Свет
Прв пациент прими експериментална вакцина против рак, докторите велат најпрво ќе лекува карцином на кожата и белите дробови
Фармацевтската компанија Moдерна создаде експериментална вакцина која би можела да помогне во борбата против ракот, пишува The Sun.
81-годишен старец со неизлечив карцином на кожа е првиот човек кој прими експериментална вакцина уште во октомври лани.
Неговиот идентитет не е објавен, но тој рече дека „се чувствува како да придонесува за нешто што може да им помогне на многу луѓе“.
Вметнатиот генетски материјал (РНК) ги имитира маркерите пронајдени на површината на клетките на ракот и го „учи“ телото да се бори со нив“ – исто како што е случајот со вакцините во пандемијата.
Д-р Дејвид Пинато и неговиот тим од Империал колеџ во Лондон тестираат сè за да видат дали вакцината е доволно безбедна за тригодишно глобално тестирање.
Тој се надева дека вакцината ќе може да ги лекува пред се ракот на кожата и белите дробови, а потоа и другите цврсти тумори како што се цревните тумори и туморите на дојката.
– Истражувањето е во рана фаза. Но, се доближуваме до терапии кои се потенцијално помалку токсични и попрецизни – изјави Пинато.
Д-р Кајл Холен од Модерна рече дека сите се возбудени поради првите резултати и дека се надева дека ова ќе воведе нова ера во лекувањето на ракот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Поранешната противничка на Трамп: Ќе гласам за Трамп, Бајден е катастрофа
Поранешната американска амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, денеска објави дека републиканскиот кандидат Доналд Трамп може да смета на нејзиниот глас на претседателските избори во ноември.
Хејли на настан во Вашингтон рече дека не секогаш политички се согласува со Трамп.
„Но (американскиот претседател Џо) Бајден беше катастрофа и јас ќе гласам за Трамп“, рече таа.
Поранешниот американски амбасадор во ОН се откажа од трката за номинација на Републиканската партија во март и првично не сакаше да го поддржи Трамп. Хејли рече дека Трамп не треба да претпоставува дека ја има поддршката од нејзините гласачи, без оглед на нејзината лична одлука.
„Трамп би било мудро да допре до милионите луѓе што гласаа за мене и продолжуваат да ме поддржуваат, а не да претпоставува дека тие, едноставно, ќе застанат покрај него“, предупреди денеска Хејли.
Изборите во САД на 5 ноември ќе бидат реванш меѓу Трамп и Бајден, кои немаат вистинска конкуренција во нивните партии.
Регион
ОН гласаат за резолуцијата за геноцидот во Сребреница; Вучиќ: Морам да бидам таму
Попладнево во Њујорк, Генералното собрание на ОН треба да гласа за предложената резолуција со која се бара прогласување на 11 јули за меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Србија силно се спротивставува на ова и почна голема дипломатска офанзива против резолуцијата.
Десетина земји се очекува да гласаат против резолуцијата, а неколку десетици членки на ОН се воздржани од гласање поради српската дипломатска офанзива, особено меѓу неврзаните земји, според дипломатски извори, пренесува словенечката новинска агенција СТА.
Предлогот за резолуција за едно од најголемите злосторства во Европа по Втората светска војна, меѓу другото, го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на осудените за воени злосторства.
Србија и Република Српска, во која доминираат босанските Срби, постојано негираа дека се случил геноцид во Сребреница.
Резолуцијата ја предложија Германија и Руанда. Текстот беше спонзориран од уште 34 земји вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики, освен Србија и Црна Гора.
Во средата Собранието на Република Српска усвои соопштение во кое протестира против резолуцијата, а претседателот на тој ентитет, Милорад Додик, на мрежата „Икс“ напиша дека усвојувањето на резолуцијата ќе предизвика непоправлива штета, што ќе значи крај на Босна и Херцеговина.
Тој се заканува дека Република Српска ќе се одвои од Босна доколку резолуцијата биде усвоена.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, со благослов на патријархот на СПЦ, пред гласањето отиде во Њујорк, каде што продолжува да лобира против резолуцијата, објави Радио Слободна Европа.
„Ќе одам во Њујорк затоа што некој треба да им даде одговор на оние што сакаат да ја обвинат Србија дека е геноцидна нација“, рече Вучиќ минатата недела.
Европа
Уапсен заменикот на моќниот генерал на Путин
Генерал-полковник Вадим Шамарин, началник на Главната управа за комуникации и заменик-началник на Генералштабот на вооружените сили на Валериј Герасимов, е уапсен во Русија. Тој е осомничен за примање поткуп од големи размери, пренесоа руските медиуми.
„Комерсант“ пишува дека куќата на Шамарин била претресена, а потоа бил одведен на распит. Ова е четврто апсење висок функционер во руската одбрана од април кога заменик-министерот за одбрана, Тимур Иванов, беше ставен во истражен затвор поради сомнение за примање поткуп.
Оттогаш уапсени се и генерал-полковник Јуриј Кузњецов, началник на Генералштабот во Министерството за одбрана, и генерал-мајор Иван Попов, поранешен командант на руската 58. армија. Низата апсења доаѓаат во време на големи промени во одбранбениот естаблишмент на Русија откако претседателот Владимир Путин го разреши Сергеј Шојгу од функцијата министер претходно овој месец заменувајќи го со Андреј Белоусов.
Инаку, во 2020 година беше уапсен Халил Арсланов, претходникот на Шамарин на позицијата началник на Главната управа за комуникации. Тогаш Арсланов беше обвинет за проневера на 6,7 милијарди рубли. Стануваше збор за набавка на телекомуникациска опрема по напумпани цени.