Европа
Претседателот на полскиот парламент поднесува оставка поради скандал
Претседателот на полскиот парламент, Марек Кучински, ја најави својата оставка в петок поради скандалот околу тврдењата дека тој и членовите на неговото семејство премногу често користеле владини авиони.
Аферата може да го наруши угледот на владејачката десничарска партија Закон и правда пред парламентарните избори во октомври.
Кучински ја објави својата оставка во присуство на лидерот на партијата Јарослав Качински, пренесува АП.
Кучински инсистираше на тоа дека тој не сторил ништо лошо и дека едноставно многу летал за да се сретне со жителите на малите градови далеку од главниот град Варшава.
Тој објасни дека поднесува оставка затоа што јавното мнение ги оценува неговите постапки во негативно светло.
Во фокусот на полската политичка сцена со денови беше аферата наречена „Ер Качински“.
Откриено е дека претседателот на парламентот летал со владин авион од Варшава до неговиот роден град Жешов, оддалечен околу 280 километри.
Во еден случај, неговата сопруга, наводно, била единствената патничка во авионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Намалениот број на станови доведе до раст на кириите во Германија
Растат кириите во Германија поради немањето станови во услови на високи градежни трошоци и кредити. Сето тоа го запре градежниот сектор и побарувачката, но и ги намали цените на квадратот, се вели во извештајот на здружението на банките.
Становите во Германија поевтиниле за 4,3 отсто во првиот квартал во однос на истиот период лани, објави здружението на германските банки„Pfandbrief“.
Цените за изнајмување на нови станови се зголемени за 5,6 отсто. Трендот на поскапување на кириите нема да запре, оценуваат од здружението.
„Пазарот за изнајмување станови е под огромен притисок. Побарувачката значително ја надминува понудата“, рече извршниот директор на здружението, Јенс Толкмит.
Трошоците за изградба значително се зголемија во последните години поради повисоките каматни стапки на кредитите и значително повисоките трошоци за работна сила и цените на градежните материјали. Во вакви услови се намали бројот на одобренија за градба, а побарувачката ослабе, што резултираше со пониски цени на становите, смета министерот за финансии.
Според податоците на здружението на банките, цените на недвижностите најмногу паднале во Минхен, за 5,3 отсто.
Во исто време, падот на градежната активност го продлабочува „недостигот“ на станови, зголемувајќи го натамошниот раст на закупнината, кој би можел да продолжи уште некое време.
Здружението оценува дека цените на станбените недвижности треба да се стабилизираат во догледна иднина, за разлика од комерцијалните недвижности, како што се деловните згради и трговските центри.
Цените во тој сегмент паднаа за речиси 10 проценти на годишно ниво и се уште не се гледа „дното“, вели првиот човек на здружението.
Проценките се базираат на податоци за работењето на повеќе од 700 банки кои се активни во финансирањето на недвижен имот, а не на понуди за купување и изнајмување кои служат како основа за Заводот за статистика, забележуваат тие во здружението.
Европа
(Видео) Драма на небото над Трст: забележана несекојдневна појава
Во внатрешноста на заливот Трст, во близина на границата со Словенија, во вторникот попладне се формирал вител.
Италијанските медиуми јавија дека невремето не предизвикало материјална штета, ниту било закана за населението. Интервенцијата на пожарникарите и на пристанишните служби не била потребна.
Waterspout reported in the North Adriatic between the town of Muggia and Koper a few hours ago.
Original video shooting from meteoradar
➡️ https://t.co/SXbq5rbWaj pic.twitter.com/XxRu57Gohs— Alpine-Adriatic Meteorological Society (@aametsoc) May 7, 2024
Италијанската метеоролошка агенција објасни дека ваквите појави не се воопшто ретки и дека се резултат на екстремна нестабилност на атмосферата.
Областа на низок воздушен притисок, која владее со поголемиот дел од Италија, донесе влажни струи во Трстскиот Залив.
„Во овие временски услови, неколку пати годишно може да се појават воздушни вртлози, кои во повеќето случаи се распаѓаат на море“, објаснуваат италијанските метеоролози.
Европа
Венеција заработи огромна сума на пари со наплата на влезници во градот за само 11 дена
Новововедениот билет за туристите на еднодневно патување во Венеција на градот му донесе приход од 975 илјади евра во првите 11 дена од пробниот период.
Билетот, кој првпат беше воведен на 25 април, се наплаќа по стандардна цена од пет евра.
Градот објави дека продал вкупно повеќе од 195.000 билети, што е малку над очекувањата, пренесува Независне новине.
Влезот ќе се наплаќа во повеќето саботи и недели до средината на јули, кога градот ќе ја разгледа цената.
Како општо правило, целодневните посетители помеѓу 8:30 и 16:00 часот се обврзани да платат влезница и да добијат QR код, кој служи како доказ за плаќање. Ако не го сторат, може да платат казна од 300 евра.
Домашните жители, гостите кои преноќуваат, студентите и децата под 14 години се ослободени од плаќање.
Со околу 15 милиони посетители годишно, Венеција е една од најпосетуваните туристички дестинации во светот.
Масовниот туризам му носи многу приходи на градот, но и гужвите создаваат големи проблеми. Не е познато дали Венеција ќе ја задржи таксата по пробниот период.