Свет
Пламен под авион што долетал од Барселона на аеродромот во Букурешт: инцидентот се истражува
Националната компанија за аеродроми во Букурешт денес објави дека во текот на изминатата ноќ претставници на Романската аеродромска служба (RAS) забележале дека се појавил пламен под кабината на авионот на „Визер“, кој долетал од Барселона за Букурешт.
Техничкиот персонал, кој бил присутен на самото место, ја отстранил опремата за снабдување на авионот со електрична енергија за да го избегне инцидентот, објавува денес порталот „Диги 24“.
Авионот слетал на меѓународниот аеродром „Аурел Влаику“ во близина на Букурешт од Барселона во 1.18 часот, а во времето на инцидентот повеќето од 225 патници веќе го напуштиле авионот.
Од безбедносни причини капетанот одлучил да го активира лизгачкиот излез во случај на вонредна состојба, кој ниеден од патниците немал потреба да го користи.
За време на инцидентот, кој траел кратко, патниците не биле во опасност и не е предизвикана материјална штета.
Авионот бил подложен на детаљна техничка проверка, а инцидентот го истражуваат надлежните органи.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ гледа отворен пат кон поинаков Иран по смртта на врховниот лидер
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека смртта на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи претставува момент на пресврт во историјата на Иран.
„Она што следува е неизвесно. Но сега постои отворен пат кон поинаков Иран, во кој неговите граѓани би можеле да имаат поголема слобода да го обликуваат“, напиша Калас на платформата Икс.
„Во контакт сум со партнерите, вклучително и со оние во регионот кои го носат најголемиот товар од иранските воени дејствија, со цел да пронајдеме конкретни чекори за деескалација“, додаде таа.
Фото: Depositphotos
Свет
Иранскиот претседател: Одмаздата е наше легитимно право по убиството на Хамнеи
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во ново соопштение порача дека одмаздата по убиството на врховниот лидер е легитимно право и должност на Иран.
„Исламската Република Иран ја смета одмаздата врз извршителите и наредбодавците на овој злостор како своја легитимна должност и право и ќе ја исполни таа голема одговорност со сета своја сила“, се наведува во соопштението.
Пезешкијан смртта на врховниот лидер ја опиша како најголемата неволја на денешниот исламски свет. Тој владеењето на Хамнеи го оцени како „големо и божествено водство“ кое, според него, му донело „чест и достоинство“ на иранскиот народ.
Свет
Катар пресретна ирански ракети и беспилотни летала
Министерството за одбрана на Катар соопшти дека воздухопловните сили и системите за противвоздушна одбрана денеска пресретнале ракети и беспилотни летала лансирани од Иран, додавајќи дека нема жртви.
Иран лансираше ракети и дронови насочени и кон Израел и кон американските воени објекти во Бахреин, Кувајт и Катар, како одговор на американските и израелските напади.
Американската војска не извести за американски жртви и пријави минимална штета во своите бази.

