Свет
Путин и Макрон разговараа за безбедносните прашања во Европа
Претседателите на Русија и Франција, Владимир Путин и Емануел Макрон, разговараа за нацрт-договорот на Русија за безбедносните гаранции и за ситуацијата во Украина.
„Продолжија дискусиите за прашањата за зајакнување на стабилноста и безбедноста на европскиот континент. Фокусот беше ставен на нацрт-договорите меѓу Русија и САД за безбедносни гаранции и договори за безбедносни мерки за Русија и земјите членки на НАТО, кои беа предадени на релевантните страни, вклучувајќи ја и Франција“, соопшти Кремљ.
Рускиот претседател го информирал својот француски колега за работата на руската дипломатија по тоа прашање. Според соопштението од Кремљ, тие разговарале и за проблематичната ситуација во решавањето на внатрешниот конфликт во Украина, предизвикана од неподготвеноста на Киев да ги исполни договорите од Минск.
„Претседателот на Русија посочи дека можноста за одржување нов самит во нормандиски формат зависи од конкретните чекори преземени од Украина во однос на спроведувањето на Пакетот за мини“, се вели во соопштението на Кремљ.
За време на разговорите, двајцата претседатели истакнаа дека се задоволни од стабилизирањето на ситуацијата во Нагорно-Карабах и напорите што се прават за воспоставување мирен живот, обновување на економските и транспортните врски во регионот.
Кремљ, исто така, наведе дека Путин го привлече вниманието на Макрон на ограничувањата за информативниот канал „Раша тудеј“ во Франција и изрази надеж дека на медиумите ќе им се овозможат истите можности да работат без никаква дискриминација, како што го обезбедуваат француските медиуми во Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.

