Свет
Песков: Путин сè уште нема донесено одлука дали ќе се кандидира за претседател

Рускиот претседател Владимир Путин сè уште не одлучил дали ќе се кандидира на претседателските избори во март 2024 година, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, демантирајќи ги медиумските извештаи дека Путин веќе одлучил да се кандидира.
„Путин сè уште нема дадено никакви изјави во врска со ова. Изборната кампања сè уште не е објавена“, рече Песков, а пренесува „Тасс“.
Се очекува претседателските избори во Русија да се одржат на 17 март 2024 година, а одлуката за тоа ќе ја донесе следниот месец Советот на Федерацијата, горниот дом на парламентот. Според руските закони, Путин има право да се кандидира за уште еден мандат.
„Ројтерс“ објави дека Путин одлучил да се кандидира за реизбор во март, што потенцијално ќе му овозможи да остане на власт најмалку до 2030 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Премиерот на Гренланд: Со нетрпение ја очекувам посетата на данската премиерка

Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен денеска изјави дека со нетрпение ја очекува посетата на данската премиерка Мете Фредериксен во среда.
Нилсен рече дека Гренланд долго време ја посакувал оваа посета, објави Ројтерс.
Тој во неделата рече дека САД нема да го добијат Гренланд, одговарајќи на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека сака да ја преземе контролата врз оваа самоуправна автономна територија под суверенитет на Данска.
Свет
Од кабинетот на Зеленски негираат дека тој се подготвува да се кандидира за втор мандат

Од кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски го демантираат извештајот на британскиот Економист дека Зеленски се подготвува да се кандидира за втор мандат на претседателските избори во јули.
Оттаму исто така, негираа дека Зеленски одржал состанок за изборите во јули, на кој наводно, според Економист, му наредил на својот тим да ги организира изборите, пренесе УНИАН.
Извор од украинската влада изјави дека главното прашање сега е постигнување мир и дека е целосно лажно дека подготовките за изборите веќе се во тек.
Свет
Марин Ле Пен ќе поднесе жалба на пресудата

Марин Ле Пен ќе поднесе жалба на одлуката на судот со која лидерката на француската крајна десница е осудена на четири години затвор, соопшти нејзиниот адвокат.
Според одлуката, две од вкупно четирите години затвор ќе бидат условна казна. Судот пресуди и дека Ле Пен треба да добие петгодишна забрана за вршење јавна функција и треба да плати парична казна од 100.000 евра.
Ле Пен е прогласена за виновна за проневера на европски фондови.
Ова е удар за демократијата – рече нејзиниот адвокат.
– Марин Ле Пен ќе продолжи да се бори – изјави портпаролот на нејзината партија Национален собир.
Ле Пен важи за еден од фаворитите за претседателските избори во Франција закажани за 2027 година.