Европа
Пожар во зградата на „Волво“ во Гетеборг

Пожар ја зафати внатрешноста на зградата на производителот на автомобили „Волво“ во индустриската зона во Гетеборг, Шведска, во понеделникот, при што биле евакуирани сите, а нема повредени, јавија шведските медиуми.
Пожарот зафатил само една зграда и уништил се пред себе во радиус од 30 метри околу зградата.
Пожарникарите го изгасиле по повеќе часови. Со пожарот се бореле шест екипи со вкупно 40 пожарникари. До 17.30 часот големиот пожар бил изгасен, а во следните неколку часови се гаселе помали жаришта.
Според локалните медиуми, пожарот бил силен, а од објавените фотографии се гледа густ црн чад кој излегувал од фабриката на „Волво“ во индустриската зона Торсланда во Гетеборг./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Објавени мапи: како би изгледала Украина според планот на Трамп за завршување на војната

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предложи мировен план за Украина, кој вклучува промена на статусот на Крим и замрзнување на територијалните линии на бојното поле.
Иако деталите од планот сè уште не се целосно јасни, коментарите на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс за замрзнување на сегашните граници алудираат на можноста значителен дел од украинската територија формално да ѝ биде отстапен на Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски нагласи дека украинскиот устав јасно го дефинира Крим како составен дел од Украина. Но, Трамп одговори критикувајќи го Зеленски тврдејќи дека тој го отежнува постигнувањето мир. Војната во Украина трае од руската инвазија на 24 февруари 2022 година.
Администрацијата на Трамп предупреди дека ќе се повлече од разговорите доколку Москва и Киев набргу не постигнат договор. По неколку недели одделни преговори со двете страни, САД предложија договор што се чини дека ѝ се допаѓа на Москва, но Киев досега го отфрла.
Што предвидува планот?
Планот предвидува Украина да се откаже од членството во НАТО, да ги ублажи санкциите против Русија и да прифати дека Крим е под руска контрола. Иако Трамп тврди дека Украина формално нема да мора да го промени својот устав за да го признае губењето на Крим, останува нејасно дали Русија ќе се согласи со тоа.
Венс рече дека новите територијални демаркации ќе бидат блиску до сегашните фронтовски линии, што би значело дека Украина ќе изгуби големи делови од територијата што се обидува да ја врати – вклучувајќи ги Крим и делови од регионите Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје. Во ова сценарио Русија, веројатно, би морала да се откаже само од помалите делови од Харковскиот регион што ги контролира и да се откаже од целосната анексија на четирите покраини.
Јуриј Бојечко, основач на хуманитарната организација „Надеж за Украина“, предупреди за „Њузвик“ дека еден милион Украинци во овие области ќе бидат принудени да ги напуштат своите домови за да го исчистат теренот за руска власт.
Олга Оликер од Меѓународната кризна група истакна дека предложениот договор би можел да ги запре руските напади врз нови области, но дека прекинот на огнот би значел одржување на контролата врз веќе окупираните територии.
„Неправеден компромис“
Кремљ во среда објави дека за прекин на непријателствата е потребно Украина целосно да се повлече од териториите што ги поседува Русија. Сепак, според Оликер, не е јасно дали предложениот договор ја обврзува Украина да направи таков потег.
Реториката на Трамп предизвикува дополнителни загрижености. Потпретседателот Џеј-Ди Венс отворено изјави дека ќе бидат повлечени нови линии блиски до сегашните, а самиот Трамп рече дека Крим останува со Русија наведувајќи дека сите го знаат ова долго време.
Иако Зеленски постојано јавно ја отфрла идејата за предавање на Крим, некои други украински лидери, како што е градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, посочија дека за привремен мир би можел да се постигне компромис, иако нефер. Таквото решение би можело да значи привремено откажување од територија, но речиси е сигурно дека Киев никогаш нема правно да го признае запленувањето на кој било дел од својата територија.
Признавањето на Крим е опасен преседан
Де јуре признавањето на руската анексија на Крим од страна на САД би било очигледно кршење на меѓународното право и договорите, како што е Будимпештанскиот меморандум од 1994 година, во кој САД ветија дека ќе го заштитат украинскиот суверенитет во замена за откажување од нуклеарно оружје.
Таквиот потег би бил опасен преседан што би значел драматично слабеење на меѓународниот правен поредок.
Аналитичарите предупредуваат дека дозволувањето на Путин да го задржи Крим би значело враќање на светот во ерата кога правото на најсилните ги одредувало границите, што дополнително би ги дестабилизирало глобалните односи.
Што ако САД се откажат?
Доколку САД, како што се заканува администрацијата на Трамп, ја прекинат својата поддршка за Украина, не е јасно дали тоа ќе значи само крај на дипломатскиот ангажман или и прекин на воената помош.
Андреа Кендал-Тејлор, поранешна службеничка на американското разузнавање, предупреди за „Њузвик“ дека Украина ќе ја продолжи борбата, дури и без американска помош, иако тоа би било многу потешко. Украина веќе се потпира сè повеќе на сопствените сили и на европските сојузници.
Поранешниот дипломат Мајкл Кимаге истакнува дека Германија бргу ги зголемува инвестициите во одбраната, делумно за да компензира за потенцијалното повлекување на САД од украинскиот конфликт. Сепак, тој забележува дека таквата транзиција ќе бара време, кое Украина го има сè помалку.
Европа
Москва порача: Подготвени сме за директни преговори, чекаме Киев да се јави

Москва чека сигнал од Киев за продолжување на директните преговори, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, објави „Киев пост“.
Сигнал за подготвеноста на Украина да продолжи со директните преговори со Русија мора да дојде од Киев, изјави Песков пред новинарите одговарајќи на прашање од агенцијата ТАСС.
„Сигналот мора да дојде од Киев. Тие барем треба да преземат некаков чекор во таа насока. Сè уште постои законска забрана за тоа. Досега не видовме никакви конкретни дејства“, рече Песков одговарајќи на прашањето дали Русија очекува сигнал од Вашингтон или директно од Киев.
Русија и САД делат многу точки на контакт во своите позиции за Украина, но е прерано да се зборува за какви било конкретни услови од договорот, изјави вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува „Анадолија“.
„Постојат многу позиции што навистина се совпаѓаат со нашите“, рече Песков нагласувајќи дека иако напорите за решавање на украинскиот конфликт се во тек, сè уште не е можно да се зборува за конкретни услови.
Тој додаде дека преговорите не може да се водат јавно сигнализирајќи дека разговорите се водат зад затворени врати.
Песков исто така нагласи дека ставовите на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина се преклопуваат со руските во многу аспекти.
Европа
Главниот соработник на Марин Ле Пен најави претседателска кандидатура

Претседателот на француската десничарска партија Национален собир, Жордан Бардел, потврди дека ќе се кандидира на претседателските избори во Франција во 2027 година доколку неговата менторка Марин Ле Пен, трикратниот кандидат и фаворит, чии амбиции се загрозени од пресудата за измама, биде спречена да се кандидира.
„Јасно е дека Марин Ле Пен е мој кандидат, но ако утре ѝ биде забрането да се кандидира, мислам дека можам да ви кажам оти јас би бил нејзин кандидат“, рече Бардел во интервју за францускиот „Ле Паризиен“.
Бардел, 29-годишниот претседател на групата „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент, долго време се сметаше за наследник во Националниот собир, но досега не призна отворено дека е подготвен да се вклучи во претседателската трка доколку е потребно.
Тој се појави како најочигледен кандидат на најголемата крајнодесничарска партија во Франција за изборите во 2027 година откога Ле Пен беше прогласена за виновна за проневера и веднаш казнета со петгодишна забрана за кандидирање за јавни функции.