Свет
Песков: „Оние кои заминаа во странство ќе се вратат дома“
Оние Руси кои заминаа во странство со почетокот на специјалната воена операција (СВО) ќе се вратат кога растечкиот руски пазар ќе стане поатрактивен, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков во интервју за РБЦ.
„Како што нашиот растечки пазар станува поатрактивен во позадината на негативните економски трендови во многу земји каде што овие луѓе претпочитаа да одат, тие ќе се вратат дома“, рече портпаролот на Кремљ.
„Во економска смисла ни оди доста добро. Почнавме да се развиваме. Мора да имаме потешкотии. Имаме проблеми. Не можеме, а да не ги почувствуваме самите овие проблеми, со оглед на непријателската атмосфера околу нас. Мислам на она што земјите од колективниот Запад се обидуваат да ни го направат. Но, и покрај тоа, сепак покажуваме многу добри параметри“, потенцира Песков.
Тој ги спомнува руските макроекономски показатели, стапките на раст на БДП што се очекуваат оваа година, стапките на инфлација и невработеност и раст на инвестициите. Според него, овие податоци покажуваат дека „земјата не може, а да не стане се поатрактивна“.
„Дури и голем број европски земји уназадуваат“, рече Песков. Затоа, според неговото мислење, ќе се „вратат“ оние Руси кои претходно ја напуштиле земјата.
Запрашан дали има планови да се преземат посебни мерки за да се охрабрат Русите да се вратат во нивната татковина, портпаролот на Кремљ истакна дека „привлечноста на земјата“ е единствената мерка на која може да помисли. „И атрактивноста на земјата расте. Тоа е објективно, нагласи тој, пренесе агенцијата ТАСС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

