што го распиша НУ Библиотека „Григор Прличев“ на тема: „По песната птиците се разликуваат“е Софија Стојанова. Таа е ученичка во втора година во гимназијата „Јане Сандански“во Струмица.
Нејзината беседа беше под шифра „Тивериопол“, таа го докажа авторството, а Библиотеката доби потврда и од нејзината професорка по македонски јазик и литература Боркица Филева.
„Добивањето на наградата на конкурсот распишан од Библиотеката во Охрид за мене претставува исклучително значајно признание и длабока лична радост. Овој успех не го доживувам само како потврда за мојот труд, туку и како охрабрување да продолжам уште посветено да се надградувам и да го следам патот на знаењето. Ова признание претставува поттик да бидам уште поодговорна кон сопствените цели и уште похрабра во остварувањето на своите соништа“, изјави Стојанова за веб страницата на Библиотеката.
Дека Софија е млад веќе изграден автор сведочат и наградите кои само во изминатите две години ги освоила на полето на литературата:
2025 – Диплома за прво место на литературниот конкурс ,,Со својот живот Ацо Шопов опеал дело, а во своите дела, го опеал животот”- Оштина Штип
2025 -Прва награда на литературниот конкурс ,,Топли гнезда”- Општина Струмица
2025 – Диплома за прво место на конкурсот ,,Дигитални човекови права и приватност во ерата на технологијата”- Општина Струмица
2025 – Прва награда на литературниот конкурс ,,Моето посебно другарче”- Општина Струмица
2024- Диплома за прво место на конкурсот ,,Тишината понекогаш зборува најгласно и најдобро за делата и поетот Ацо Шопов”- Општина Штип
На младата Софија Стојанова автор на најдобрата беседа на шести февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид ќе и биде доделена парична награда од 9.000 денари и признание со ликот на Прличев.
Култура
Кинотеката ја објави програмата за февруари: тивки гласови, силни приказни и филмот како чин на сеќавање
Програмата на Кинотека на Македонија за февруари 2026 година претставува внимателно изграден мозаик од современи авторски визии и значајни европски остварувања, кој уште еднаш ја потврдува Кинотеката како простор на мисла, чувствителност и отпор кон заборавот. Ова не е програма што нуди лесна забава, туку покана за длабинско гледање и активно учество во филмот како уметнички и етички чин, велат од Кинотеката.
Во центарот на вниманието е актуелниот филм на Тамара Котевска, авторка чиј сензибилитет се движи меѓу документарното и поетското, помеѓу човекот и пејзажот, помеѓу исчезнувањето и траењето. Нејзиното дело продолжува да ја истражува кревката рамнотежа помеѓу личното сведоштво и универзалната грижа за светот што го населуваме. Во истата линија на тивка, но моќна авторска исповед се вклучува и документарецот „Приказната за Сиљан“, филм што преку интимна нарација отвора пошироки прашања за идентитетот, наследството и човечката потреба да се раскаже сопствената приказна.
Февруарската програма го вклучува и новиот филм на култниот независен автор Џим Џармуш. Неговата минималистичка естетика, тивки паузи и егзистенцијален хумор повторно нè потсетуваат дека филмот може да биде простор на созерцание, а не само на наративна ефикасност. Џармуш останува еден од ретките автори што доследно ја брани слободата на независниот филм.
Европската селекција ја проширува програмата со филмовите „Љубовта што останува“, „Луда љубов“, „Двајца обвинители“, „Приватен живот“ и „Ромериа“ — остварувања што низ различни поетики и жанровски регистри се занимаваат со интимноста, вината, правдата и кревките човечки односи во современиот свет. Овие филмови не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за сомнеж, емпатија и морална дилема, токму онаму каде европскиот авторски филм е најсилен.
Посебно значајна е и програмата за најмладата публика, со избор на квалитетни анимирани филмови за деца, кои не ја потценуваат својата публика. Преку јасна визуелна имагинација и внимателно обликувани приказни, тие носат сериозни пораки за емпатијата, различностите, пријателството и одговорноста — градејќи темели за идни гледачи што ќе умеат да гледаат, а не само да консумираат.
„Февруари 2026 во Кинотеката на Македонија не е само месечна програма, туку јасна изјава за филмот како уметност што мисли, чувствува и памети. Простор каде тишината зборува, а сликите остануваат долго по завршувањето на проекцијата“, велат од таму.

