Свет
Песков: САД мора да ги видат нашите црвени линии, Путин и Бајден можат да разговараат само на една тема
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Вашингтон, по говорот на рускиот претседател Владимир Путин на состанокот на клубот Валдај, може да ја разбере руската визија за животот и дека сега мора да ги види „црвените линии“ и зошто тие се создадени.
Песков за ТВ Русија 1 изјави дека Русија не може да биде нечиј вазал и ќе продолжи да ги брани своите интереси, а оние кои, како што рече, некогаш владееле со целиот свет, веќе почнале да ја губат власта и тоа ќе продолжи, пренесува РИА Новости.
Тој денеска изјави дека платформата за разговор меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Џо Бајден би можела да биде желбата на САД да ја слушнат загриженоста на Русија за одредени прашања, вклучително и безбедноста.
„ Значи, платформата за разговор би можела да биде желбата на САД да ја слушнат нашата загриженост, односно желбата на САД да се вратат во состојбата декември-јануари и да си кажат „она што го нудат Русите може не ни одговара на сите, но можеби вреди да седнеме за преговори на масата. Тука мислам на нацрт-документите кои беа испратени до Брисел и Вашингтон – рече Песков, пренесува РИА Новости.
Портпаролот на Кремљ вели дека кога станува збор за Украина, одлучувачка улога има Вашингтон, а не Киев, со кого, според Песков, невозможно е да се разговара за ништо.
„ Претседателот, легитимниот претседател на Украина, господинот Зеленски, е во Киев, можно е да се постигнат некакви договори со него, врз основа на искуството од март, но тие договори не се валидни, бидејќи може веднаш да се откажат по наредба од надвор“, рече Песков.
На состанокот на клубот Валдај на 27 октомври, Путин оцени дека „играта на Западот го негира суверенитетот на земјите и народите, нивната посебност и ги игнорира интересите на другите земји“.
„ Владење со светот – тоа е влогот што таканаречениот Запад го стави во играта, но таа игра е опасна, крвава и, би рекол, валкана“, рече Путин.
Тој додаде дека „САД немаат што да му понудат на светот, освен својата доминација“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

