Свет
Путин ги испраќа „Сатана II“ во Украина: „Специјалната операција ѝ даде на руската армија непроценливо искуство“
 
																								
												
												
											Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека озлогласените руски ракети „Сатана II“ ќе бидат употребени во Украина во блиска иднина.
Синоќа, за време на говорот за време на церемонијата по повод завршувањето на воената обука во Кремљ, тој предупреди дека „специјалната операција во Украина ѝ даде на руската армија непроценливо искуство“. „Сатaнa II“, првично наречен „Сармат“, може да носи до 16 нуклеарни боеви глави и има домет од 18.000 километри.
Секој од проектилите може да биде насочен кон различна цел, а боевите глави имаат моќност до 750 килотони. На пример, бомбата фрлена врз Хирошима имаше моќност од 15 килотони, значи 50 пати послаба од боевата глава „Сармат“.
Станува збор за ракета која може да стигне до Велика Британија за само три минути, пишува „Дејли мејл“.
„Во блиска иднина „Сармат“ ќе биде ставен во борбена должност, а се обновуваат арсеналите на авијациските и поморските компоненти на стратешките нуклеарни сили“, рече тој.
Ова не е првпат Путин да најавува распоредување на „Сармат“ – истото го најави пролетта 2022 година кога најави нивно воведување во војната во Украина до крајот на годината, но тоа не се случи, а некои извештаи покажуваат дека се одржа и пробно лансирање во февруари кое заврши неуспешно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Свет
Израелскиот амбасадор во ОН до специјалната известувачка: „Вие сте вештерка, се обидувате да нѐ проколнете“
 
														Седницата на Третиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации се вжешти откако израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, остро ја нападна специјалната известувачка Франческа Албанезе поради нејзиниот извештај во кој Израел се обвинува за кршење на човековите права и за меѓународната поддршка што ја добива.
„Госпоѓо Албанезе, секојпат кога се обидувате да го проколнете Израел со лаги и клевети, вашите клетви не успеваат. Вие сте вештерка, а овој извештај е уште една страница во вашата книга на волшепства“, изјави Данон обраќајќи ѝ се преку видео-врска.
Албанезе не можеше лично да присуствува на седницата, бидејќи САД ѝ воведоа санкции и ѝ ја укинаа визата во јули, со образложение дека вршела „нелегитимен притисок врз Меѓународниот кривичен суд“ за постапки против американски и израелски функционери.
Во најновиот извештај, Албанезе остро го критикува Израел, но и обвинува повеќе држави — меѓу нив САД, Велика Британија, Германија и Унгарија — дека се соучесници поради дипломатска или воена поддршка на Израел.
Канада, Австралија и Нов Зеланд се обвинети дека ги „ослабуваат“ резолуциите на ОН што го критикуваат Израел, додека Франција, Италија, Хрватска и Грција се спомнати затоа што му дозволиле на премиерот Бенјамин Нетанјаху да користи нивен воздушен простор и покрај налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд.
Извештајот ги споменува и неколку арапски и муслимански земји, меѓу кои Египет, Јордан, Катар, Саудиска Арабија, Турција, Индонезија, Пакистан и ОАЕ, поради поддршка на мировниот план на Доналд Трамп, кој, според Албанезе, „олеснува нов облик на окупација“.
Свет
Кралот Чарлс му ги одзема титулите на принц Ендру и го сели од кралската резиденција
 
														Британскиот крал Чарлс официјално покрена постапка за одземање на сите титули и почести на принцот Ендру, како и негово селење од резиденцијата „Ројал лоџ“, јави Си-Ен-Ен.
Одлуката уследи по нови реакции во јавноста поради поврзаноста на Ендру со осудениот сексуален преступник Џефри Епштајн и објавувањето на мемоарите на Џуфре, која го обвини принцот за сексуално злоставување додека била тинејџерка, обвинение што тој го негира.
Во соопштение на Бакингемската палата се наведува дека „Неговото Височество денес започна формална постапка за одземање на стилот, титулите и почестите на принц Ендру“ и дека тој отсега ќе биде познат како Ендру Маунтбатен Виндзор.
Палатата потврди дека Ендру ќе мора да се исели од резиденцијаа и да се пресели во приватен престој, додека неговите ќерки, принцезите Евгенија и Беатрис, ги задржуваат своите титули.
Во изјавата се нагласува дека „кралското семејство останува со мислите и најдлабокото сочувство со жртвите и преживеаните на сите облици на злоупотреба“.
Јавноста со остри реакции го коментира случајот, особено по откритијата дека Ендру за резиденцијата платил симболичен износ и плаќал минимална кирија, иако од 2019 година не е активен член на кралското семејство.
Свет
Саграда Фамилија официјално стана највисока црква во светот
 
														Познатата барселонска базилика Саграда Фамилија од денес е и официјално највисоката црква во светот, откако беше поставен новиот дел од централната кула, пренесе „Гардијан“.
Делото на Антонио Гауди сега се издига на 162,91 метар, со што ја надмина катедралата во германскиот Улм, висока 161,53 метра. Во следните месеци се очекува кулата на Исус Христос да ја достигне својата крајна висина од 172 метра.
Темелите на базиликата се поставени во 1882 година, а Гауди починал пред да го види проектот завршен.
Последните децении работите се забрзани благодарение на милионите туристи што ја посетуваат црквата; минатата година ја разгледале 4,9 милиони луѓе, а приходите од билетите целосно се користат за финансирање на изградбата.
Комплетното завршување на Саграда Фамилија се очекува околу 2035 година, а 2026 ќе се одбележи 100-годишнината од смртта на Гауди со низа културни настани.


 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											