Свет
По повеќе од 400 години данската пошта прекинува со достава на писма
Данската пошта денеска соопшти дека на 30 декември ќе ја изврши последната достава на писма, со што се завршува традицијата долга повеќе од 400 години, која датира уште од 1624 година.
Причината за потегот е тоа што во текот на последните 25 години испраќањето писма драстично опадна – за повеќе од 90 отсто.
„PostNord“, компанијата која настана со спојување на шведската и данската пошта во 2009 година, претходно соопшти дека ќе укине 1.500 работни места во Данска и ќе отстрани 1.500 поштенски сандачиња, со оглед на тоа што побарувачката за писма драстично опадна, додека онлајн купувањето продолжува да расте. Оваа компанија, која и понатаму ќе доставува писма во Шведска, нагласи дека во Данска на нејзино место доставата ќе ја преземе компанијата „Dao“, која веќе врши достава на писма и која планира да ги прошири своите услуги од 1 јануари.
Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека меѓу младите доаѓа до повторен пораст на пишувањето писма. Истражувањето на „Dao“ покажа дека лицата на возраст меѓу 18 и 34 години испраќаат два до трипати повеќе писма отколку другите возрасни групи, а истражувачот на трендови Мадс Арлиен-Соборг верува дека младите се свртуваат кон пишувањето писма како „противтежа на дигиталната преоптовареност“.
Според данскиот закон, мора да постои можност за испраќање писма, што значи дека доколку „Dao“ одлучи да ја прекине доставата, владата би била обврзана да именува друга компанија за таа задача.
Законот за дигитален идентитет, „MitID“, се користи за сè – од онлајн банкарство до закажување прегледи кај доктор, а поголемиот дел од официјалните комуникации се испраќаат преку дигитална пошта наместо со обична пошта.
Денес 97 отсто од данската популација постара од 15 години е регистрирана во „MitID“, додека само пет отсто одлучиле да се откажат од дигиталната пошта.
– Бевме данска пошта 400 години и затоа ова е тешка одлука, но Данска стана сè подигитална, што значи дека денес речиси и да нема писма. Со оглед на падот на побарувачката, пазарот на писма повеќе не е профитабилен, изјави заменикот извршен директор на „ПостНорд Данска“, Ким Петерсен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.

