Свет
Пекинг се закани со одговор на американското соборување на кинескиот балон
По вчерашното соборување на кинескиот шпионски балон над Атлантикот, официјален Пекинг денеска жестоко реагираше.
Кинеските власти соопштија дека го задржуваат правото да „преземат понатамошни дејствија“, критикувајќи ги САД за „јасно претерано реагирање и сериозно кршење на меѓународната практика“.
Официјален Пекинг во соопштение објавено денеска наведе дека Кина цврсто ги поддржува легитимните права и интереси на компанијата што го поседува балонот и во исто време го задржува правото да „преземе дополнителни мерки како одговор“ на американското соборување на балонот, пренесе АП.
Присуството на балон на небото над САД оваа недела им зададе нов удар на веќе затегнатите односи меѓу САД и Кина, кои се влошуваат со години и го натера американскиот државен секретар Ентони Блинкен нагло да го откаже претходно договореното патување во Пекинг.
Американскиот претседател Џозеф Бајден го пофали Пентагон за успешната акција за соборување на кинескиот балон над Атлантикот во близина на брегот на Јужна Каролина.
Според американските власти, војската користела борбени авиони Ф-22 од базата на воздухопловните сили во Вирџинија, а според американската телевизија била истрелана ракета АИМ-9Х. Секретарот за одбрана Лојд Остин рече дека кинеските власти го користат соборениот балон „за да ги надгледуваат стратешките локации во континенталниот дел на САД“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

