Свет
Дали „Франс телеком“ и нејзиниот извршен директор се виновни за 35 самоубиства?
Француската телекомуникациска компанија „Франс телеком“ беше приватизирана во 2004 година, потег што доведе до големи преструктуирање и загуби на работни места. Поранешниот извршен директор Дидие Ломбард, како и неколку други извршни директори на компанијата, која се ребрендира како „Оринџ“ во 2013 година, се обвинети за морално малтретирање, пренесува „Спутник“.
Ломбард, кој беше претседател и главен извршен директор од 2005 до 2010 година, излезе пред суд во понеделникот обвинет за создавање токсична култура на работа и разгорување на проблемите со серија сурови забелешки. По приватизацијата, компанијата укина 22.000 работни места од 100.000 работници и испрати уште 10.000 вработени за преквалификација, често на другиот крај на земјата.
„Вака или онака, ќе ги натерам луѓето да си заминат или преку прозорец или низ врата“, рекол Ломбард во 2006 година.
Меѓу почетокот на 2008 и крајот на 2009 година 35 вработени во „Франс телеком“ извршија самоубиство. Помеѓу нив беше 51-годишен техничар од Марсеј, кој оставил белешка во која ги обвинува шефовите на „Франс телеком“ за раководење со терор.
Во септември 2008 година една 32-годишна жена скокна од прозорецот на својата канцеларија во Париз додека нејзините колеги беспомошно гледале. Ломбард, кој поднесе оставка во март 2010 година, подоцна призна дека било огромен гаф да ги нарече смртните случаи во „Франс телеком“ како самоубиствено лудило.
Ломбард, неговиот поранешен подреден Луј-Пјер Вене, и поранешниот шеф на човечки ресурси, Оливие Барберо, се обвинети заедно со уште четворица други извршни директори, а на компанијата ѝ се суди за игнорирање институционално малтретирање во фирмата. Ако бидат осудени, тие би можеле да се соочат со 12 месеци затвор и глоба од 15.000 евра.
Претседателот на судот, Сесил Луј-Лојант, рече дека судот сакал да разбере како функционирала компанијата.
„Судот сака да сфати зошто некои вработени се самоубиле“, изјави Луј-Лојант.
Судницата за расправата во понеделникот била преполна со поранешни вработени и роднини на некои од луѓето што извршија самоубиство, а пред судот демонстрираа синдикалците.
„Животот ми е уништен. Дојде моментот на вистината“, изјави 56-годишната Беатрис Пание, која се вработила во компанијата во 1982 година и е на боледување по обидот да се самоубие во 2011 година.
Жан Перин, чиј брат извршил самоубиство, изјави дека сака менаџерите да им се извинат на семејствата.
„Сакаме тие да го признаат она што го направиле. Како може некој да изготви таква политика?“, побара Рафаел Лувраду, чиј татко се самозапали пред канцеларијата на фирмата во Бордо во 2011 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

