Свет
Поранешниот генерал на НАТО, Петр Павел, нов претседател на Чешка

Поранешниот генерал на НАТО, Петр Павел, стана нов претседател на Чешка победувајќи го Андреј Бабиш на изборите.
Со Петр Павел, Чешка за нов претседател ќе има поранешен генерал и поранешен претседател на воениот одбор на НАТО.
Павел, кој пред само неколку години беше непознат за поголемиот дел од чешката јавност, победи во вториот круг од изборите на 27 и 28 јануари со приближно 58 отсто од гласовите. Неговиот противкандидат, популистичкиот олигарх и поранешен премиер Андреј Бабиш, доби само 42 отсто.
Пред падот на комунизмот во декември 1989 година, сега 61-годишниот Петр Павел беше член на Комунистичката партија, како и повеќето професионални војници. Toj има посетувано и обука за разузнавање во чехословачката армија.
Славната воена кариера на Павел, која почна во елитна падобранска единица, кулминира со неговото назначување за началник на Генералштабот на чешката армија (2012 – 2015) и неговиот последователен избор за претседател на Воениот комитет на НАТО. Во 2018 година генералот се пензионира.
Павел, кој за време на изборната кампања се обидуваше да се претстави како независен, аполитичен кандидат, природно покажа висок степен на познавање на воените и меѓународните прашања.
Мирен и достоинствен, Павел освои многу Чеси со својата решителност, но и со наклонетоста кон моќните мотори. Некои велат дека неговата сличност со основачот и првиот претседател на Чехословачка, Томаш Масарик (1850-1937), одиграла значајна улога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците

Само неколку дена пред планираната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон нагласи дека Украина мора да биде вклучена во сите разговори за нејзината иднина.
„Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците, кои се борат за својата слобода и безбедност повеќе од три години“, напиша Макрон на X.
„Бидејќи и нивната безбедност е во прашање, Европејците исто така мора да бидат дел од решението, рече тој.
Макрон претходно разговараше по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер, напиша тој.
По разговорот со Макрон, Зеленски напиша на X: „Украина, Франција и сите наши партнери се подготвени да работат што е можно попродуктивно за вистински мир“.
Трамп треба да се сретне со Путин во Алјаска во петок. Според „Волстрит џурнал“, Путин бара целосна руска контрола врз источните региони на Украина, Донецк и Луганск, што Зеленски категорично го отфрла.
Свет
Ердоган за Газа: Одлуката на Израел е неприфатлива, поддршката за Палестина продолжува

Одлуката на Израел да преземе воена контрола врз Газа е апсолутно неприфатлива, му рекол турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на палестинскиот претседател Махмуд Абас во телефонски разговор, пренесува Анадолу.
Според турската Дирекција за комуникации, тие разговарале за израелските напади врз Газа и за најновите случувања во регионот.
За време на разговорот, Ердоган повторил дека Турција ќе продолжи да стои зад Палестина.
Нарекувајќи ги изјавите на Франција, Велика Британија и Канада за можното признавање на палестинска држава достојни за внимание, Ердоган го истакна растечкиот бран критики кон Израел на Западот и додаде дека Турција ќе продолжи со своите напори за мир во регионот.
Свет
Идентификувани останките од три жртви од нападите на 11 септември

Останките од три жртви од нападите на 11 септември се идентификувани благодарение на напредокот во ДНК технологијата.
Службениците во четврток објавија дека ги идентификувале останките на 26-годишниот трговец со валути Рајан Д. Фицџералд, 72-годишната пензионирана директорка на непрофитна организација Барбара А. Китинг и уште една жена, чие име се чува во тајност на барање на нејзиното семејство.
Останките се идентификувани преку подобрено ДНК тестирање на останките пронајдени во урнатините по нападите на 11 септември 2001 година, соопшти канцеларијата на медицинскиот испитувач во Њујорк. Останките на Китинг и жената, чиј идентитет не е објавен, се пронајдени во 2001 година, а останките на Фицџералд се пронајдени следната година.
Китинг се враќала дома во Калифорнија со летот на „Американ ерлајнс“ кога членови на Ал Каеда го киднапирааа и намерно го удрија во северната кула на Светскиот трговски центар. Парче од нејзината банкарска картичка било пронајдено во остатоците.
Во нападите од 11 септември, два авиона се урнаа во Кулите Близначки во Њујорк, трет се урна во Пентагон, а четвртиот се урна во Пенсилванија. Вкупно 2.977 луѓе загинаа, од кои 2.753 во Њујорк. Околу 1.100 жртви остануваат неидентификувани, соопшти канцеларијата на медицинскиот испитувач.
Во 24-те години од терористичките напади, нови останки се идентификувани благодарение на напредокот во технологијата.