Свет
По децении молк, поранешни калуѓерки прозбореа за сексуалните злоупотреби од свештениците
Откако папата Франциск првпат јавно прозборе за свештениците кои вршеле сексуални злоупотреби, поранешни калуѓерки откриваат морбидни детаљи.
Роцио Фигуероа, теолог од Нов Зеланд, раскажала како во Перу со години ја силувал свештеник. Откако се придружила на една заедница, како 15-годишна, свештеникот ја замолил своето духовно патување да го започне токму со него.
„Ми рече дека ќе ме научи на самоконтрола над сопствената сексуалност. Бев наивна и без никакво сексуално искуство. Почна да ме допира по целото тело. Погрешно мислев дека тој е добар, а јас лоша. Себеси се обвинував. Никогаш не ме силувал, но сексуално ме злоупотребуваше. Дека сум жртва на злоупотреба сфатив кога имав 40 години“, признала Фигуероа, која проговорила по смртта на насилникот.
Поранешна калуѓерка Дорис Вагнер-Ресингер исто така прозборела за своето трауматично искуство, објави Би-би-си.
„Пред да бидам сексуално злоопотребена, бев духовно вознемирувана. Не смеев да читам книги, ниту со кого било да разговарам за лични работи. Изгубив самодоверба и станав слаба. Пет години подоцна, еден член на нашата заедница одлучи да се зближи со мене. Наскоро почна да ме прегрнува, а една вечер влезе во мојата соба, почна да ме соблекува и на крај ме силуваше“, рекла Дорис Вагнер-Ресингер.
Во потресната сторија, таа открила дека не можела да разбере дека во тој „совршен свет“ се случува злоупотреба.
„Ми беа потребни години да сфатам дека тоа што се случувало било силување“, рекла Вагнер-Ресингер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Саливан: САД нема на располагање ниту еден „Патриот“ систем за противвоздушна одбрана што би можел да го достави до Киев
Советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Џејк Саливан, рече дека Вашингтон во моментов нема достапни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ што би можел да му ги достави на Киев.
„Американските системи „патриот“ се распоредени низ целиот свет, вклучително и на Блискиот Исток, за да ја заштитат американската војска. Доколку има можност да се ослободи батерија, ќе ја испратиме во Украина“, рече тој, а пренесе телевизијата „Ем-ес-ен-бси“.
Истовремено, Саливан додаде дека Америка, додека не дојде во ситуација да испрати свои „патриотски“ системи во Украина, ќе работи да ги убеди своите сојузници од Европа да ги испратат своите системи за противвоздушна одбрана.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.