Европа
Путин: Русија сака да стави крај на војната предизвикана од Западот
Рускиот претседател Владимир Путин, денеска, на самитот на БРИКС изјави дека Русија сака да стави крај на војната во Украина наведувајќи дека таа е предизвикана од Западот и неговите сателити.
Во видеообраќањето до лидерите на БРИКС, Путин повтори дека бил принуден на војна поради акциите на Киев и Западот. Украина и Западот тврдат дека руската инвазија е империјалистичко грабање земја.
Путин лично не дојде на самитот, кој се одржува во Јоханесбург, бидејќи му се заканува апсење врз основа на налогот на Меѓународниот кривичен суд (МКС). Во март МКС издаде налог за негово апсење за воено злосторство – илегално депортирање деца од Украина во Русија, потсетуваат медиумите.
„Само една работа ги диктира нашите акции во Украина, а тоа е да се стави крај на војната предизвикана од Западот и неговите сателити против луѓето што живеат во Донбас“, рече Путин мислејќи на источниот дел на Украина.
„Сакам да забележам дека желбата да се зачува нивната хегемонија во светот, желбата на некои земји да ја зачуваат таа хегемонија, доведе до сериозна криза во Украина.
Русија постојано изјавува дека е отворена за разговори за ставање крај на 18-месечната војна, но само доколку се земат предвид новите реалности создадени од руските сили, кои контролираат речиси една петтина од Украина.
Украина бара враќање на целата нејзина територија и заминување на руските сили“.
Путин исто така рече дека Москва ќе го искористи своето претседавање со БРИКС в година за да ја зајакне улогата на групата во светот како противтежа на глобалната доминација на САД.
Самитот на БРИКС ќе се организира во Казан во октомври 2024 година, рече тој. Зајакнувањето на БРИКС е дел од руската визија за поткопување на американската доминација и градење, според зборовите на Путин, „мултиполарен светски поредок“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

