Свет
Путин прогласи прекин на огнот за Велигден, Киев тврди дека Русите сѐ уште напаѓаат
Украинскиот претседател Володимир Зеленски утрово ја обвини Русија дека продолжува со нападите во текот на ноќта и покрај едностраното прогласување на прекин на огнот за велигденските празници.
„Генерално, на Велигденското утро можеме да кажеме дека руската војска се обидува да создаде општ впечаток за прекин на огнот, додека во некои области продолжува да се обидува да напредува на теренот и да нанесува загуби на Украина“, напиша Зеленски на X, цитирајќи информации од врховниот командант Олександр Сирски.
Зеленски наведува дека биле забележани 387 случаи на гранатирање и 19 напади на руските сили, а тие користеле беспилотни летала 290 пати.
„Нашите борци одговараат на непријателот на заслужен начин, врз основа на секоја борбена ситуација. Украина ќе продолжи да дејствува асиметрично“, додаде Зеленски во објавата на социјалната мрежа.
Рускиот претседател Владимир Путин им нареди на своите сили да ги прекинат нападите од 18 часот. Московско време во сабота до крајот на неделата. Католичките и православните верници годинава го слават Велигден на ист ден, што не е секогаш случај бидејќи Католичката црква го користи Грегоријанскиот, а Православната црква Јулијанскиот календар.
Зеленски и другите украински официјални лица беа скептични за краткорочниот прекин на огнот што Путин го објави во последен момент во саботата. Потоа на сите руски борци на украинските фронтови им го честита Велигден.
Во неделата Зеленски го повтори својот предлог за продолжување на прекинот на огнот за 30 дена за „да му се даде шанса на мирот“.
„Ќе дејствуваме во согласност со ситуацијата на теренот“, рече тој.
Руското Министерство за одбрана во саботата соопшти дека сите руски сили ќе го почитуваат прекинот на огнот под услов и украинската страна да го почитува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зетот на Трамп: Оваа средба е многу голема пресвртница
Зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, ја нарече средбата во Париз „многу голема пресвртница“, но предупреди дека трајниот мир бара „вистински заштитни мерки“.
Зборувајќи на крајот од прес-конференцијата, Кушнер рече дека Володимир Зеленски и Доналд Трамп имале обемни разговори во Мар-а-Лаго минатиот месец за безбедносните гаранции и дека, според него, тие „ги решиле повеќето, ако не и сите отворени прашања“.
„Но, мислам дека денес беше многу, многу голем чекор“, рече Кушнер, додавајќи дека тоа сè уште не значи дека ќе се постигне мир во Украина. „Ако Украина треба да склучи конечен договор, треба да знае дека по него ќе биде безбедна, дека има силно одвраќање и вистински механизми за да се осигури дека ова нема да се случи повторно“, рече тој.
Свет
Човекот на Трамп: Подготвени сме да направиме сè за да постигнеме мир
Американскиот пратеник Стив Виткоф рече дека Соединетите Американски Држави се „подготвени да направат сè што е потребно“ за да постигнат мир.
Зборувајќи по германскиот канцелар Фридрих Мерц, Виткоф упати многу попомирувачки тон од американскиот претседател Доналд Трамп, нарекувајќи го францускиот претседател Емануел Макрон „неверојатен човек“.
Виткоф рече дека тој и Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател, повторно ќе се сретнат со украинската делегација подоцна вечерва и дека „скоро завршиле со безбедносните протоколи“. Тој додаде дека се блиску до она што го опиша како „договор за просперитет“ за Киев.
„Сакам да го кажам ова: ние сме тука да посредуваме и да помогнеме во мировниот процес и сме подготвени да направиме сè што е потребно за да се стигне до таму. Претседателот Трамп цврсто и длабоко верува дека ова убивање мора да престане, дека крвопролевањето мора да престане“, рече Виткоф.
По него, Кушнер зборуваше кратко, велејќи: „Немам што да додадам, тоа беше кажано совршено“.
Свет
Германскиот канцелар: Америка и Коалицијата на волните имаат иста стратешка цел
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека новиот договор е „заеднички успех“ за Европа, Украина и САД.
„Новата година започнува точно како што заврши старата – со интензивна мировна дипломатија за Украина“, рече Мерц. Тој додаде дека Европејците, Украина и САД „во триаголник“ продолжуваат да градат врз напредокот постигнат минатата година во Берлин. „Ова е заеднички успех“, рече тој.
Мерц рече дека САД и коалицијата имаат „иста стратешка цел“ и дека денешниот фокус е на придонесот што Европа и партнерите можат да го дадат за Украина по прекинот на огнот. „Како коалиција на волните, ние ќе ги преземеме нашите одговорности“, рече тој.
Тој додаде дека Германија не ја исклучува можноста за присуство во една од земјите-членки на НАТО што се соседи на Украина една година по евентуалното прекинување на огнот. „Засега ништо не е исклучено“, рече Мерц.

