Свет
По силниот пад на акциите на Фејсбук, Цукерберг ја означи како штетна објавата на републиканците

Акциите на Фејсбук паднаа за неверојатни 56 милијарди долари откако некои големи компании, вклучително и „Јунилевер“ и „Кока кола“, ги повлекоа своите реклами од оваа социјална мрежа, наспроти тоа што извршниот директор Марк Цукерберг вети конкретна акција во борбата против говорот на омраза.
Овој пад на акциите му нанесе силен удар на личното богатство на Цукерберг од 7,2 милијарди долари, турнувајќи го од третото на четвртото место на идексот на милијардери на Блумберг, пишуав „Дејли мејл“.
„Кока кола“ најави 30-дневен прекин на рекламирањето на социјалните мрежи во рамки на кампањата против расизмот на социјалните мрежи, а „Јунилевер“, еден од најголемите светски огласувачи , соопшти дека оваа година нема да плаќа реклами на Фејсбук.
Цукерберг вчера најави нова политика на Фејсбук, вклучително и строги ограничувања за огласување о ознаки за штетни постови на јавни лица.
Меѓу првите кои ја почувствуваа новата политика на Цукерберг е американската Републиканска партија, откако компанијата вчера стави ознака за предупредување на видео од партијата, во кое се зборува за леви анархисти.
Па над видеозаписот под името „Се работи за уништување на Америка“, во кое се гледаат запалени полициски возила и исечоци од говорите на соосновачката на кампањата „Блек лајвс метерс“ Патрис Кулорс, како и демократите Ненси Пелоси, Џо Бајден и Александрие Окасио-Кортез, се најде предупредување за насилна или графичка содржина.
Видеообјавата на републиканците завршува со пораката „Гласајте за Трамп“ и со наводници дека таканаречените анархисти ја напаѓаат полицијата, ја разделуваат заедницата и ја уништуваат Америка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Започнува судењето на бездомничката од Алжир која ја силувала и убила 12-годишната Лола во Париз

Денес започнува судењето на жена обвинета за злоупотреба, мачење и на крајот убиство на 12-годишната Лола Давиет, во случај што ја шокираше Франција пред три години и предизвика политичка реакција, објавува „Гардијан“. Телото на несреќното девојче е пронајдено спакувано во пластичен ковчег фрлен на улица во близина на нејзиниот дом во Париз.
Дабија Бенкиред (27) е обвинета за тешко убиство на малолетник, тешко силување и мачење и варварски дела. Случајот предизвика длабок ужас во француската јавност. Лола Давиет се враќала од училиште во петок, 14 октомври 2022 година.
Таа пристигнала во својот дом во 19-тиот арондисман во Париз, каде што нејзините родители работеле, веднаш по 15 часот. Снимките од безбедносните камери ја снимиле како се среќава со Бенкиред, тогаш бездомничка која престојувала во станот на нејзината сестра во истата зграда.
Кога Лола не се појавила дома, нејзините родители кренале тревога. Час и половина подоцна, камерите ја фатиле Бенкиред во лобито на зградата опкружена со неколку ковчези, вклучувајќи го и оној во кој подоцна било пронајдено телото на девојчето.
Случајот брзо доби политичка димензија кога беше откриено дека Бенкиред, која е родена во Алжир, имала наредба за депортација издадена два месеци пред убиството. Крајнодесничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен ги искористила овие информации за сопствена политичка промоција, објавува „Гардијан“.
За време на истрагата, Бенкиред даде збунувачки изјави, но по серија психијатриски и психолошки прегледи, таа беше прогласена за способна да се соочи со судење. Последните три години ги помина во притвор во затворот Фресне, јужно од Париз.
Според францускиот закон, секој чин на сексуална пенетрација извршен со сила, принуда, закана или изненадување се смета за силување. Доколку биде осудена, Бенкиред се соочува со доживотен затвор. Се очекува судењето да трае до следниот петок, кога се очекува пресудата.
фото: принтскрин
Европа
Орбан: Денес ќе разговарам со Путин

Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави дека планира утрово да разговара телефонски со рускиот претседател Владимир Путин за претстојната средба на Путин со американскиот претседател Доналд Трамп во Будимпешта, што Трамп ја објави вчера по телефонскиот разговор со рускиот претседател.
Орбан, исто така, рече дека разговарал со Трамп синоќа.
„Разговарав со американскиот претседател синоќа по телефон. И утрово ќе разговарам со претседателот Путин“, рече унгарскиот премиер на радио „Кошут“.
Орбан, исто така, објави дека средбата меѓу Трамп и Путин во Будимпешта би можела да се одржи за околу две недели.
„Вчера претседателот (Трамп) ни рече да се подготвиме; средбата на двајцата министри за надворешни работи е на дневен ред… Тие (Трамп и Путин) одлучија двајцата министри за надворешни работи да се обидат да ги решат преостанатите прашања во рок од една недела, а потоа, една недела подоцна, ќе можат да дојдат тука во Будимпешта“, рече Орбан на радиото.
фото: принтскрин
Свет
Стив Џобс ќе добие своја монета од еден долар во 2026 година

Стив Џобс, визионерскиот коосновач на Apple, ќе биде овековечен на комеморативна монета од еден долар што ќе биде издадена во 2026 година, потврди Ковачницата на пари на САД.
Честа е дел од Американската програма за иновации и го признава технолошкото влијание на матичната држава на Џобс, Калифорнија, дополнително зацврстувајќи го неговото наследство како човек кој длабоко ја преобликуваше глобалната технологија и култура, пишува Hypebeast.
Дизајнот на монетата е промислен почит кон филозофијата на Џобс. Таа го прикажува младиот Џобс како седи со прекрстени нозе, додека во позадина се ридовите обложени со дабови во Северна Калифорнија.
„Неговата положба и израз, заробени во момент на размислување, покажуваат како оваа околина ја инспирирала неговата визија да ја трансформира комплексната технологија во нешто интуитивно и органско како самата природа“, соопшти Ковачницата на пари на САД.
Спокојната сцена, лишена од какво било корпоративно брендирање, го симболизира неговиот стремеж да создаде едноставна и интуитивна технологија. Монетата, исто така, го содржи неговиот познат цитат „НАПРАВИ НЕШТО ПРЕКРАСНО“, заедно со слоган што ја претставува Калифорнија како центар на иновации.
Џобс, чија кариера го револуционизираше персоналното сметање (Macintosh, Apple II) и музичката индустрија (iPod, iPhone), се приклучува на истакната група великани. Монетите од програмата American Innovation за 2026 година ќе истакнат и други технолошки пресвртници, како што се суперкомпјутерот Cray-1 и развојот на мобилното ладење.
Монетите во ограничено издание нема да бидат во оптек, туку ќе бидат достапни за купување исклучиво преку официјалната веб-страница на Ковачницата на САД, по цена од 13,25 американски долари по парче. Како резултат на тоа, се очекува тие да станат многу барани колекционерски предмети меѓу ентузијастите за технологија и нумизматичарите.
Стив Џобс почина на 5 октомври 2011 година во Пало Алто, Калифорнија, на 56-годишна возраст. Причина за смртта беа компликации од ретка форма на рак на панкреас со кој се бореше од 2003 година.
фото: принтскрин