Свет
Песков за санкциите на Трамп: Русија веќе разви имунитет

Кремљ денес објави дека продолжува да ги следи изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со санкциите против Москва, но дека Русија, благодарение на долгогодишното искуство, е имуна на вакви мерки.
Трамп вчера изјави дека САД ќе почнат да воведуваат царини и други мерки за Русија за 10 дена ако Москва не покаже напредок кон прекинување на повеќе од тригодишната војна во Украина.
„Долго време живееме под огромен број санкции, нашата економија работи под голем број ограничувања“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите.
„Затоа, секако, веќе развивме одреден имунитет во овој поглед и продолжуваме да ги следиме сите изјави на претседателот Трамп, како и на други меѓународни претставници за ова прашање“, рече портпаролот на Кремљ.
Медиумите потсетуваат дека американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека ќе воведе царини за Русија за 10 дена ако Кремљ не се согласи да ја запре војната дотогаш, според аудио-снимка објавена од Белата куќа. Се очекува царините што ги спомена Трамп да бидат секундарни санкции за земјите што купуваат руска нафта, гас и други производи, како што се Кина и Индија.
„За 10 дена од сега. Потоа ќе воведеме царини и слични работи. Не знам дали тоа ќе влијае на Русија, бидејќи тој (рускиот претседател Владимир Путин) очигледно веројатно сака да ја продолжи војната, но ние ќе воведеме царини и слични работи“, рече Трамп, одговарајќи на новинарско прашање пред да се качи на авионот „Ер Форс Уан“, според написите.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Медведев до Трамп: „Нека се потсети на своите омилени филмови за „живите мртовци“

„Не ме интересира што прави Индија со Русија. Тие можат заедно да ги уништат своите мртви економии, според мене.“
Оваа порака, објавена на социјалната мрежа „Truth Social“, е уште една во низата што американскиот претседател неодамна ги упати кон Русија, Индија и поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, пренесуваат медиумите во светот.
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, ги коментираше зборовите на Трамп на Телеграм.
„Ако некои зборови на поранешниот претседател на Русија предизвикуваат толку нервозна реакција од толку моќен американски претседател, тоа значи дека Русија е во право во сè и ќе продолжи да оди по својот пат.“
– А што се однесува до „мртвата економија“ на Индија и Русија и „влегувањето во опасна територија“ – нека се сети на своите омилени филмови за „живите мртовци“, како и колку опасна може да биде непостоечка „мртва рака“, напиша Медведев.
Фото: принтскрин
Свет
Трамп до Канада: Нема договор ако ја признаете Палестина

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека поддршката и признавањето на палестинската држава од страна на Канада ќе го отежни склучувањето трговски договор меѓу двете земји, објави „Si-TV News“.
„Бај! Канада штотуку објави дека ја поддржува палестинската државност. Тоа ќе ни го отежни многу склучувањето трговски договор со нив. О, Канада!!!“, напиша Трамп на мрежата „Truth Social“.
Објавата дојде еден ден пред рокот на Трамп на 1 август за трговски договор, а американскиот претседател претходно изјави дека ќе воведе царини од 35 проценти на канадските стоки ако двете страни не постигнат договор.
Канадскиот премиер Марк Карни вчера изјави дека можеби нема да ги заврши преговорите со САД до 1 август, бидејќи претседателот објави нови трговски мерки што би можеле да им го отежнат бизнисот на некои канадски компании.
Канада има намера да ја признае државата Палестина во септември на седницата на Генералното собрание на ОН, изјави канадскиот премиер.
Тој, како што објави Ројтерс, рече дека оваа одлука се темели на фактот дека Палестинската самоуправа ќе спроведе реформи, вклучително и фундаментална реформа на институциите, и ќе одржи општи избори во 2026 година на кои Хамас нема да учествува.
Фото: принтскрин
Регион
Хрватска е подготвена да прифати деца од Газа

Хрватска ги отвора вратите за децата од Појасот Газа, објави Министерството за надворешни и европски работи, со акцент на „психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи“, објавија хрватските медиуми.
„Република Хрватска ќе ги отвори вратите за децата од Газа на ист начин како што ги отвори за децата од Украина, фокусирајќи се на психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи“, објави денес Министерството.
Во соопштението се нагласува дека Хрватска има искуство во ова од Татковинската војна и дека има меѓународно признато знаење за дејствување против мини.
Министерството пишува дека државата е подготвена да прифати деца доколку се појават можности, за што верува дека ќе се појават, и нагласува дека континуирано спроведува проекти поврзани со украинските деца, од кои околу 700 се згрижени во Хрватска, преку јавен повик.
Планот го објави државниот секретар на Министерството за надворешни работи за политички прашања, Франо Матушиќ, на меѓународната конференција за мирно решение на палестинското прашање и спроведување на решение за две држави во седиштето на ОН.