Европа
Протест на лекарите во Мадрид поради недостиг на персонал и ниски плати

Лекарите во Мадрид повторно протестираат поради недостиг на медицински персонал, ниски плати и голем прилив на пациенти за време на пандемијата на новиот коронавирус.
Ова е 15-ти пат во една година лекарите да протестираат, а денес се собраа пред зградата на Министерството за здравство.
Марија Јустиција Лопез, лекар по семејна медицина, изјави дека политичарите веќе долго време ги оставаат на своите судбини да се борат сами, пренесува за „Анадолија“.
„Инвестициите во овој сектор се мали, имаме сериозен недостиг на персонал, поради пандемијата се соочуваме со голем прилив на пациенти и напор што повеќе не можеме да го толерираме“, рече Лопез.
Изјавувајќи дека дефицитите во здравствениот сектор целосно излегоа на виделина со Ковид-19, таа истакна дека голем број нејзини колеги биле болни или починале.
„Не се вработуваат нови лекари. Немаме друга опција освен да протестираме, за да можат политичарите да нè слушнат“, рече Лопез.
Според неа, таа ќе протестира секој вторник до 4 мај, кога се планирани парламентарни избори.
Во Шпанија, досега 3.311.325 лица биле тестирани на коронавирус, а 75.783 починале како резултат на инфекцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП, повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши во сабота, на 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува на погребот да присуствуваат бројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на „Телеграм“ градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона Шхидни. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база не само за стоки туку и за опрема и персонал, со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата започна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.