Свет
„Политико“: Американците проценуваат дека Путин би можел да употреби хемиско оружје
Официјални лица од администрацијата на Бајден проценуваат дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да употреби хемиско оружје во Украина доколку руските војници продолжат да губат територии во Украина.
Тие потврдија дека администрацијата на Бајден се обидува да се подготви за ваков настан преку инвестиции во производство на системи за брзо откривање на хемиски напад, пишува „Политико“.
Тие тврдат дека немаат разузнавачки информации кои сугерираат дека е неизбежен хемиски напад. Напротив, многу претставници на Министерството за одбрана очекуваат дека борбите ќе престанат во текот на зимските месеци, а ниту една од конфликтните страни нема да може да заземе многу терен.
Меѓутоа, во случај на континуирани загуби на бојното поле или целосен колапс на руската војска, некои високи функционери веруваат дека Москва би можела да прибегне кон употреба на хемиско оружје, вклучително и она што беше употребено во труењето на Алексеј Навални.
Неименуван функционер тврди дека таков напад би можел да вклучува хемикалии кои лесно се сокриваат, што ќе им отежне на западните земји да ја докажат руската вина.
Експертите, според медиумот, се убедени дека Русите би можеле да користат хемикалии во напад со масовни жртви, иако е познато дека Москва го користи нервниот агенс „новичок“ против едно или две лица истовремено.
Советот за национална безбедност одби да ги коментира шпекулациите за потенцијален хемиски напад.
Официјален претставник на Министерството за одбрана потврди дека Пентагон испрати тимови во источноевропските земји оваа есен за да ги освежат нивните вооружени сили за процедурите во случај на хемиска или биолошка закана.
Дополнително, САД му обезбедија на Киев хемиска, биолошка и нуклеарна одбранбена опрема како дел од пакетот за безбедносна помош вреден милијарди долари, пишува медиумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Аргентина откриен нов вид диносаурус
Аргентинските палеонтолози објавија дека откриле нов вид диносаурус, наречен Chakisaurus nekul, кој живеел пред околу 90 милиони години во областа на денешна Патагонија.
Chakisaurus nekula е тревојаден диносаурус со средна големина, а фосилот е пронајден во природниот резерват Пуебло Бланко, во јужната провинција Рио Негро, каде што претходно биле пронајдени бројни остатоци од други диносауруси, цицачи и риби.
Се смета дека најголемиот чакисаурус достигнал големина од три метри во должина и 70 сантиметри во висина, а новите студии покажуваат дека овој тип на диносаурус трчал брзо и имал невообичаено закривена опашка, наведува Ројтерс.
Свет
Израел е подготвен да прифати ослободување на помалку од 40 заложници, пишуваат медиуми
Израел е подготвен да го ублажи барањето од Хамас и да ослободи 40 заложници во замена за привремен прекин на огнот во Појасот Газа, откако палестинската милитантна група ја одби понудата подготвена од преговарачите од Катар, Египет и САД, пишува The Times of Israel повикувајќи се на израелски портали.
Воениот кабинет на Израел сега е подготвен да прифати ослободување на само 20 заложници во првата фаза од договорот под услов жените, мажите над 50 години и тешко болните да бидат ослободени, а кабинетот во четвртокот го овласти преговарачкиот тим на Израел да разговара за повеќе флексибилен пристап со египетската делегација, која денеска во Тел Авив ќе има дополнителни разговори, објави израелската веб-страница Инет.
Неименуван висок израелски функционер подоцна изјави за веб-страницата дека Израел всушност се согласил да ослободи 33 заложници, а веб-страницата наведе дека Хамас инсистирал бројот на ослободените заложници да биде приближно 20.
Претходниот предлог вклучуваше ослободување на 40 заложници во тие категории, но Хамас рече дека нема толку многу жени, мажи над 50 години и тешко болни кои се уште се живи.
Свет
Америка и испраќа на Украина скап пакет оружје, откриeно што може да има во него
Веќе во петок, САД би можеле да објават нов пакет оружје за помош на Украина во вредност од шест милијарди долари, објави порталот Политико, цитирајќи неименуван американски функционер.
Според официјални лица, пакетот оружје вклучува контраартилериски радар, тактички возила, пресретнувачи Патриот, беспилотни летала, артилерија, прецизна муниција и системи против беспилотни летала.
На почетокот на неделава Претставничкиот дом на американскиот Конгрес донесе закон за пакет воена помош за Украина, Израел и кинескиот регион Тајван во вредност од 95 милијарди долари, од кои 61 милијарда долари се наменети за помош на Украина.
Лидерот на Демократите во Сенатот Чак Шумер изјави дека оставил порака за украинскиот претседател Володимир Зеленски, која гласи: „Завршивме. Сега – победи“.
„Овој предлог-закон е една од најважните мерки усвоени од Конгресот долго време за заштита на американската безбедност и безбедноста на западните демократии“, рече Шумер.