Свет
Пентагон: САД нападнаа објекти во Сирија поврзани со Иран
Соединетите Американски Држави нападнаа два објекта во Сирија, што ги користат иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда и групите поддржани од Иран, соопшти Пентагон, по серијата напади врз американските сили во Ирак и Сирија.
Нападите следуваа откако администрацијата на претседателот Џо Бајден вети дека ќе одговори на нападите врз американскиот персонал за кои Вашингтон ги обвини вооружените групи, поддржани од Иран.
„САД не бараат конфликт и немаат намера или желба да се вклучат во понатамошни непријателства, но овие напади против американските сили поддржани од Иран се неприфатливи и мора да престанат“, рече американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, во изјавата.
„Иран сака да ја скрие својата улога и да ја негира својата улога во овие напади врз нашите сили. Нема да им дозволиме да го направат тоа. Ако продолжат нападите на иранските посредници врз американските сили, нема да се двоумиме да преземеме дополнителни неопходни мерки за заштита на нашиот народ“, рече тој.
Остин рече дека прецизните удари биле во самоодбрана и не се поврзани со војната Израел – Хамас.
„Тие се одвоени и се разликуваат од сегашниот конфликт меѓу Израел и Хамас и не претставуваат промена во нашиот пристап кон конфликтот меѓу Израел и Хамас“, рече тој.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, претходно предупреди дека Вашингтон ќе одговори на нападите „во време по наш избор и на начин по наш избор“.
Коментарите на Кирби следуваа откако американското Министерство за одбрана во четвртокот соопшти дека американските и сојузничките сили во Ирак и Сирија биле нападнати од милитантни групи поддржани од Иран најмалку 16 пати овој месец.
Вкупно 21 припадник на американската војска беа повредени во нападите, од кои повеќето со трауматски повреди на мозокот, соопштија американските власти.
Извештаите за напади врз американските сили во регионот се зголемија по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас, која почна на почетокот на овој месец кога палестинската група почна напад врз Израел за кој израелските власти велат дека убиле повеќе од 1.400 луѓе.
Палестинските власти соопштија дека повеќе од 7.000 луѓе се убиени во израелските воздушни напади врз Газа како одговор на нападите на Хамас на 7 октомври.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека директно го предупредил иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, да не ги напаѓа американските трупи на Блискиот Исток.
„Моето предупредување до ајатолахот беше дека ако продолжат да ги напаѓаат тие војници, ние ќе одговориме и дека тој треба да биде подготвен“, им рече Бајден на новинарите додавајќи дека тоа нема никаква врска со Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

