Свет
Предвремени избори во Турција: Ердоган во трка за втор мандат со пет противкандидати
Врховната изборна комисија на Турција објави неофицијална листа на кандидати за претстојните претседателски избори кои ќе се одржат на 24 јуни, јавува „Анадолија“.
Листата, која треба да биде финализирана најдоцна до 11 мај, ги носи имињата на шесте кандидати за претседател на Турција: Реџеп Таип Ердоган, Мухарем Инџе, Мерал Акшенер, Селахатин Демирташ, Темел Карамолаоглу и Догу Перинчек.
Во април оваа година парламентот на Турција го изгласа предлогот за предвремени избори на 24 јуни, кои ќе го запечатат изборот на Турција за претседателски систем. Во април минатата година, пак, турските граѓани изгласаа референдум кој овозможи промена од парламентарен во претседателски систем на управување.
Партијата за национално движење, заедно со владејачката Партија за правда и развој на 24 јуни ќе влезат во коалиција, па така ќе учествуваат на изборите. Партијата за правда и развој го поддржува актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој се бори за втор мандат.
Ердоган на претседателската позиција е од 2014 година и е првиот турски претседател кој е директно избран, а претходно беше на функцијата премиер од 2003 до 2014. Во случај на победа на изборите во јуни, Ердоган ќе стане првиот претседател на Турција кој ќе раководи под претседателскиот систем на управување, во кој функцијата премиер повеќе нема да постои.
Главна опозиција во Турција е Републиканската народна партија, која за претседателски кандидат го номинираше Мухарем Инџе. На митинг во главниот град Анкара лидерот на Републиканската партија, Кемал Киличдароглу, формално го најави Инџе како нивен кандидат.
Мерал Ашкенер од партијата Ији собра повеќе од потребните 100 000 потписи на петицијата за поддршка за својата кандидатура.
На 22 април годинава 15 заменици од најголемата опозиција во Турција, Републиканската народна партија, дадоа отказ за да преминат во партијата Ији, со чија помош истата добива можност да оформи група во парламентот.
Партијата Саадет за кандидат го номинираше својот лидер Темел Карамолаоглу, кој исто како и Ашкенер освои преку 100 000 потписи на петицијата за кандидатура.
Селахатин Демирташ, поранешниот лидер на Демократската народна партија, кој во моментов е во притвор поради обвинение за поврзаност со терористичката организација ПКК, е номиниран за кандидат во претседателската трка.
И на крај, Догу Перинчек, лидер на партијата Ватан, исто така ги надмина потребните 100 000 гласови за да учествува во претседателските избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

