Свет
Обелоденети тајни воени планови на САД за Украина, Пентагон истражува кој ги објавил
На социјалните мрежи беа објавени тајни воени документи со детали за плановите на САД и НАТО за зајакнување на украинската војска пред планираната офанзива против руските сили, потврдија за „Њујорк тајмс“ високи претставници на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.
Пентагон истражува кој би можел да стои зад обелоденетите документи што се појавија на „Твитер“ и на „Телеграм“, апликација со повеќе од 500 милиони корисници, која е широко користена во Русија. Аналитичарите велат дека документите се изменети од нивниот оригинален формат. Во овие верзии на документите процените на САД за украинските жртви се претерани, а руските се потценети.
Аналитичарите сметаат дека модификациите укажуваат на можен обид за ширење дезинформации насочени од Москва. Но, објавувањето дел од оригиналните документи, кои вклучуваат фотографии од графикони на очекуваните испораки на оружје, процени на силата на баталјонот и други планови, претставуваат значително нарушување на безбедноста од страна на американските разузнавачки служби, пишува весникот.
Претставниците на администрацијата на Бајден работат на отстранување на документите од социјалните мрежи, но доцна во четвртокот вечерта тие не успеаја целосно. „Свесни сме за извештаите за документи на социјалните мрежи, Пентагон истражува за што се работи“, изјави портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.
Документите би можеле да им дадат многу информации на руските воени планери, генерали или разузнавачки аналитичари, што тие дотогаш ги немале.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ким Џонг Ун најави зајакнување на нуклеарниот арсенал
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун најави зајакнување на нуклеарниот арсенал на земјата и развој на нови стратешки системи за оружје, додека во главниот град Пјонгјанг се одржа голема воена парада по повод завршувањето на партискиот конгрес, објавија државните медиуми.
Според агенцијата KCNA, Ким рече дека земјата има „цврста волја“ дополнително да ги прошири и зајакне своите нуклеарни сили и да го зголеми бројот на боеви глави и оперативни средства. Тој, исто така, најави развој на помоќни интерконтинентални балистички ракети, како и напредни системи што вклучуваат вештачка интелигенција и беспилотни летала.
Деветти конгрес на владејачката партија
Деветтиот конгрес на владејачката Работничка партија на Кореја траеше една недела, на кој беа поставени клучните политички цели за следните пет години, а заврши со воена парада што, според KCNA, го демонстрираше растечкиот меѓународен статус на земјата.
Односи со САД
Ким рече дека можноста за подобрување на односите со САД зависи од, како што рече, подготвеноста на Вашингтон да се откаже од „политиката на конфронтација“, додавајќи дека во тој случај „нема причина двете земји да не воспостават добри односи“. За време на првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп, двајцата лидери се сретнаа три пати, но преговорите не доведоа до траен договор.
Затегнување на односите со Јужна Кореја
Во исто време, Северна Кореја ја заостри својата реторика кон Јужна Кореја, која Ким ја нарече свој најголем противник и непријател, и ја отфрли можноста за дијалог со владата на претседателот Ли Џе-Мјунг, и покрај сигналите од Сеул за подготвеност за подобрување на односите.
Регион
„Следните 72 часа се клучни“: Се огласи доктор од клиниката каде што се лекува Дачиќ
Српскиот вицепремиер и претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија.
Заменик-директорот за пулмологија, Спасоје Попевиќ, вчера вечер за Танјуг изјави дека ситуацијата е многу тешка и дека министерот Дачиќ има тешка пневмонија и дека следните 72 часа ќе бидат клучни.
– Тој моментално е на механичка вентилација – респиратор, прима сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој респиратор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот – рече д-р Попевиќ.
Докторот прецизираше дека министерот Дачиќ е хоспитализиран во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија.
Попевиќ додаде дека засега не може да даде никаква прогноза.
– Прерано е, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент – рече Попевиќ.
Дачиќ вчера беше посетен и од српскиот претседател Александар Вучиќ и членови на владата.
Регион
(Видео) Вучиќ за состојбата на министерот Ивица Дачиќ: Се молиме за него
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ е примен на полуинтензивна нега во Клиничкиот центар на Србија и е во сериозна состојба.
Дачиќ моментално е на апарати и е во критична состојба. Дијагностициран му е билатерална пневмонија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ даде изјава пред Клиничкиот центар на Србија:
„Вицепремиерот на Србија и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е во тешка ситуација“, кажа претседателот на Србија пред Клиниката за пулмологија во Клиничкиот центар на Србија, каде што го посети со членови на владата.
„Ги посетивме сите заедно вицепремиерот и претседателот на Социјалистичката партија на Србија, тоа е тешка ситуација, но веруваме во лекарите и веруваме во него и се молиме за него“, рече Вучиќ.
Според лекарот што го лекува министерот Дачиќ, ситуацијата е многу тешка, Дачиќ има тешка пневмонија.
„Тој моментално е на механичка вентилација, односно респиратор, прима сè што му е потребно, ја прима најдобрата антибиотска терапија, со тој респиратор купуваме време потребно за тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тој беше примен на Клиниката за пулмологија околу 16:30 часот. Следните неколку дена ќе ни дадат повеќе одговори, се надеваме на најдоброто“, рече д-р Попевиќ, кој го лекува Дачиќ.

