Свет
Се степале за топка: тепачка во училиште во Берлин, повредени 49 деца, скршена раката на директорката
Во училиштето „Кампус Ефеувег“, во берлинскиот кварт Нојколн, при масовна тепачка се повредени 49 ученици. Според германските медиуми, учениците биле повредени со солзавец. Нападнати биле и две учителки, директорката и полицаец, а се ескалирало по расправија за фудбал.
Наводно, сѐ почнало кога пет ученици на возраст од 14 и 15 години се степале за топка на училишното игралиште. Како што пишува „Билд“, еден од нив извадил солзавец и почнал да го прска. Откога солзавецот исто така го погодил во очите, го пуштил на подот и бил подигнат од друго момче, кое продолжило да прска.
Две учителки се обиделе да ја прекинат тепачката, но момчињата ги испрскале со солзавец. Во болница веднаш се упатила и директорката (52), која учениците ја турнале и ѝ го скршиле прстот. Полицијата пристигнала со неколку автомобили и најпрвин ја смирила ситуацијата.
Недолго потоа постариот брат (21) на еден од инволвираните влетал во училишниот двор и го удрил полицаецот во главата. Полицаецот го соборил насилникот на земјата, а 21-годишникот продолжил да се заканува. Во училиштето пристигнала брза помош, која од ефектите на солзавецот однела 49 ученици и двајца професори на лекување во болница.
Петтемина инволвирани тинејџери се суспендирани до Божиќ. Според информациите на „Билд“, сите петмина се со мигрантско потекло. Според „Берлинер моргенпост“, двајца од нив се познати како интензивни криминалци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

