Свет
Претседателот потпиша указ: од 1 јануари 2024 година Нагорно-Карабах престанува да постои
Република Нагорно-Карабах ќе престане да постои од 1 јануари 2024 година.
Претседателот на таа непризнаена република, која беше дел од Азербејџан, Самвел Шахрамањан, потпиша указ за распуштање на сите државни институции. Во декретот Шахрамањан се осврна на тешката воено-политичка ситуација што се појави.
„Врз основа на приоритетот за обезбедување физичка безбедност и витални интереси на народот на Карабах, имајќи го предвид договорот постигнат преку командата на рускиот мировен контингент со претставниците на Азербејџан за слободно, доброволно и непречено поминување на жителите на Нагорно-Карабах, вклучително и воениот персонал, кој го положил оружјето… донесена е одлука сите државни институции и организации под нивна јурисдикција да се распуштат до 1 јануари 2024 година, а Република Нагорно-Карабах престанува да постои“, се наведува во декретот.
Регулативата стапува во сила веднаш по нејзиното објавување.
Минатата недела Баку најави почнување „локални антитерористички активности“ во отцепениот регион Нагорно-Карабах со цел „враќање на уставниот поредок“, а Ереван таа операција ја опиша како агресија врз населението на Нагорно-Карабах и повтори дека нема воено присуство во спорниот регион.
Ден потоа Азербејџан и претставниците на Ерменците од Нагорно-Карабах се договорија за целосен прекин на непријателствата со посредство на руските мировници. До денес повеќе од 65.000 луѓе избегале од Нагорно-Карабах во Ерменија, повеќе од половина од населението на енклавата, која сега е окупирана од Азербејџан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Со фантомка и оружје македонски државјанин ограбил пет кладилници и пошта во Србија, полицијата го уапси
Полицијата во Краљево уапсила 44-годишен маж од Македонија, под сомнение дека ограбил пет кладилници и пошта соопшти денеска локалната полициска управа, пренесе „Н1“.
Во соопштението се наведува дека В.Г. е осомничен дека на територијата на Краљево влегувал во објекти на кладилници и пошти со фантомка на главата и, со закана со пиштол, одзел повеќе од 700.000 динари.
Во станот на осомничениот, полицијата пронашла дел од парите, фантомка и реплика на пиштол која, како што се сомнева, ја користел при извршувањето на кривичните дела.
Тој се товари за пет кривични дела разбојништво, одредено му е задржување до 48 часа и ќе биде приведен во Обвинителството, соопшти Полициската управа во Краљево.
Свет
САД сепак се вклучуваат во преговорите меѓу Украина и Русија во Абу Даби
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, по посетата на Израел треба да учествува на следниот круг преговори меѓу Украина и Русија, кои ќе се одржат на 4 и 5 февруари во Абу Даби. Ова го објави Барак Равид, дописник за глобални прашања на порталот „Аксиос“, пренесе „Европејска правда“.
Според наводите на новинарот, Виткоф на 3 февруари ќе допатува во Израел, а потоа ќе замине во Обединетите Арапски Емирати за да присуствува на преговорите.
Американскиот државен секретар Марко Рубио претходно изјави дека Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, нема да учествуваат на следниот круг преговори со Русија и Украина, додавајќи дека американското присуство е „можно“.
Трамп на 30 јануари повторно изјави дека гледа можност за успешни преговори за завршување на руско-украинската војна. Еден ден подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека не знае дали мировните преговори се во завршна фаза или сè уште е потребен ангажман на повеќе земји.
Првиот круг тристранни преговори меѓу Украина, Соединетите Американски Држави и Русија се одржа во Абу Даби на 23 и 24 јануари, кога се разговараше за параметрите за завршување на војната.
Свет
Премиерот на Гренланд: Намерите на САД создаваат страв и неизвесност
Премиерот на Гренланд, Јенс Фредерик-Нилсен, изјави дека ставот на САД кон Гренланд не е променет и дека Вашингтон и натаму има намера да го припои и да управува со тaa територијa. Во писмена изјава објавена на страницата на гренландскиот парламент, тој нагласи дека ваквите намери создале голема несигурност кај населението.
Фредерик-Нилсен посочи дека дел од граѓаните имаат сериозни проблеми со спиењето, дека децата ја чувствуваат загриженоста на возрасните и дека целото општество живее во постојана неизвесност за иднината. Владата на Гренланд, нагласи тој, јасно порачува дека ваквиот пристап е „целосно неприфатлив“.
Тој предупреди дека прашањето не се однесува само на Гренланд, туку и на иднината на НАТО, заштитата на западниот свет и глобалната демократија. Според него, непочитувањето на меѓународното право, националните граници и суверенитетот може да доведе до поделба на светот во кој слободата и самоопределувањето нема да постојат.
Фредерик-Нилсен ја нагласи и потребата од тесна соработка со Данска, како и со земјите од Европската Унија и НАТО.

