Видео кое стана вирално на социјалните мрежи покажува како агент на американската Служба за имиграција и царина (ICE) насилно се справува со Моника Морета-Галарза, еквадорска барателка на азил, соборувајќи ја на подот во имиграцискиот суд во Њујорк.
Инцидентот се случил откако агентите го привеле нејзиниот сопруг пред нејзината ќерка.
Одделот за внатрешна безбедност (DHS) соопшти дека агентот е суспендиранод должност во исчекување на истрагата.
Снимките од местото на настанот покажуваат неколку маскирани агенти како го одделуваат сопругот на Морета-Галарза од неговото семејство и го водат надвор од зградата. Додека таа низ солзи моли еден од агентите, маж во сина карирана кошула и капа, тој извика „адиос“ и ѝ рече да си оди. Кога му се приближи, тој нагло ја зграпчи, ја фрли пред група фотографи кон ѕидот, а потоа ја собори на подот.
Откако стана, агентот ја турна кон обезбедувањето, кое ја испрати надвор од зградата. Таа беше хоспитализирана поради повредите, но подоцна беше пуштена.
„Нè тепаа во Еквадор. Не мислев дека ќе дојдам во Соединетите Држави и ќе го доживеам истото“, изјави Морета-Галарза за новинарите откако беше пуштена од болница.
Новинарот на ProPublica, Тил Екерт, кој беше на местото на настанот, потврди дека семејството побарало азил во Соединетите Држави, што е правен процес. Инцидентот се случил на адресата Федерал Плаза 26, која покрај имиграциски суд служи како и привремен центар за притвор за мигранти. Таму минатата недела беа уапсени повеќе од 70 демонстранти.