Свет
Путин: Русите и Украинците се еден народ
Рускиот претседател, Владимир Путин, ги опиша Русите и Украинците како еден народ. Тој исто така изјави дека Украина може да биде стабилна и успешна само доколку одржи пријателски врски со Москва.
Во статија објавена вчера Путин го обвини Киев дека нема намера да го почитува мировниот договор од 2015 година и да стави крај на конфликтот со проруските сепаратисти во источна Украина, пренесува „Асошиетед прес“.
„Убеден сум дека вистинскиот суверенитет на Украина е можен само со партнерство со Русија. Нашите духовни, човечки и цивилизациски врски се формираат со векови, вкоренети во истите извори и зајакнати со заеднички достигнувања и победи“, напиша Путин во текст објавен на страницата на Кремљ.
Реагирајќи на написот на Путин, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека тезата за братски нации го потсетува на библиската приказна за Каин и Авел. Според таа приказна, Каин го убил својот брат Авел.
Зеленски исто така изјави дека Путин нема време да се сретне со него, а има време да напише обемни написи.
„Немав време да го прочитам целиот напис бидејќи вчера имав важни состаноци. Можам само да завидувам на тоа што претседател на толку голема земја може да си дозволи да потроши толку многу време на толку детаљна работа. Јас, едноставно, не знаев на што го троши своето време, а сега го гледам резултатот“, рече Зеленски.
Москва и Киев се во непријателски односи од руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година, по соборувањето на прорускиот претседател на Украина, Виктор Јанукович. Повеќе од 14.000 лица се убиени во седумгодишниот конфликт во источна Украина, каде што Русија ги поддржува бунтовниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан го обвини Киев за обид за мешање во унгарските избори
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека украинските политички лидери, вклучувајќи го и претседателот Володимир Зеленски, испратиле исклучително агресивни и заканувачки пораки против Унгарија и нејзината влада.
Орбан му нареди на министерот за надворешни работи Петер Сијарто да го повика украинскиот амбасадор во Унгарија.
„Нашите национални безбедносни служби ги проценија неодамнешните украински напади и заклучија дека тие се дел од координирана серија акции насочени кон мешање во изборите во Унгарија“, рече премиерот.
Пред неколку дена, Виктор Орбан го критикуваше украинскиот претседател Зеленски, опишувајќи го како човек во очајна ситуација чии воени напори не би ги поддржал, објави Ројтерс.
„Украинците ќе бидат активни учесници во унгарската изборна кампања, бидејќи имаат директен интерес за нова влада во Унгарија“, рече Орбан на прес-конференција во Брисел претходно оваа недела.
Тој нагласи дека Унгарија нема да дозволи никому да го загрози суверенитетот или интегритетот на изборниот процес.
Парламентарното гласање е закажано за 12 април.
Свет
(Видео) Стармер со пилотски очила го имитира Макрон
Британскиот премиер, Кир Стармер, се пошегува на сметка на францускиот претседател Емануел Макрон за време на комичен настап во Лондон. Стармер на сцената стави пилотски очила за сонце, кои станаа заштитен знак на Макрон откако тој ги носеше минатата недела во Давос, и кратко порача „Бонжур“.
Настанот се одржа во театарот „Дачес“, во рамки на емисијата „Д Политикал парти лајв, каде што премиерот учествуваше во интервју пред публика.
Стармер ја сподели снимката од моментот на својот профил на „Тик-ток“, каде што го означи и самиот Макрон. Во описот напиша „Talk to me, Goose“, познат цитат од филмот „Топ ган“, кој го популаризираше токму таквиот стил на очила.
@keirstarmer @Emmanuel Macron ♬ original sound – Keir Starmer
Потегот предизвика смеа кај публиката во лондонскиот Вест Енд, а Стармер на водителот Мет Форде му рече дека би размислил да носи такви очила на идни состаноци.
Набргу потоа се пошегува дека сепак му се потребни неговите вообичаени очила, бидејќи без нив не би можел ништо да види во парламентот.
Емануел Макрон минатата недела ја изненади јавноста појавувајќи се на средба со светските лидери во Швајцарија со пилотски очила. Француските медиуми подоцна објавија дека претседателот со очилата ги прикривал последиците од пукање на крвен сад во окото.
Европа
Масовно повлекување на бебешка формула во 60 земји: две бебиња починаа во Франција, објави „Еуроњуз“
Некои од најголемите светски производители повлекуваат адаптирано млеко за бебиња, а француските власти истражуваат смртни случаи на две бебиња кои наводно го консумирале производот на „Нестле“ погоден од повлекувањето поради контаминација со цереулид. Француското Министерство за здравство потврди дека причинско-последичната врска сè уште не е научно утврдена, објави „Еуроњуз“.
Истрага во Франција и потврден случај во Белгија
„Нестле“ соопшти дека ја следи ситуацијата и целосно соработува со властите за да ги обезбеди сите потребни информации. Во исто време, владата во Белгија потврди дека едно дете се разболело во јануари оваа година откако консумирало контаминирана формула за бебиња на „Нестле“.
„Детето повраќало и имало водена дијареа, но за среќа целосно се опоравило во рок од десет дена. Со анализа на примероци од столицата на бебето, можевме да потврдиме дека болеста е предизвикана од контаминација со цереулид од производот на Нестле“, рече Јорис Муненс, портпарол на Министерството за грижа.
Потврдено е дека серискиот број на производот што ја предизвикал болеста во Фландрија припаѓа на сериите што се повлекуваат низ цела Белгија.
Што е цереулид и кои се симптомите?
Цереулид е токсин отпорен на топлина произведен од бактеријата Bacillus cereus кој може да се развие во храната. Најчестите симптоми на можна инфекција се повраќање и дијареја, кои се јавуваат кратко време по консумирање млеко, помеѓу 30 минути и три часа. Симптомите се многу слични на оние на стомачен вирус.
Потекло и извор на контаминација
Проблемот започна на почетокот на декември минатата година. На 10 декември, Nestlé Франција објави повлекување на формула за бебиња произведена во нивната фабрика во Нунспет, Холандија, поради сомневање за контаминација со цереулид. Контаминацијата беше откриена кај кинески добавувач на масло од ARA (арахидонска киселина), важна состојка во формулата за бебиња.
Француското Министерство за земјоделство објави дека од крајот на декември 2025 година, сите производители на формули за бебиња ширум светот кои користат масло од ARA од гореспоменатиот добавувач мора да спроведат свои анализи на ризик за да ја осигурат безбедноста на своите производи.
На почетокот на јануари 2026 година, Nestlé го прошири повлекувањето на други серии на производи во 60 земји, што го прави едно од најголемите повлекувања во историјата на компанијата, опфаќајќи брендови како што се SMA, Beba, Guigoz и Alfamino.

