Свет
(Видео) Прогласена вонредна состојба во Њујорк, расте бројот на жртви
Расте бројот на жртви од поплавите во Њујорк и Њу Џерси. Најмалку 23 лица загинаа, а стотици беа евакуирани од метрото.
Областа на Њујорк утрово беше поплавена, откако рекордниот дожд што падна предизвикан од ураганот Ида остави зад себе смрт и материјална штета во неколку американски федерални држави.
Watch: The New York area was under a state of emergency on Thursday after the remnants of Hurricane Ida led to at least 14 deaths and disrupted subway service. Across the city, New Yorkers documented the scene as flood waters overwhelmed buses and subways. https://t.co/spVsdgF0XX pic.twitter.com/r2vg2aDRVg
— The New York Times (@nytimes) September 2, 2021
Повеќе од 200.000 домови во Њујорк, Њу Џерси и Пенсилванија останаа без електрична енергија, а вонредна состојба беше прогласена во целиот регион. Стотици летови беа откажани на аеродромите.
Итните служби имаа полни раце работа за да ги спасат луѓето заглавени од поплавените куќи и покривите на автомобилите.
Поплавата што го погоди Њујорк и околината ги собори рекордите поставени од тропската бура Хенри пред само 11 дена.
Метеоролозите најавуваат дека честите силни бури ќе бидат нова нормалност – потоплиот воздух задржува повеќе вода и овозможува бурите да соберат сила побрзо и да станат поголеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија изврши напад со беспилотни летала: погоден патнички воз, има загинати; Зеленски: Тоа е терористички чин
Русија преку ноќ изврши масовен напад со беспилотни летала врз Украина, при што загинаа најмалку 12 лица низ целата земја. Патнички воз беше погоден во Харковската област, при што загинаа пет лица, додека нови цивилни жртви беа регистрирани во нападите врз Одеса и околината на Киев. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече нападот врз возот „терористички чин“, пишува „Euronews“.
Најмалку пет лица беа убиени откако руски дрон удри во патнички воз во Харковската област во вторникот вечерта. Претседателот Зеленски објави кратко видео од еден од запалените вагони на социјалната мрежа Икс, а регионалните служби за итни случаи подоцна објавија дека пожарот е изгаснат.
„Убивањето цивили во вагон на воз нема и не може да има никакво воено оправдување“, напиша Зеленски. „Во возот имаше повеќе од 200 патници, од кои 18 беа во вагонот погоден од рускиот дрон. Русите значително ја зголемија својата способност за убивање и тероризирање“, додаде тој, повторувајќи ја потребата од поголем притисок врз Москва, порака што постојано им ја испраќа на своите сојузници.
Бран од над 50 руски беспилотни летала, исто така, го погоди пристаништето на Црното Море Одеса во вторникот, каде што, според официјалните лица, три лица беа убиени, а повеќе од 30 беа ранети, вклучувајќи две деца. Целите на нападот беа градската електрична мрежа, која Русија постојано ја таргетира за да ги прекине снабдувањето со електрична енергија и греење во средината на зимата, и пет станбени згради.
Одеса е стратешки центар за украинскиот извоз и е честа цел на руски напади. Според украинските власти, меѓу беспилотните летала што се користеа во нападот врз јужниот град беа модели што неодамна ги надгради Русија за да го подобрат својот дострел и моќ на удар.
Русија, исто така, го таргетираше Киев, кој е под сè почести напади во последните месеци. Најмалку две лица беа убиени во нападот. „Двајца наши сограѓани, маж и жена, беа убиени во населбата Билохородка како резултат на нападот“, објави на Телеграм Микола Калашник, началник на воената администрација на Киевската област.
Според украинската национална полиција, четиригодишното дете на загинатиот пар преживеало, но било рането во нападот. Уште три лица беа повредени.
Свет
САД најавија воздушна вежба на Блискиот Исток
Американските сили ќе спроведат повеќедневна воздушна вежба на Блискиот Исток, додека Вашингтон го засилува своето воено присуство во регионот поради зголемените тензии со Иран. Најавата за вежбата доаѓа откако ударната група на носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ пристигна во зоната под надлежност на Централната команда на САД (CENTCOM), а претседателот Доналд Трамп предупреди дека „армада“ се движи кон Иран, објави Си-ен-ен.
Според генерал-потполковник Дерек Франс, командант на воздухопловните сили во CENTCOM, вежбата ќе им овозможи на пилотите да демонстрираат „како да распоредуваат, управуваат и спроведуваат борбени мисии во тешки услови, безбедно, прецизно и со нашите партнери“.
CENTCOM не ја прецизираше точната локација или времетраење на вежбата, ниту кои воени единици ќе учествуваат во неа.
Најавата за вежбата дојде откако Трамп се закани со можна воена акција против иранскиот режим поради неговото брутално задушување на бранот антивладини протести. Сепак, извори за Си-ен-ен изјавија дека Трамп сè уште ги разгледува своите опции и дека нема индикации дека е донесена каква било одлука за можна акција против Иран.
„Имаме многу бродови што се движат во таа насока, за секој случај. Би сакал ништо да не се случи, но ги следиме многу внимателно“, рече Трамп во петокот.
Свет
(Фото) Трамп постави во Белата куќа фотографија што ја доби од Путин
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, постави во Белата куќа фотографија што му ја испрати рускиот претседател Владимир Путин по историскиот самит во Алјаска во август, пренесува РИА Новости.
Новинарката на Би-Би-Си, Елизабет Ландерс, објави на социјалната мрежа Икс заедничка фотографија од Трамп и Путин од самитот во Алјаска, наведувајќи дека се наоѓа во ходник што го поврзува западното крило на Белата куќа со резиденцијата на американскиот претседател. На фотографијата, Путин и Трамп се прикажани како стојат еден до друг за време на официјално фотографирање, додека под неа е друга врамена слика од Трамп како ја држи раката на неговата внука.
Како што пишува РИА Новости, големината и композицијата на фотографијата што сега виси во Белата куќа целосно се совпаѓаат со сликата што Владимир Путин му ја испратил на Доналд Трамп по самитот во Алјаска, а која американскиот претседател ја покажа во Овалната соба на 22 август.
Преговорите меѓу претседателите на Русија и Соединетите Американски Држави се одржаа на 15 август во воената база Елмендорф-Ричардсон во близина на Анкориџ.
За време на состанокот, лидерите разговараа за начините за решавање на украинскиот конфликт, а двете страни ги оценија разговорите како позитивни, пренесува „Спутник“. На крајот од самитот, рускиот претседател истакна дека постои можност процесот да се доведе до крај на конфликтот во Украина и го нагласи интересот на Русија за долгорочно и одржливо решение.

